Париз и Хаг инсистираат дека Преспанскиот договор не е доволен и дека е неопходно исполнување на реформите и конкретни резултати во нивната имплементација, пред сѐ, во борбата против криминалот и корупцијата и правосудството

Словенечкиот министер за надворешни работи, Миро Церар, во понеделникот изјави дека Словенија силно поддржува почеток на преговори со Северна Македонија во јуни и дека би било многу лошо ако ЕУ не ги препознае напорите кои ги прави земјата, јави дописничката на МИА од Брисел.
Церар учествуваше и на средбата помеѓу министрите за надворешни на ЕУ со македонскиот министер Никола Димитров и вицепремиерот Бујар Османи, каде ги пренел истите заложби на неговата земја. Словенечкиот министер ја истакнал важноста на постигнувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор, како и на Договорот со Бугарија, но и реформските напори, рече тој попладнево пред новинарите во Брисел.
– Би било многу лошо за Европа ако не го препознае тој напор, таа подготвеност за компромис, таа посветеност кон реформите кои ги покажува Македонија, а највеќе ќе трпи европската идеја за интеграција и би било големо разочарување за жителите на Република Северна Македонија, изјави Церар.
Словенија, како и бројни земји членки на ЕУ, сметаат дека Македонија треба да добие зелено светло за почеток на преговори во јуни и дека земјата заслужува да биде наградена за постигнатиот компромис со Грција, откако лани оваа одлука беше одложена. Но, Франција и Холандија остануваат многу скептични, во голем дел поради претстојната изборна кампања за Европскиот Парламент и домашната политика. Како што објаснуваат дипломатски извори за МИА, она што е различно оваа година во однос на претходната е дека Преспанскиот договор е потврден, изгласан и се спроведува што е аргумент помалку за земји како Франција.

Но, Париз и Хаг инсистираат дека Преспанскиот договор не е доволен и дека е неопходно исполнување на реформите и конкретни резултати во нивната имплементација, пред сѐ, во борбата против криминалот и корупцијата и правосудството.
Одлука никој не очекува да има додека не поминат европските избори на крајот на мај. Како што објаснуваат дипломатите во Брисел за МИА, по изборната кампања „можеби ќе може посмирено да се разговара за теми како проширувањето“.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје.
На средбата е изразена поддршка за процесот на интеграција на Република Северна Македонија во НАТО и е истакната важноста од евроинтеграциите, во момент кога земјата бележи резултати на планот на реформите и добрососедските односи.
Заклучено е дека сите во државата треба да се посветат на заокружување на реформскиот процес, посебно во правосудството и на успешни претседателски избори, што ќе и овозможи на државата да продолжи напред.
– Ова се клучни моменти за евро-атлантската иднина на државата. Владата го знае својот дел од одговорноста и заедно со сите политички и општествени чинители во државата, вклучувајќи го и дијалогот со опозицијата, мотивира имплементација на реформите, посебно во делот на правосудството со цел добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни, како и успешно заокружување на процесот на НАТО интеграциите, до крајот на годината. Истовремено посветени сме на обезбедување регуларен и успешен изборен процес за претседател на државата и очекуваме сите во државата да го имаат предвид својот дел од одговорноста во овој значаен период за Република Северна Македонија, рече премиерот Заев.

На средбата е разговарано и за поддршката што Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје ја обезбедува на нашата држава, експертска и друг вид потребна помош, во процесот на целосно интегрирањe во НАТО.
– Нашата цел е Република Северна Македонија, низ учеството во мисиите на НАТО, опременоста на Армијата, преку постепеното зголемување финансиски средства за Армијата, да биде достоинствена 30-та земја членка на НАТО, рече премиерот Зоран Заев, на средбата со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, Зоран Јанковиќ.