Пендаровски: Минатата година на референдумот, 600 илјади проевропски граѓани гласаа „за“, јас бев избран со 440 илјади гласови, што значи дека проевропскиот табор изгуби сто илјади гласови, рече Пендаровски. Според него, Северна Македонија нема план Б доколку нема преговори летово со ЕУ
Претседателот Стево Пендаровски од Брисел мината недела порача дека „заморот од проширувањето“ на кој се повикува Европската Унија го чувствува и Северна Македонија, која се наоѓа во чекалната од 2005-та година.
Пендаровски, на конференција организирана од тинк-тенкот „Пријатели на Европа“, одговарајќи на прашања од публиката, потсети дека Северна Македонија, по четиринаесет години и десет позитивни препораки од Европската Комисија, е рекордер во чекање старт на пристапните преговори со Европската Унија.
Заморот од проширувањето се наоѓа од двете страни, ЕУ вели дека приемот на некои земји за време на големото проширување кон истокот не дал задоволителни резултати, но кај нас народот е навистина преморен од чекање, одговори претседателот Пендаровски.
Тој потсети дека се исполнети сите реформи кои се бараа од Северна Македонија за почеток на преговори и дека земјата испорачала за спорот со името.
– И сега што? Повторно треба да чекаме? На чија страна е заморот?, праша Пендаровски.
Тој истакна дека целосно поддржува отворање на преговорите со ЕУ за Албанија, но истакна и дека постои сомнеж кај одредени владејачки елити во Унијата околу тоа што би можело да се случи доколку се одвојат Албанија и Северна Македонија во процесот на добивање преговори за членство.
– Некои велат дека не е добро да се одвојат двете земји ако се има на ум дека во наредните месеци, меѓународната заедница треба да се справи со косовското прашање и да ги доведе Приштина и Белград до заедничко решение, и нивниот аргумент е дека без сериозна поддршка од Косово и пред сѐ од Република Албанија, косовските Албанци нема да навлезат сериозно во овие преговори. Има некои аргументи тука, но од друга страна ако се ценат постигнувањата, ние направивме сѐ што требаше и направивме нешто што никој не го направил – го сменивме името на нашата земја, изјави претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека на своите гласачи им објаснува дека одлуката да се промени името на државата е донесена поради Европската Унија, и дека доколку ЕУ не го испорача својот дел, луѓето ќе бараат алтернатива.
-ЕУ го кажа тоа што го кажа минатиот јуни, ние го направивме тоа што го направивме, Албанија го направи тоа што го направи во последната година, тоа што сакаме е фер шанса, судете ни врз нашите заслуги или грешки ако ги има, но не велете ни дека сега доаѓа летниот одмор, доаѓа нова Европска Комисија, па се споменува есенската седница на Бундестагот, ве молам, нагласи Пендаровски.
Тој додаде дека јуни 2019 како датум во минатогодишните заклучоци на Советот на ЕУ за одлука за преговори беше одбран поради изборите за Европски Парламент.
– Рекоа веднаш по европските избори, сега поминаа изборите, и ние чекаме, рече Пендаровски и потсети дека пораката на европскиот претседател Доналд Туск утринава беше токму дека „проблемот сега не е кај вас, туку кај нас“.
поред Пендаровски, треба да се има на ум исто така дека голем дел од проевропските граѓани изгубиле надеж во европската идеја, судејќи по изборните резултати од референдумот и од претседателските избори.
– Минатата година на референдумот, 600 илјади проевропски граѓани гласаа „за“, јас бев избран со 440 илјади гласови, што значи дека проевропскиот табор изгуби сто илјади гласови, рече Пендаровски.
Според него, Северна Македонија нема план Б доколку нема преговори летово со ЕУ.
-Јас не гледам никаква одржлива алтернатива, рече претседателот, и предупреди дека во наредниот период ќе биде многу важно што ќе се случува со Косово и Србија.
Во тој контекст тој оцени дека идејата за размена на територии е „една од најужасните идеи“.
-Тоа ќе предизвика веднаш конфликт, алармираше Пендаровски и оцени дека не смее да се зборува за промени на граници во овој регион.
По повод посетата на претседателот Стево Пендаровски на Брисел, партијата на Европските Зелени бараат од земјите членки на Европската Унија итно да отворат преговори со Северна Македонија, јави дописникот на МИА.
Ние, Европските Зелени, ги повикуваме итно земјите членки на ЕУ да помогнат за отворање на пристапните процеси со Северна Македонија. Блокирањето на оваа важна одлука сега би значело грешка од историски димензии, би имало екстремно негативни последици за европската безбедност, за стабилноста на Балканот и за кредибилитетот на ЕУ на меѓународната сцена. Тоа би било и ужасно предавство кон народот во Северна Македонија, соопшти ко-претседателот на партијата, Рајнхард Бутикофер.
Зелените истакнуваат дека Владата на Северна Македонија покажала доверба во европската демократија и верба во политиката на отворени врати на ЕУ преку склучувањето на договорот со Грција, потврден од граѓаните на референдум.
– Јасно е дека овој пат нема да се изоди инстантно, ќе треба време и напор и без целосна имплементација на Копенхашките критериуми, зачленувањето ќе биде невозможно, но Северна Македонија се избори, преку своите дела, за правото конечно да почне да напредува кон целосно вклучување во европското семејство на нациите, сметаат Европските Зелени, на помалку од една недела до клучниот Совет на ЕУ на кој би требало да се расправа за ова прашање.
Зелените ги повикуваат владите на земјите членки на ЕУ да покажат „барем половина од храброста што ја покажаа граѓаните на Северна Македонија“ и да дадат зелено светло за преговори со ЕУ.
Претставниците на земјите-членки на ЕУ кои учествуваа на денешниот Состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) во Трст, порачаа дека е круцијално носењето одлука за почнување преговори на нашата земја со ЕУ, без одлагање.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров во своето обраќање подвлече дека прв пат во својата историја, нашата држава нема проблеми со ниту еден сосед.
– Разлики ќе постојат, но полесно се совладуваат доколку односите со соседите се пријателски. Токму тоа ние го направивме, станавме партнери и пријатели со сите наши соседи. Проблем на една земја, претставува проблем за сите во регионот. Исто така, прогресот и добрите вести на таа земја, се пренесуваат и на останатите. Нашата визија за регионалната соработка е ова второто – сите да помогнат каде што има проблем, но и сите да го поддржат добриот пример, истакна Димитров.
Во контекст на позитивните ефекти од добрососедската политика и соработка, тој ги наведе и предизвиците кои може да се надминат, како што напомена, единствено со заеднички напори, континуирана соработка и доверба.
Министерот Димитров се осврна и на потребата за поблиска соработка на ЦЕИ со ЕУ, во рамките и духот на европските вредности. Според него, единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската – потесна соработка, поголема трговија и волја за решавање на проблеми.
Поздравувајќи ја силната заложба и посветеност на Италија во текот на првата половина од претседавањето со ЦЕИ, Димитров го нагласи значењето и улогата на ЦЕИ во изминативе 30 години, како во насока на стабилизирање на регионот, така и за прашањата поврзани со неговата безбедност и одржлив развој:
На крајот на Состанокот беше усвоена Декларацијата Трст со која се потврди важноста на проширувањето на ЕУ во регионот на Западен Балкан. Се истакна значењето на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, за целиот регион.
Министерот Димитров nа маргините на Состанокот, оствари средби со своите колеги од Хрватска, заменик-претседател на Владата и министер Пејчиновиќ-Буриќ, од Словенија, Церар, и од Црна Гора, Дармановиќ. На средбите беше потврдена безрезервната поддршка од трите блиски и пријателски земји, како и нивната заложба за добивање одлука за почнување пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ.
ЦЕИ ја сочинуваат 17 држави од централна и југоисточна Европа, а нејзината цел, како меѓувладина платформа за консултации на високо ниво, е да ја поддржи европската интеграција на земјите-членки и регионалната соработка како меѓу земјите, така и во рамките на ЦЕИ со ЕУ. На годинашниот министерски состанок во Трст беше потврдено дека Црна Гора ќе биде идниот претседавач со ЦЕИ во 2020 година.