Оние кои лани нè навредуваа, оние кои ги толерираа нападите со молотов врз домовите на пратениците кои гласаа во Парламентот, оние кои договорот го нарекуваа предавнички, штетен договор. Сега истите тие доаѓаат и велат дека не само што ќе го спроведат, не само што ќе се придржуваат до верно спроведување, туку и ќе го почитуваат.- потсетува денес Ципрас
Онаму каде што навистина господинот Мицотакис и Владата се надминаа себе си во хипокризија и демагогијата е Договорот од Преспа, порача лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во неговиот говор во рамки на 84. Меѓународен саем во Солун,. Поранешниот грчки премиер изнуди силни аплаузи и овации од присутните кога во обраќањето се осврна на Договорот од Преспа, особено во делот во кој ја обвини актуелната влада за хипокризија и демагогија, но и за „импресивно салто“ во конкретното прашање.
Рече дека за конкретното прашање, претходната влада била навредувана и притисната да дава објаснувања, затоа што го одбранила „националниот интерес и мирниот соживот со соседите“.
Се осврна и на ланските протести пред конференциската сала „Велидио“, каде што секоја година се одржува саемот, прашувајќи се каде се сега, „борците за Македонија“ (македономахи).
– И денес оние кои ги толерираа собирите на наводните „македономахи“ и наводни патриоти- навистина каде се сега? Оваа година никој не ги виде пред „Велидио“. Оние кои лани нè навредуваа, оние кои ги толерираа нападите со молотов врз домовите на пратениците кои гласаа во Парламентот, оние кои договорот го нарекуваа предавнички, штетен договор. Сега истите тие доаѓаат и велат дека не само што ќе го спроведат, не само што ќе се придржуваат до верно спроведување, туку и ќе го почитуваат. Да, ќе го почитуваат. И им велиме, многу добро ќе направите што ќе го почитувате. Тоа е договор што вреди да се почитува од секоја влада, но на овој начин правите, вашето салто да изгледа поимпресивно од тоа што навистина е, порача поранешниот грчки премиер во неговото обраќање.
Лично јас сум многу горд на Договорот од Преспа, договор што останува и ќе остане во историјата, рече лидерот на грчката опозициска партија СИРИЗА, Алексис Ципрас одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун.
Поранешниот грчки премиер, ја спомена политичката цена, велејќи дека иако била голема не потклекнал и е горди што го сториле тоа, бидејќи направиле чекор напред за Грција и за зајакнување на кредибилитетот на земјата, jави МИА од Солун.
Договорот од Преспа е договор ќе остане во историјата, јас лично сум многу горд за него, бидејќи не се повлеков пред очигледната политичка цена што ќе ја имав, откако ја видов апсолутно лицемерната позиција на лидерот на тогашната опозиција. Два пати сум горд. Еднаш сум горд, бидејќи решивме еден Гордиев јазол во нашата надворешна политика, ги поставуваме основите и предусловите за мир и добрососедство, приближуваме до нас сојузник, кој за жал го имавме спроти нас претходните години. Го добиваме грчкиот карактер, културното наследство на Македонија, рече Ципрас.
Во однос на реакциите од граѓаните, особено од северниот дел на земјата, поранешниот грчки премиер им порача да седнат и трезвено да размислат, дали Грција, со Договорот од Преспа доби или изгуби работи, особено за тоа дали земјата доби или изгуби кога стекна сојузник во регионот и не ја остави отворена вратата за, како што рече Ципрас, „трети земји да играат одлучувачка улога во регионот на Балканот, а особено на границата“. Паралелно, уште еднаш упати критики до Нова демократија за хипокризија и дволичност во однос на договорот.
– Нека седнат трезвено и во главно самите нека донесат заклучоци за онаа лицемерна позиција, за дволичноста на тогашната опозиција, која тогаш говореше за предавство, а сега вели дека за овој, инаку „предавнички договор“, не само што ќе се придржува до него, не само што единственото што ќе го направи е да се придржува до верно спроведување, па дури и ќе го почитува, како што кажа госпоѓата Бакојани завчера. Секој нека си донесе заклучок за тоа што е популизам и што не е популизам, порача Ципрас, на денешната прес-конференција во Солун, одговарајќи на новинарско прашање.
Ципрас истакна дека Мицотакис, за време на неговиот говор на свеченото отворање на саемот во Солун минатата сабота не кажал ниту збор дека благодарение на Договорот од Преспа, Грција е примена во Берлинскиот процес, како и во кинеската иницијатива 16+1, што стана 17+1, дека благодарение на договорот, „процветаа трилатералните и квадрилатералните соработки“, а Солун има надградена улога на Балканот.
Лидерот на СИРИЗА и поранешен грчки премиер, за време на неговиот последен говор во Солун, го претстави нивниот алтернативен план за економијата и општеството, упати критики до актуелната влада, а се задржа и на автокритиката и грешките кои тие ги направиле во изминатите четири и пол години додека беа на власт.