Граѓаните самите се организираа и преку бојкот на маркети крена глас против високите цени и енормните поскапувања. Од УЈП велат дека во петокот прометот во осумте најголеми маркети паднал на околу 46 отсто од претходниот петок

Во осумте поголеми синџири на маркети вчера е забележан пад на вкупниот промет за 46,59 отсто во споредба на минатиот петок, информира Управата за јавни приходи (УЈП). Како што посочуваат од УЈП, вчера е забележан и пад од 46,29 проценти на вкупниот промет на осумте поголеми синџири на маркети во споредба со завчера.
Податоците од системот за регистрирање на готовински промет (GPRS), односно регистриран готовински промет во осумте поголеми синџири на маркети на територијата на целата држава за деновите 24, 30 и 31 јануари 2025 година покажуваат дека на 31.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 114,293,367 денари. Во четврток, 30.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 212,782,151 денари, а во петок, 24.01.2025 година до полноќ, во GPRS системот на УЈП е регистриран вкупен промет во износ од 213,985,705 денари, прецизираат од УЈП.
Најавуваат дека ќе продолжат со мониторирање и анализа на овие трендови, како и информирање на јавноста за сите важни податоци кои ќе имаат влијание на економијата.
Вчера во земјава, како и во повеќето земји од поранешна Југославија, купувачите ги бојкотираа големите синџири на маркети заради енормното зголемување на цените. Иницијативата беше поттикната од Хрватска каде купувачите веќе втор петок по ред ги бојкотираат маркетите. Во сите земји е потврдено дека прометот во маркетите вчера е намален за околу 50 отсто. И покрај најавените акции од маркетите со пониски цени се очекува бојкотот да продолжи и во наредниот период.
Претходно премиерот Христијан Мицкоски изјави дека инспекторите се на терен во сите поголеми супермаркети, се прави детална анализа, при што според првичните сознанија она за што биле загрижени во однос на цените е всушност реалност. Повеќе детали за анализите најави од понеделников.
– Да, излегоа на терен сите институции, повеќе информации би имал од понеделник, но можам да кажам дека се наоѓаме буквално во сите поголеми супермаркети и се прави детална анализа, повеќе информации ќе можам да споделам со јавноста од понеделник. Но, можам да кажам дека делот од она што бевме загрижени, односно нашите стравувања стануваат вистина и реалност, така што делуваме и ќе продолжиме да делуваме. Како Влада имаме обврска да го штитиме стандардот на граѓаните, истакна денеска Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање по присуството на настанот во Кочани на кој беа доделени клучеви од новата зграда наменета за социјално ранливите семејства во општината.
Од СДСМ додаваат дека бојкотот е порака и за власта на Мицкоски која не ги заштити граѓаните, не презеде навремени и ефикасни мерки и не го спречи растот на цените. Токму Мицкоски, на 5 декември 2024 година, на прес конференција во Владата ја промовираше „кошничката“ и рече дека над 600 производи ќе поевтинат. Па потоа тераше евтини ПР кампањи и ги убедувавте граѓаните дека кошничките имаат ефект, дека цените се намалени. Но, наместо да се намалат, цените се зголемија. Затоа што Владата им оставив време на големите трговци да ги покачат цените на производите пред да стапи мерката во сила.
Буквално се поскапе, јавуваат од истиот извор. Зејтинот, јајцата, млечните производи, шеќерот, грашокот, гравот, леќата….Синдикалната кошничка се искачи на 63 илјади денари а платите стагнираат. Дестина милиони евра се испумпани од џебовите на граѓаните.
Сиромаштијата расте а власта нема економски мерки и политики кои ќе одговорат на потребите на граѓаните.
СДСМ предлагаше конкретни мерки и решенија за да се спречи растот на цените, како законот за намалување на ДДВ на храната на 0%, законот за зголемување на минималната плата, предлозите за зголемување на платите по сектори. Но, арогантната власт тоа го одби.
Затоа, целосно е разбирлив револтот на граѓаните од поскапувањата и начинот на којшто тоа го покажаа.
Додека владата на Мицкоски е летната во облаци и мисли да купува авион Македонија се најде на третото место во Европа според поскапувањето на лебот, покажаа последните податоци на Евростат.
Огромна е скапотијата, граѓаните се борат да преживеат и да ги задоволат основните потреби а владата не презема ништо. Цените на основните производи се вивнати до небо, потрошувачката кошничка за само еден месец поскапе за 400 денари и достигна рекордни 63.000 денари.
Ова е директен резултат на погрешните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кои ги фаворизираат богатите елити, а ги забораваат граѓаните.
Големата скапотија и високите цени ги изедоа приходите на македонските семејства и тоа е закана за зголемување на сиромаштијата.
Немаме за леб а купуваме чоколадо е повторно дел од политиките на оваа власт.
СДСМ бара владата да престане да води инает и да ги прифати предлозите на СДСМ за:
– укинување на ДДВ-то на основните прехранбени производи.
– Зголемување на минималната плата и платите во останатите ресори.
– Да преземе мерки за контрола на цените на храната и енергенсите