Поскапуваат храната и нафтата – дали ценовниот бран се ближи кон Македонија ?
АНЕТА ДОДЕВСКА
Цените на горивата во земјава веќе се враќаат на ниво од пред почетокот на корона кризата, храната, односно пченката и пченицата веќе се со повисоки цени на светските пазари, поскапуваат и железото и другите метали. Трендовите на светските пазари укажуваат на тоа дека посткризно-следува ценовен бран, пишува „Порталб“ Домашната статистика веќе регистрираше раст на цените на мало за 1,6%. Во јануари живеачката станала поскапа – регистрирани се повисоки трошоци за храна, горива, струја, алкохол, пијалаци.
Цените зголемени за 1,6 отсто – живеачката „поскапа“ за 1.000 денари …
Првиот месец од годинава во знакот на ценовен раст – повисоки цени на земјоделските и индустриските производи, на прехранбените, на пијалоците, на услугите, регистрираа новите статистички мерења. Во јануари годинава во споредба со истиот месец лани цените на мало се зголемени за 1,6 отсто..
Граѓаните велат дека иако не на “голема врата“, сепак цените на одредени производи “тивко“ се зголемуваат.
“Да, цените се зголемени. Еве во аптеките бедоксинот чинеше 40 – на денари, а сега е околу 150 денари. Купив капки за очи, ги платив 215 денари, а преходно чинеа околу 100 до 120 денари“ – вели една скопјанка.
Мерењата во првиот месец од годинава освен што измерија инфлација од 1,6%, очекувано покажаа раст на трошоците на живот – за 1,9% поголем во однос на јануари 2020 та. Најмногу, за дури 8% се зголемени трошоците за алкохол и тутун, а за 4,4% се зголемени за сметки, домување, горива. Но, позначајно зголемување е регистрано и кај храната за 2,3% – ставка која најмногу го “тенчи“ семејниот буџет. За дури 13 % се зголемени трошоците за масла и масти, за 3,5% за овошје, а 3,3% за зеленчук додека за електрична енергија, гас и горива трошоците се со пораст од 5,3%.
Анализите на светските пазари упатуваат на тоа дека оваа 2021 ва, која треба да биде година на економско заздравување, е под “закана“ од ценовен бран. Така, нафтата на светските пазари веќе е со нагорен ценовен тренд, а очекувањата се дека ќе расте и цената на стратешките земјоделски производи – пченката и пченицата.
“Последните оценки за цените на примарните прехранбени производи упатуваат на нагорна ревизија за 2020 и 2021 година. Поголемиот раст на цената на пченицата во двете години во најголема мера се должи на очекувањата за пониско производство на пченица на глобално ниво, како и на најавите за воведување на данок на извоз од страна на Русија (во периодот 15.2 ‒ 30.6.2021 година) – се наведува во еден од најновите извештаи на Народната банка и се додава:
“Кај цената на пченката е проектиран поголем раст во 2021 година од предвидениот во октомври. Ваквите ревизии кај пченката се резултат на загриженоста околу понудата од Јужна Америка, заради подолготрајната суша, како и очекувањата за поголема побарувачка, во најголем дел од Кина. Воедно, проекциите за пониски залихи и слабиот долар се дополнителни фактори за раст на цените на житарките“
Прогнозите навестуваа тренд на ценовен раст кој веќе се прелева и кај нас и се рефлектира во секојдневната живеачка. Според податоците од ССМ – растат трошоците за живот. Во декември биле потребни 548 евра за да се подмират основните месечни трошоци што е за скоро 1000 денари повеќе во споредба со истиот месец 2019 та година.
Сумирано – дури 74% од трошоците се само за храна и за сметки, по околу 7% се за хигиена и превоз додека 2% се за одржување на здравјето. Просечната нето плата во земјава изнесува 448 евра со тенденција на пораст во изминатата година.