Сакавме да направиме онлајн списание за деца кое ќе биде пред сè книжевно, бидејќи воопшто немаше списание за деца кое нуди бесплатни и лесно достапни содржини, вели Билјана С. Црвенковска за „Чудна шума“ која за релативно кратко време ги освои читателите
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Чудна творечка ѕверка е Билјана С. Црвенковска. Жена змеј. Полна енергија и секогаш со идеи кои ја брануваат јавноста и упатуваат во насока на вистинските вредности. Таа е дипломиран филозоф, кој преку театарот, новинарството, маркетингот, преводите и уредувањето на повеќе весници и интернет портали, низ годиниве стигна да биде респектирана писателка и уредник на литература за деца и млади. Зад себе има два романа за деца – „Што сонуваше Дедо Мраз“ и „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“, Со првиот за возрасни „Девет приказни за госпоѓица Сит“ влезе во кругот од петте најдобри при изборот за „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“, а тука се и повеќе сликовници, книги со активности, раскази и песни за деца и за млади…Нејзиното име е врзано со мега-успешниот проект „Биби“, еден е и од коавторите на телевизиска серија „Зоки Поки“, а нејзината издавачка куќа „Чудна шума“ од пред нецел месец направи вистински бум со истоименото е-списание за деца.
Од каде идејата и потребата за е-списанието за деца „Чудна шума“? Дали е тоа плод на вашата активност во годиниве наназад и мислата дека енергијата и во едно вакво време треба плодотворно да се насочи и наново и наново да се посочуваат вистинските вредности?
– Идејата за списанието „Чудна шума“ зрееше повеќе од една година и беше логичен след на она што го работиме – и јас како автор и „Чудна шума“ како млад издавач кој сака да го освои своето место во книжевноста за деца, пред сè.
Сакавме да направиме онлајн списание за деца кое ќе биде пред сè книжевно, бидејќи воопшто немаше списание за деца кое нуди бесплатни и лесно достапни содржини. Она што постои онлајн се претежно едукативни платформи, и, иако во Чудна шума има и одреден број едукативни содржини, тие се таму за љубопитните деца кои сакаат да знаат повеќе. Целта ни беше да ги релаксираме децата, а не дополнително да ги замориме.
Она, пак, што не натера да забрзаме беше кризата во која се најдовме и сметавме дека токму ова списание ќе им го олесни престојот дома на голем број деца – што се покажа и точно. Ако ништо друго, да внесе боја, хумор и – да – да ги посочува одново и одново вистинските вредности.
Околу себе со истата мисла собравте исклучително убава и енергична екипа на творци, писатели и илустратори – Владимир Лукаш, Румена Бужаровска, Ванчо Полазаревски, Оливера Ќорвезироска, Ана Голејшка Џикова, Петар Андоновски… Како започна соработката со нив?
– Не сум сигурна точно како дојде до тоа да се вклучат толку многу мои колеги и пријатели, мислам дека почнавме прво со неколку песни од Ана Голејшка Џикова, Ванчо Полазаревски и Петар Андоновски – кој неколку месеци претходно ми спомна дека напишал нешто за деца. Потоа видов една песна од Лукаш, му спомнав дали сака да ја објави во „Чудна шума“, а нему, пак, ептен му тргна пишувањето… и потоа тргна лавината, сите почнаа да ми праќаат песни и цртежи и тоа што се случува во моментов е фантастично. Од ова ќе излезат барем две самостојни книги, а секако и еден годишен печатен број на списанието.
По релативно кратко време се чини дека проектот наидува на исклучително плодно тло. Какви се реакциите на читателите, пред се на оние на кои им е наменет – на децата? Ќе роди ли ова искуство со „Чудна шума“ и некои интересни идни зафати?
– Реакциите на децата и родителите, исто така се зачудувачки позитивни, иако „Чудна шума“ е нова веб страница, работиме комплетно ентузијастички и практично без никаква реклама… но добриот глас се шири насекаде и веќе за еден месец од постоењето страницата ја посетиле преку 9000 посетители, а прегледите се движат помеѓу 1.500 и 2.000 дневно. На социјалните мрежи добиваме многу убави коментари и охрабрувања да продолжиме понатаму, а веќе влеговме како препорака за читање и во онлајн наставата на едно основно училиште во Скопје.
За идни зафати – да, веќе подготвуваме и нови содржини и нови проекти поврзани со списанието, почнавме со аудио-приказни, верувам дека ќе имаме набргу и повеќе анимирани содржини… исто така меѓу првите сме што имаме и цели е-сликовници на нашата страница.
„Чудна шума“ и Детскиот креативен центар при МКЦ, заедно со Владимир Лукаш, го започнуваат и интерактивниот „Креативен предизвик“. Што очекувате од овој зафат? Колку тој може да ја збогати едукацијата и поинаку да им го збогати секојдневието на децата во времево во кое, за жал, образованието и животот им се случуваат само „виртуелно“?
– Ова е веќе втора година како работам како предавач во Детскиот креативен центар во МКЦ, предавам креативно пишување и развој на креација и имагинација за две возрасни групи – 6 до 8 години и 9 до 11. Како и сè друго, така и за курсевите во МКЦ, со колегата Доротеј Нешовски кој ги држи ликовните работилници одлучивме да продолжиме со курсевите виртуелно. Почнавме со неделни задачи и една општа задача за правење креативен дневник. Потоа Лукаш се сети дека би било убаво некои од неговите песни да ги илустрираат деца, бидејќи децата се неверојатно креативни и се непресушен извор на инспирација… и така дојдовме до креативниот предизивик кој тече во моментов. Добиваме одлични цртежи, а верувам и дека ќе добиеме уште во следниве денови. Се надевам дека на овој начин им ги надокнадуваме часовите и дека помагаме времето да им помине на забавен и квалитетен начин.
Билјана С. Црвенковска со својот прв роман за возрасни „Девет приказни за госпоѓица Сит“ влезе во кругот од петте најдобри при изборот за „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“. Значи ли тоа дека со тоа се отвора една нова страница за понагласен интерес за пишување дела за повозрасната публика? Колку авторката е задоволна од сработеното и го започна ли испишувањето на следбеникот наменет за оваа целна група?
– Ќе одговорам кратко – успехот што влегов во најтесен избор за Роман на годината за мене е огромен, во ниеден момент не очекував дека тоа може да се случи, иако, се разбира се надевав дека ќе поминам барем некој круг. И да, веќе пишувам нов роман, иако планот ми беше годинава да се инспирирам, па да пишувам следната, но креативноста и патот по кој таа ќе те одведе – не можеш да ги планираш. А мене ми се отворија нови патишта кои планирам да ги истражувам повеќе. Тоа не значи дека се откажувам од книжевноста за деца, туку само дека планирам повеќе да совладувам и некои посериозни предизвици.
Исто како и патувањата, впрочем, секогаш сакаме да откриваме нови места и предели, нели?
Конечно наоѓа ли време Билјана во овие денови на изолација да прочита нешто за своја душа? Да го стори своето бегство од реалноста која се чини донесе повеќе ангажмани отколку и самата можеби ги очекувала како творец?
– Искрено, имам премногу за пишување за да можам да се опуштам и да читам „на раат”. Во моментов работам сценарија за неколку анимирани и ТВ серии, и пишувам роман, и ја уредувам „Чудна шума“, и пишувам по некој расказ за деца… Немам баш многу време за читање, но последното што го прочитав беше романот „Песот со тажен поглед” на Оливера Николова, кој ја доби наградата роман на годината. Прекрасен роман и голема писателка за која се гордеам што е моја драга пријателка.