„Доколку испораката на помош не продолжи веднаш, МКЦК нема да има храна, лекови и основни залихи потребни за да ги продолжи многуте програми што ги спроведува во Газа“, се вели во соопштението на МКЦК.
Како што се додава, „властите мора да дозволат хуманитарна помош во Појасот Газа“.

Хуманитарните операции во Појасот Газа се „на работ на целосен колапс“, предупреди денес Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), по два месеци откако Израел ги блокираше сите испораки на помош.
„Доколку испораката на помош не продолжи веднаш, МКЦК нема да има храна, лекови и основни залихи потребни за да ги продолжи многуте програми што ги спроведува во Газа“, се вели во соопштението на МКЦК.
Како што се додава, „властите мора да дозволат хуманитарна помош во Појасот Газа“.
„Заложниците мора да бидат ослободени. Цивилите мора да бидат заштитени. Потребна е итна акција, во спротивно Газа ќе потоне подлабоко во хаос од кој никакви хуманитарни напори нема да можат да ја спасат“, предупредува организацијата со седиште во Женева.
Телата и умовите на децата во Газа се уништуваат од двомесечната блокада на хуманитарна помош и обновените израелски напади, изјави денес извршниот директор на Програмата за вонредни ситуации на Светската здравствена организација (СЗО), Мајкл Рајан. Од 2 март, Израел го блокира влезот на лекови, храна и гориво во Газа.
„Ги уништуваме телата и умовите на децата од Газа. Ги изгладнуваме децата од Газа. Ние сме соучесници“, изјави Рајан за новинарите во седиштето на СЗО во Женева, објави Ројтерс.
Тој додаде дека како доктор чувствува гнев и дека она што се случува е срамота.
„Сегашното ниво на неухранетост води до пад на имунитетот“, рече Раjан, предупредувајќи дека бројот на случаи на пневмонија и менингитис кај жените и децата може да се зголеми.

ООН оваа недела предупреди дека акутната неухранетост кај децата во Газа се влошува. Израел соопшти дека одлуката за блокирање на хуманитарната помош е донесена за да се изврши притисок врз движењето Хамас да ги ослободи преостанатите заложници. Израел претходно негираше дека Газа се соочува со криза со глад.
Израелската војска го обвини Хамас за пренасочување на пратките со помош, користејќи ги за свои цели, што палестинското движење го негираше. Засега, израелските власти не посочија кога и на кој начин ќе продолжат испораките на помош во Газа, објавува Ројтерс.
Францускиот претседател Емануел Макрон денес во телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека страдањето на цивилите во Газа мора да заврши и дека само прекин на огнот може да овозможи ослободување на преостанатите израелски заложници, објавуваат француските медиуми.
Макрон, исто така, апелираше за отворање на сите гранични премини за да може хуманитарната помош да влезе во Газа, објавува Ле Монд.
Како што дополнително објави „Ле Монд“, Макрон рече дека ослободувањето на сите заложници и демилитаризацијата на Хамас остануваат приоритети на Франција, изразувајќи надеж за прекин на огнот и отворање на патот за политичко решение засновано на моделот на две држави.
Во соопштението од кабинетот на Нетанјаху се наведува дека за време на разговорот, израелскиот премиер изразил силно противење на формирањето палестинска држава, истакнувајќи дека, според него, тоа би било „огромна награда за тероризмот“.
„Палестинска држава, формирана веднаш до израелските градови, би станала упориште на иранскиот тероризам. Поголемиот дел од израелската јавност се спротивставува на идејата, што е во согласност со конзистентната политика на премиерот Нетанјаху“, соопшти неговиот кабинет.
Обединетите нации предупредија дека хуманитарната криза во Газа излегува од контрола и дека помошта не влегла во енклавата со недели.
Палестинското движење Хамас вчера објави дека Израел понудил 45-дневно примирје во замена за ослободување на половина од преостанатите заложници.
Агенцијата на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ) соопшти дека најмалку 322 деца се убиени, а 609 се повредени откако Израел ја продолжи својата офанзива врз Газа пред две недели.

Примирјето во Газа им обезбеди очајно потребен спас за децата во Газа и надеж за пат кон закрепнување, но тие се повторно вовлечени во циклус на смртоносно насилство, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, објави Би-Би-Си. Израел започна нова офанзива врз Газа на 18 март, обвинувајќи го Хамас за отфрлање на новиот предлог на САД за продолжување на примирјето и ослободување на 59-те заложници што сè уште се држат во Газа, додека Хамас, пак, го обвини Израел за кршење на оригиналниот договор од јануари.
УНИЦЕФ соопшти дека „немилосрдното и неселективно бомбардирање“ продолжило во Газа и рече дека 100 деца биле убиени или осакатени секој ден откако нападите продолжиле. Повеќето од децата биле убиени во импровизирани шатори или оштетени куќи, според соопштението. Израел им забрани на меѓународните новинари, вклучително и на Би-Би-Си, да влегуваат во Газа, па затоа не се во можност да ги потврдат бројките. Според податоците на УНИЦЕФ, од почетокот на војната, израелската армија убила 15.000 деца, повеќе од 34.000 биле лесно или сериозно ранети, а речиси еден милион деца биле раселени неколку пати.
Хуманитарната ситуација низ Газа драматично се влоши во последните недели, бидејќи Израел забранува влез на каква било хуманитарна помош во Газа од 2 март, што е најдолгата блокада од почетокот на војната. Без основни залихи, неухранетоста и разните болести само ќе се зголемуваат, што ќе доведе до зголемување на бројот на смртни случаи кај деца, иако ова може да се спречи, се вели во соопштението на УНИЦЕФ.