Денес 44 отсто од вработените во ЦИА се жени, 25 отсто припаѓаат на малцинствата, додека 6 отсто се лица со посебни потреби.
АНЕТА ШИЈАКОВА
Денес 44 % од вработените во ЦИА се жени, 25% припаѓаат на малцинствата, додека 6% се лица со посебни потреби
За прв пат во историјата пет жени се наоѓаат на клучни позиции во Американската централна разузнувачка агенција ЦИА.
Дел од нив, по повод меѓународниот ден на жената, своите искуства ги споделија на трибина во Вашингтон.
Три жени – три приказни, со заеднички именител: сите се на истакнати високи позиции во ЦИА. На Соња Холт првиот контакт со Агенцијата ѝ бил во средно училиште кога биле презентирани можности за вработување. На 18 години станала дел од ЦИА. По 36 години работно искуство вели дека менторството е клучно за ангажирање на најквалитетните кадри.
„Многу е важно за да се создаде чувство на припаѓање и инклузија во секоја агенција. Затоа сакаме да бидеме сигурни дека секој се гледа себеси како дел од Агенцијата“, вели Холт.
Но 20 години порано не била ваква ситуацијата. Лидерството во ЦИА се менува, вели Елизабет Бетси Дејвис. Експертите станаа лидери, вели таа, а жените меѓу нив заземаат се` позначајни улоги.
„Голем дел од нашиот лидерски тим го сочинуваат жени. Работиме на тоа да се идентификуваат вистинските таленти на следната генерација, да бидат поставени на вистинските места и поврзани со вистинските луѓе“, вели Дејвис.
Но, овие жени, кои често имаат работни обврски како што често гледаме во филмовите на Џемс Бонд, тие се и мајки.
Дејвис не само што успешно го носи товарот на работата, таа е мајка на пет деца.
„Дали е пречка? Апсолутно не. Дали е предизвик? Да, понекогаш е предизвик. Но, животот треба да го исполните со работи кои ви значат“, вели Дејвис.
Сите три успешни жени за своето искуство зборуваа на трибината организирана од Центарот за стратегиски и меѓународни студии.
„Работев со НАСА и со други агенции, но не сум на била на место каде толку многу се инвестира во тренирање на лидери и во пренесување на искуства на луѓето за да може тој тренинг да функционира“, вели Мајерикс.
Денес 44 % од вработените во ЦИА се жени, 25% припаѓаат на малцинствата, додека 6% се лица со посебни потреби.
„Сестринство на шпиони“ е насловот што американската телевизија НБЦ и го даде на американската шпионска агенција ЦИА минатиот јануари. Причина за таквото именување е тоа што во моментов сите клучни позиции во главните директорати ги држат жени.
Најновото од именувањето жени на високи позиции во ЦИА е тоа на Синтија „Диди“ Реп, којашто директорката на ЦИА, Џина Хаспел, ја именуваше за заменик-директор за аналитика, што е всушност највисоката аналитичка позицијата во агенцијата. Поставувањето на Реп на тоа место значи дека трите главни оддели во ЦИА, за аналитика, за операции и за наука, сега ги предводат жени.
Хаспел, којашто е прва жена директор на ЦИА, претходно на позицијата заменик-директор за операции ја именуваше Елизабет Кимбер, како прва жена на таа позиција. Со тоа, Кимбер стана одговорна за целокупната шпионска мрежа на ЦИА ширум Светот.
Кимбер и Реп и се придружија на Дони Мајерикс, заменичката-директор за наука и технологија, формирајќи го триото на чело на највисоките извршни позиции во традиционалните центри на моќ на агенцијата.
Ова е првпат во историјата сите три директорати да ги предводат жени, иако околу 50 отсто од вработените во агенцијата се жени, наведува Британи Брамел, директорката на ЦИА за јавни прашања.
Диди Реп внесува широка, длабока експертиза од агенцијата и разузнувачката заедница во својата нова улога на шефица на Директоратот за аналитика. Со својот ангажиран стил на лидерство и репутацијата на објективна личност, Диди ќе успее во водењето на нашиот талентиран аналитички кадар – изјави Брамел.
Реп, која е експерт за Блискиот исток, беше директорка на отсекот за јавни прашања под водство на директорот Дејвид Петреус и заменк0директор под водство на Хаспел. Таа го следеше и составувањето на дневниот брифинг за претседателот додека беше во кабинетот на директорот на Разузнувачката служба на САД (ДНИ).
Нејзините сопруг, татко и мајка исто така работеле за ЦИА, наведува НБЦ.
Хаспел, во првите месеци откако ја презема функцијата директорка на агенцијата во мај 2018 година, ја именуваше и Кортни Симонс Елвуд за генерална советничка во агенцијата, како и Соња Холт за директорка надлежна за разноликост.
(Како апликација на ткстот Глобус користеше и информација на тв станицата НБЦ. Опремата е на Глобус)