Со исклучок на еден случај во текот на август минатата година, не дозволивме ширење на вирусот во рамките на работната околина, успеавме да ги заштитиме останатите вработени и добро да го управуваме отсуството на колегите кои се заразија со вирусот без значајни ефекти врз работниот процес – вели првиот човек на Одборотна диретори на Макстил
Пандемијата предизвикана од ковид-19 има големо влијание врз светската економија. Во тој контекст, што се случува со челичната индустрија?
– Влијанието и улогата на челичната индустрија во нашето секојдневие е големо, колку и да не е тоа воочливо и опипливо. Како основна, челичната индустрија е двигател на многу други индустриски и услужни гранки, меѓутоа е и под нивно директно влијание, кои во синџирот на додадена вредност се поблиску до крајните потрошувачи. Секаква осцилација на пазарот кај крајните потрошувачи неминовно се рефлектира назад на челичната индустрија. Оттука, пандемијата со ковид-19 и сите глобални здравствени, социјални и економски проблеми кои ги предизвика и сè уште ги предизвикува неминовно имаа големо влијание на челичната индустрија. Намалената доверба кај крајните потрошувачи имаше голем негативен ефект врз челикот. Поради физиолошката инерција, ефектот го осетивме подоцна од другите, меѓутоа целата неизвесност предизвика значајно глобално намалување на побарувачката и пад на цените во втората половина на 2020 година. Светот се соочи со една ситуација која последен пат се има случено пред 100 години и со која не беше добро подготвен да се справи. Беа воведени заштитни мерки какви што никогаш порано немаме видено и сите требаше да се навикнеме на една нова реалност за да одиме напред.
Од друга страна, кон крајот на минатата година добивме позитивни вести за можен близок излез од кризата со објавувањето на вестите за создавање вакцини. Тоа предизвика многу позитивно влијание на пазарите, а посебно во сферата на челикот. Во ситуација кога производството на челик во првите три квартали од 2020 година беше драстично намалено и беа искористени постоечките залихи, кон крајот на годината бранот на оптимизам и зголемена доверба на потрошувачите предизвика нагло зголемување на потрошувачката и на цените до таа мерка што за некои производи се регистрираат цени многу поголеми и од периодот пред финансиската криза од 2008 година.
Како се избори Макстил со ваквата ситуација во 2020 година?
– Макстил ја има предноста да е дел од Дуферко интернационал трејдинг холдинг (Duferco International Trading Holding [ДИТХ]), најголемиот светски трговец со челик, а преку ДИТХ сме дел од ХБИС (HBIS), третиот по големина производител на челик во светот. Бевме свесни за опасноста многу рано, уште кога вирусот се појави во Кина и кога најголем дел од останатиот свет сметаше дека епидемијата ќе остане локализирана таму. Првата наша грижа беше да ги заштитиме нашите вработени, а со тоа и сите процеси во компанијата. Заштитните мерки, кои потоа станаа и дел од државниот план за заштита на населението од вирусот, ги применивме многу рано, уште од почетокот на март 2020 година. Слободно можам да се пофалам со соработката од страна на сите вработени во Макстил и со тоа како, и покрај целата новонастаната ситуација, успеавме да се избориме со кризата. Со исклучок на еден случај во текот на август минатата година, не дозволивме ширење на вирусот во рамките на работната околина, успеавме да ги заштитиме останатите вработени и добро да го управуваме отсуството на колегите кои се заразија со вирусот без значајни ефекти врз работниот процес. Што се однесува до перформансите на компанијата, како што спомнав погоре, ефектот на пазарот го осетивме почнувајќи од летото минатата година. Пред крајот на годината, количината нарачки беше сериозно намалена и се размислуваше и за привремени прекини на производството. За среќа, меѓутоа и поради успешното менаџирање во кризни услови, кон крајот на 2020 година пазарот се врати и во овој момент гледаме со многу поголема доверба на блиската иднина. И покрај зголемените трошоци за работа, успеавме 2020 година да ја затвориме со позитивни финансиски и оперативни резултати. Остваривме производство од околу 180 илјади тони слабови и повеќе од 236 илјади тони лимови, продадовме 241 илјада тони лимови и реализиравме извоз во вкупна вредност од 51,7 милиони евра.
Во меѓувреме, во 2021 година дојде до одредено закрепнување на светската економија и пораст на цените на металите. Какви резултати се планираат и се остваруваат оваа година?
– Благодарение на намаленото производство и негативните предвидувања за светската економија, во втората половина на 2020 година глобалните залихи на челични производи беа речиси целосно исцрпени. Вестите за откривањето на вакцините и потребата од задоволување на основните потреби од челични производи предизвикаа ретко виден бум на пазарот. Успеавме максимално да ја искористиме нашата позиција и да го преточиме нашиот потенцијал во одлични резултати на компанијата во првите шест месеци од 2021 година. Втората половина од годината ќе биде сигурно уште подобра, меѓутоа влијание на резултатите ќе имаат и надворешните фактори како застарената инфраструктура во регионот (пред сè мислам на железничкиот транспорт), како и подготвеноста на државите да се справат со новиот пандемиски бран.
Да се вратиме на периодот на силниот удар од пандемијата. Што беше клучно во ефективното справување со ситуацијата и како „новите услови“ се одразија врз работата на Макстил?
– Сметам дека клучни во целата ситуација беа посветеноста и соработката на целиот тим, на сите вработени во Макстил. Важна улога одигра и раното добивање на информациите за опасноста од вирусот, како и флексибилноста на вработените да се прилагодат на новонастанатата ситуација и на новиот начин на работа. Веднаш формиравме Кризен штаб кој секојдневно ја следеше ситуацијата и реагираше таму каде што беше потребно. Вработените кои можеа да работат од дома беа упатени да го прават тоа, ослободениот простор го искористивме за намалување на концентрацијата на вработени во останатите канцеларии, воведовме две смени за работа во администрацијата, како и зачестено чистење и дезинфицирање на работните простории и површини. Во производните погони ја заменивме работата на мензите со делење индивидуални оброци, обезбедивме и таму зачестено чистење и дезинфекција, посебно при промена на смените. За време на траењето на полицискиот час го реорганизиравме производството за да немаме проблеми со патувањето до работа. Сето ова ги даде резултатите кои ги посакувавме, а беше можно само поради тоа што целиот колектив многу сериозно ја сфати ситуацијата и со посветеност и соработка се справи многу успешно со неа. Ќе повторам, горд сум на сите вработени на Макстил и на тоа како ја пребродуваме оваа ситуација.
Голем број компании во овој период како резултат на новонастанатата пандемиска ситуација ги замрзнаа иновациите и се придржуваа кон веќе докажани модели на работа. Сепак, тоа не беше случај и со Макстил. Каков пристап имавте Вие во овој период?
– Успешноста на една компанија не се мери само со финансиските резултати, многу е важна способноста за прилагодување на новонастанати ситуации и на одржување на развојот без разлика на новонастанатите ситуации. Во таа смисла, Макстил не отстапи ниту за чекор од тоа што го имавме испланирано и покрај сите тешкотии. Планираните инвестиции за подобрување на перформансите и за намалување на трошоците, иако со мали задоцнувања, беа успешно реализирани. Стратегијата за континуирано подобрување во сите аспекти останува и Макстил ќе продолжи по тој пат и во наредниот период. Освен стратегијата за подобрување на производните процеси, во изминативе две години Макстил започна и една сериозна кампања за заштита и подобрување на условите за работа на вработените. Ангажиравме консултант за безбедност и заштита при работа од Обединетото Кралство со кој заедно во рок од пет години сакаме да обезбедиме побезбедно и попријатно место за работа за секој вработен во Макстил. Следствено на таа стратегија инвестиравме многу и во „непродуктивни“ средства и опрема како нови простории за пресоблекување и лична хигиена на вработените, нова лична заштитна опрема, нови простории за работа во погоните итн. Покрај капиталните и оперативните инвестиции, и овие инвестиции остануваат во плановите и ќе продолжиме да ги реализираме и понатаму.
И покрај тешката година не изостанаа инвестициите. Кои вложувања би ги издвоиле како приоритетни?
– Во изминативе години Макстил годишно инвестираше по околу 300 милиони денари (5 милиони евра). Околу 80 % од овие износи се наменети за замена на застарени технологии во производството, подобрувања на производниот процес и заштеди во оперативните трошоци, односно брзо исплатливи инвестиции. Тука би ги спомнал уште модернизирањето на погонот на валачкиот стан, автоматскиот секатор за слабови и двата нови крана во валалницата, мобилните дигалки и камиони и разна процесна опрема во челичарницата, како и многу други помали инвестиции. Останатите 20 % од инвестицискиот буџет беа реализирани за проекти за подобрување на условите за работа на вработените (заштитна опрема, соблекувални и тушеви, работни кабини, санитетски јазли, канцеларии итн.). Благодарение на позитивните резултати од оваа година планираме во наредниот период да го интензивираме инвестирањето во компанијата, најмногу во проекти за замена на застарена и ненадежна технологија, како и проекти за автоматизација на одредени процеси од производството.
Освен А-интегрираната еколошка дозвола, во овој период Макстил започна и една ретка кај нас транспарентна практика за јавно објавување резултати од мерењата на емисиите во воздухот. Зошто ја започнавте оваа пракса и кои се Вашите очекувања од неа?
– Во ниеден момент на работењето во Макстил немало двоумење за потребата од заштита на човековата средина, како за нашите вработени, така и за нашето опкружување. Делумно поради видот на индустријата, меѓутоа многу повеќе поради тој наш став да ја заштитиме животната средина инвестиравме преку 750 милиони денари (12 милиони евра) во филтерската станица во челичарницата. Со ова сме единствени во државава, а и пошироко.
Ја имаме А-интегрираната дозвола од нашето МЗЖСПП, како и сертификат според ИСО 14001 добиен од овластена инспекторска куќа од ЕУ. За жал, и покрај тоа, во јавноста сè уште постои некоја недоверба во насока на тоа дека Макстил е загадувач и е еден од причините за аерозагадувањето во Скопје. Од таа причина решивме да ги отвориме картите и на целата јавност да ѝ ги соопштиме вредностите на емисијата на ситни честички во воздухот од нашите погони. Со новата применета технологија вредностите се многу под сите гранични вредности на државава и на ЕУ, дотаму што воздухот што излегува од оџакот на филтерската станица е почист од околниот воздух. Со оваа пракса ќе продолжиме и понатаму, а сметам дека секоја компанија која држи до себе треба да го направи ова.
Во истиот период не изостана ни општествениот ангажман. Како успеавте да избалансирате меѓу потребите на компанијата и потребите на заедницата?
– Потребите на заедницата се и наши потреби, Макстил со своите речиси 1 000 вработени несомнено е дел од заедницата, па затоа тука сметам дека не станува збор за балансирање, туку за вложување во вредности кои се важни за сите нас и ќе имаат позитивно влијание на идните генерации. Како најважен би го издвоил проектот за реновирање и опремување на Одделот за неонатологија на Универзитетската клиника за детски болести. Таму сме покровител и веќе неколку години во континуитет инвестираме во подобрување на условите во овој оддел. Со последната донација од 2 милиони денари (35 илјади евра) направивме значајно унапредување на одделот во однос на капацитетите, на условите и на потребната апаратура. На почетокот на 2021 година одобривме донација во висина од речиси 10 милиони денари (150 илјади евра) за целосна реконструкција на Одделот за онкологија при истата болница. И тоа ќе продолжи и понатаму и поопширно. Ја поддржуваме работата на Факултетот за ликовни уметности каде што изградивме традиција на создавање уметнички дела од страна на студентите со старо железо или лимови од Макстил. Соработуваме и со општинските власти и помагаме со донации или нематеријална помош таму каде што е потребно, поддржуваме спортисти и лица со попреченост, донираме оброци за ранливите категории итн. На некој начин, и покрај сите тешкотии и кризата, се трудиме да помогнеме таму каде што е најпотребно. (Остатокот од интервјуто прочитајте на konomijaibiznis.mk/News.aspx?IdNews=24291&fbclid=IwAR0lvq4fBNFvcKhZy9hEA5HeZVslyrYjo3UmPlyo_ZB5Cph70OD3VBh6eaI)
(Економија и бизнис)