ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
А „комунист“, каде го снема, освен „комуњар“ (од „бомбите“ најексплицитно)? Зошто сега не се вели „комуњари“ за Левица, нели тие претендираат да го пополнат просторот на желните за комунизам? За жал има луѓе кои се лажат по нив, а не соодветствуваат на црвената проекција што Левица им ја врши, можеби се само носталгични по младоста или во спомените им е социјализмот
Дали некој за себе вели „Јас сум националист“ или „националист“ оди само во второ и трето лице како понижување? Па и не запираме кај „сум“, „си“, „е“ и да се загрижиме малку, оти некако излегува дека го опишуваме своето или туѓото постоење со еден збор. Ми се чини, двајца што зборуваат, користејќи „тој е“, „јас сум“, „ти си“ и ваков колективен поим, можеби зборуваат за различни работи, кој како си го сфаќа.
„Фашист“ на сите им е негативен поим, (барем тоа!), што не значи дека на сите им се отворени очите кон себе. Не знаеме дали приврзаниците на Ванчо Михајлов и чираците на Дугиновата кауза мижеле или ја мамеле јавноста кога маваа наоколу со „фашизам, фашизам“, небаре се тепаат со перници. Сѐ повеќе личи дека тоа го правеа за да пролетаат фашистички честички во воздухот. Тој концепт, според мене, треба да се закопа во некоја длабока дупка, сосе сите симболи, во 77 вложени ковчези и да се осигура со клинци, катанци и квантни лозинки и никогаш да не се спомене. Може, евентуално, само преданија за фашистичкото зло на некои постдокторски студии, но не и дофрлања во јавниот простор.
А „комунист“, каде го снема, освен „комуњар“ (од „бомбите“ најексплицитно)? Зошто сега не се вели „комуњари“ за Левица, нели тие претендираат да го пополнат просторот на желните за комунизам? За жал има луѓе кои се лажат по нив, а не соодветствуваат на црвената проекција што Левица им ја врши, можеби се само носталгични по младоста или во спомените им е социјализмот. Проблемот на Левица е што шефот имал едвај 8 години кога Југославија се распадна (немал ни 6 години во лошата 1989 г.) и поим нема – искуствено, што никако не може да се лажира – колку беше различна Југославија од СССР, а со тоа и Македонија (можеби затоа руските инструкции во говорот на Апасиев се малку отповеќе забележителни). Се разбира, Левица се бледило од црвени комунисти, а се сѐ спротивно од социјалисти – не нула, туку минус милион. Со таа боја ги спојува само крадењето на Ленка, претенциозниот назив Левица и „дебелото“ трудење да изгледаат што по комунистички, смотувајќи ги луѓето со тоа. Значи, црвеноста што се обидуваат да ја продаваат не е југословенскиот социјализам (веројатно сметаат на луѓето што купуваат SQMY батерии, и тоа не од сиромашност или лош вид). Тоа е некој истоштен костур од Сталиновиот комунизам со автократија, не многу различен од фашизмот. Навистина, две колективистички идеологии – сестри.
Левица и ВМРО – ДПМНЕ, воедно, се партиите кои се залагаат за унија со шампионот на колонијалниот империјализам на 21 век, агресивниот „доцртувач“ на границите на Русија, Путин, и тоа, со отпосле текнување, не бргу по распадот на СССР (иако ВМРО – ДПМНЕ се зеза со сите викајќи дека била за унија со ЕУ, „ама“…). А истите ги викаат САД „империјалисти“. Тогаш кај се да берат памук под американско знаме на оваа географска должина и ширина.
Овие две слични партии замислуваат дека прават некаков одбрамбен замав, така што на шамарите од САД и ЕУ за авторитарните практики и деструктивноста, одговараат со националистички муабети за „сувереноста“, за своја внатрешна корист. Овие денови најјасно досега им објавија: „Јасно е дека партиите кои се најнационалистички во регионот се и најкорумпирани. Тоа е факт.“ – заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар.
Посебна приказна е што светот нема завршено со дефиниција за што е сувереност. Досега само се знае дека сувереност не смее да значи владетелот да им прави гадости на своите граѓани, но и интервенирањето од страна не смее да стои на измислени гадости. Тоа се комплицирани проблеми за дефинирање на код на однесување на една држава. Внатре моќта се ограничува со човековите права (ОН) и тоа е во тек да се отслика надвор. Цел свет го отплеткува јазолот меѓу сувереноста и (не) интервенционизмот. Биполарноста за време на Студената војна малку го заспа светот по ова прашање, бидејќи, заради неа светот газеше како на јајца. Но, ние, од внатре, сигурно можеме да ги дефинираме минатите авторитарни гадости на ВМРО-ДПМНЕ кога беше власт, а говорот на првите од Левица не претпоставува ништо добро за некоја иднина. Таква сувереност ли сакаме. (Овде, го сомничам и ИРИ дека анкетирале премногу симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, како што најотворено имаа двоцифрени проценти на членови на таа партија кои одговарале на анкетата)
Всушност, веќе доста време САД е против верзии на црвено-кафеави алијанси што изникнуваат по светот. Називот црвено-кафеава алијанса оригинално е за комунистичко-нацистичка соработка, измислен е одамна и до ден-денес опишува разни форми на концептот, до комбинации на ултралевичари со ултрадесничари, но и „потенки“ варијанти. Како јасно дефиниран антилиберален концепт, се смета дека е на Александар Дугин. Локално, кај нас таква вкрстенa алијанса е онаа што ја нарекуваме „Левица и ВМРО-ДПМНЕ “ како еден антидемократски, антилибералистички спој, само што кај нас е во некоја анемична верзија.
Како што Левица се само продавачи на јанлаш црвеност, така и ВМРО-ДПМНЕ не се сосем кафеави, практично, таа страна, не долго пред падот на првиот шеф (Љубчо Георгиевски) е повеќе бизнис фирма и административно биро и скоро да нема идеологија. Ја има само старата, збајатена национал – шовинистичка идеологија од времето на Георгиевски. За ЕУ се како на тезга, ја ставаат ЕУ како тегче на тасот во кој на другата страна е објектот на Белата палата изграден од искрадениот буџет.
Но и такви, анемични во својата антилибералност, за малечка држава, овие две партии се отров за државата скоро во оригиналната црвено-кафеава смисла. Со злоупотреба на парламентарната моќ ја спречуваат целата држава да влезе во ЕУ. Со лаги и лажна загриженост од говорница дека Македонија божем прави стравотна отстапка која би ја загрозила. А самите водат тефтери и пуштаат пораки за стрелања и паѓања глави. Црвено-кафеав говор.
Црвено-кафеавите автори се јавија исто така по медиуми и си ја тераат црвено-кафеавата пропаганда. На пример, четивото на Ванковска од пред две недели со антиамериканскиот слоган, помислив дека е од Апасиев. Ќе беше интересно да видиме што суштински смета(ат) дека САД нам ни штети. Ќе беше интересно, ама не изложува(ат) мисла, празно е. „Империјализмот“ кој се обидува(ат) да го аргументира(ат) е со бајати параметри, од пред Студената војна, а ние не сме во околностите на Источна Германија или СССР тогаш. Плус, Маршаловиот план, кој авторката се сецнува да не го спомене во контекстот, е всушност поинтересниот дел кој има извесна кореспонденција со нашата ситуација во однос на присуството на САД.
Така, мене, лично, во обид да ги разберам, нивниот антиамерикански наратив ми изгледа прилично неинспиративен. Толку зборови користат, за само да повторат „Американци, оставете нѐ раат во нашиот свињарник и гледајте си го вашиот“ без ни трошка поддршка за тоа со барем малку од нивното стручно знаење.
А се јави и нашиот свињарник, тоа се оние 3% од анкетата, кои САД и ЕУ упорно нѐ тераат да си ги средиме и тука се гледа зошто црвено-кафеавите си сакаат свињарник, ама „наш“. На кафеавите добро им е со кафеаво судство, а на кафеавото судство му е добро да нема поим од својата работа, бидејќи – помалку работа, а повеќе услуги. Што ќе им е помош да работат, бог да чува. Што ќе им се на кафеавите тие здодевни САД и ЕУ. А црвените ќе помогнат во Собрание за да ги откачат, па после, рака – рака мие.
Дека на Македонија, како држава со институции кои треба да функционираат, ѝ треба помош – ѝ треба. Дали ЕУ и САД се мешаат во суверенитет ако кажуваат како нешто се прави за да функционира? Дури и ако поконкретно интервенираат, тоа нема врска со националноста, туку со крадливоста. Нивните мотиви, колку и да се егоистични, во основа се широко алтруистички – за повисока цел, за сите. Повисоко ниво на Маршалов план.
Еве, да си замислиме, каква ќе биде 2123 г? Не е грешка, не 2023 г. Човечкиот вид треба да стане технолошки развиена Тип I цивилизација со достапност за вселенски ресурси, не да се врати во камено време. Со разни диктаторчиња ваму и таму што ги тераат луѓето да се испотепаат за измислени ветришта и магли, се враќа само на пештерски човек. Дури и сегашната технологија бара повисоко ниво на индивидуална свест за сам себе, отколку бедна псевдосвест преку некој колективен контејнер на припадност (како нација, на пример).
Дали некој забележал дека антилибералноста и авторитарноста под црвено-кафеавиот чадор не дозволува разни видови на слободи на човекот, на изразување на сам себе? Луѓето со автентична свест за самите себе, да мора да се плашат за сопствениот живот кога има ваков диктатор? А од друга страна, авторитарецот не работи на ресурсите, туку само ги граба и стимулира грабање – кој не граба сам си е виновен, може и да умре: Алтруизмот, солидарноста се предмет на подбивање за црвено-кафеавата идеологија.
Кој мисли дека со „цврста рака“ на еден антилиберален националист – авторитарен диктатор ќе му биде подобро, е исто како да верува дека подобро од лебот на маса му е тортата што гулабите му ја прават на кровот. Колективистичките идеологии, како комунизмот и фашизмот, виртуелно креираат (за себе и своите приврзаници) некој вид на надворешен притисок врз основа на типовите на дискриминација. Тој притисок има улога на сад или надворешна корка која ќе ги собере и задржи, како буре со расолница плус неколку авторитарни зелки, па нивното доживување на „предавници“ со поинакво мислење е слично како чувството на некаква жива течност која цури низ дупче од садот.
Притисокот со основа од дискриминациите кој го формира бурето на колективот е доволно силен, за секоја индивидуа од тој колектив да е комотна да си ја тргне од себе својата различност од другите и да се конформира, без потреба од особена свест за сам себе. Свеста за сам себе му пречи, во суштина, бидејќи концептот за себе директно му наметнува и свест за (непријатната) индивидуална одговорност. Една искуствено недоволно развиена структура на внатрешна свест за самиот себе, може и да ја застраши со осаменост. Така, конституентите на групата не се заинтересирани за индивидуални граници, бидејќи имаат на масата понуда за полесен пат – самоодржувањето во однос на безбедност е обезбедено (исклучиво) во групата. Но, во однос на ресурси, групата ја остава индивидуата на цедило (оставајќи ја убедена дека така треба) – ја принудува секоја индивидуа да си го зајакнува егоизмот. За способноста да се преживее поставува стандард да се мери со егоизам и на тој начин, алтруизмот им изгледа како несолена шега. Но, не само што еволуцијата докажала дека развојот е можен само со алтруизам, а не со егоизам и дека егоистичните пропаѓаат како од клетва, туку во пракса, тековно докажуваат дека зајакнувањето на егоизмот го реализираат во облик на стеснување на алтруизмот само кон своите од групата, кон своите од семејството, до самите себе – тоа е сингуларитетот кој ја прави алхемијата алтруизмот да стане егоизам. Затоа и свеста за самиот себе е важна за насоката на алхемијата. Алтруизам кон групата или семејството имаат и животните, зар да се враќаме толку назад? Проактивноста на самосвеста потопена во просоцијалност произведува креативна моќ, а тоа е валутата со која либералните демократии произведуваат успех. Капитализмот е само згодна алатка за конверзија, но можеби и еквивалент на југословенскиот социјализам кој, како идеологија е со слични елементи на либералноста, би дошол до истото, доколку би бил поимун на вирусите на авторитаризмот, доколку водството е доволно либерално и широко, повеќе од Титовото беневолентно диктаторство.
Така, црвено-кафеавите, ем се измамени, ем меѓу себе се мамат, ем бараат либералноста и демократијата да е толку отворена, што и неа би ја мамеле. Нема да оди тоа, бидејќи основата на широкиот алтруизам е праведноста, фер-плејот, чесноста, а црвено-кафеавите колку и да мислат дека затворени во буре имаат вишок енергија и негативна ентропија, самото буре го направиле една високо-ентрописка црна дупка, додека внатре се борат кој ќе има или кој ќе биде поголема зелка.
(frontline.mk)