Дали епископ Јаков Стобиски ќе биде казнет за вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во медиуми врз ЛГБТИ+ заедницата? Без почитување на законите, и без воспоставување на пракса на казнување, не можеме да се справиме ниту со дискриминацијата, ниту со говорот на омраза во медиумите.
ЉУБИША АРСИЌ
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) се обидува да поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци против Јаков Стобиски (викарен епископ од Македонската православна црква Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)), откако КСЗД утврди вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавно информирање и медиуми врз ЛГБТИ+ заедницата, а епископот одби да се извини.
Одредбите во Законот за спречување и заштита од дискриминација предвидуваат дека доколку лицето на кое е упатена препораката не постапи по препораката, КСЗД поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд. Епископот Јаков Стобиски не постапи по препораката јавно да се извини за говорот при неговите јавни настапи со кој е извршено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет врз ЛГБТИ лицата, а и самиот преку медиумите одби да го стори тоа, изјавувајќи дека е подготвен да биде изведен пред суд.
Освен што не се извини на ЛГБТИ лицата, епископот Јаков Стобиски продолжи со слични вознемирувачки јавни настапи, како предводник на кампања против новиот Закон за родова еднаквост и Законот за матична евиденција, кој е неопходен за спроведување на пресуда на Европскиот суд за човекови права. Неколку дена по објавување на Мислењето на КСЗД, епископот Јаков Стобиски повика на протест во организација на МПЦ против законските решенија, покажувајќи дека нема намера да ја почитува препораката „во иднина да се воздржи од јавни настапи кои во себе содржат вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет…“.
Сето ова судот би требало да го има предвид кога ќе одлучува за сторената дискриминација, имајќи ја предвид и одредбата за „потешки облици на дискриминација“,(доколку КСЗД поднесе барање за покренување на прекршочна постапка, согласно законот.
Зошто КСЗД се обидува да покрене прекршочна постапка пред надлежен суд за утврдена дискриминација)?
Мислењето во кое КСЗД утврдува дека Јаков Стобиски дискриминирал одредена група граѓани (ЛГБТИ+ заедницата), односно, извршил вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавно информирање и медиуми, е донесено по поднесени претставки на Здружението за сексуални и родови малцинства Квир Центар и на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ Скопје.
Откако ги разгледува наводите во нивните претставки, вклучително и одговорот од Јаков Стобиски, КСЗД констатира дека преку јавни настапи (меѓу кои гостувањето на емисијата Детектор на Сител телевизија и јавната трибина во Струмица), „изразил мислења, ставови и идеи кои се понижувачки, навредливи и деградирачки кон трансродовите лица и кои ја охрабруваат дискриминацијата кон ЛГБТИ луѓето“.
Извадок од мислењето на КЗСД
Исто така, КСЗД констатира дека Јаков Стобиски сериозно го повредил достоинството на трансродовите лица (преку нивно етикетирање „како лица кои „страдаат од ментално растројство“ и нивно поистоветување со педофилија, сатанизам, итн.“), дека „поттикнал понатамошна дискриминација кон овие лица и нивните поддржувачи“, но и дека изнесувал лажни тврдења во врска со здравјето на трансродовите лица.
Во мислењето беше препорачано епископот Стобиски г. Јаков, кој е и архиереј на МПЦ-ОА од 2018 година, јавно да се извини за говорот при неговите јавни настапи со кој е извршено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет врз ЛГБТИ лицата“, и јавното извинување да го објави во рок од триесет дена од приемот на мислењето.
Исто така, на лицето Јаков Стобиски му беше препорачано од КСЗД „во иднина да се воздржи од јавни настапи кои во себе содржат вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет или било која дискриминаторска основа согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација“. Доколку лицето не постапи согласно оваа препорака, стои во Мислењето, КЗСД „согласно своите надлежности од член 27 став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци“.
Мислењето на КСЗД е потпишано на 21 јуни, а е архивирано на 23 јуни 2023 година, што значи дека рокот за извинување би требало да е одамна истечен, затоа што оттогаш се поминати повеќе месеци.
Зошто КСЗД досега нема покренато прекршочна постапка пред надлежен суд за утврдена дискриминација?
Според сознанијата до кои дојде Институтот за медиуми и аналитика ИМА, КСЗД се обидува да покрене прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци, но се жали дека наидува на сериозни тешкотии. Што е она, според КСЗД, што попречува во обидот да се покрене прекршочна постапка? Имено, процедурата предвидува КСЗД да ги достави до судот точните податоци на лицето кое ја извршило дискриминацијата, а тоа значи име и презиме, адреса, матичен број и други лични податоци, а КСЗД се жали дека истите податоци не може да ги добие од МВР.
Дали тоа што Јаков Стобиски во јавниот дискурс и во професионалниот ангажман како епископ во МПЦ го користи црковното име се наметнува како сериозна пречка во обезбедувањето на личните податоци од страна на институциите? Кое му е вистинското име на Јаков Стобиски во личните документи? КСЗД во два наврати пишува писма до МВР со цел да ги обезбеди податоците за да може да покрене постапка пред суд. Но, во дописите на МВР стои дека во регистарот со имиња не постои посоченото име.
Според податоците што ги доби ИМА од МВР, „Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на Република Северна Македонија писмено се обрати до Министерството за внатрешни работи во кое бараат да им доставиме лични податоци за лице МИРОСЛАВ МИЛЧЕВСКИ односно ЈАКОВ СТОБИСКИ роден 23.11.1983 година во Куманово. Од наша страна им е доставен одговор дека лице со тие податоци не евидира и побарано е да ни достават точни и целосни податоци со цел да постапиме по нивното барање“.
Според податоците што ги доби ИМА од претседателот на КСЗД, Комисијата и по втор пат испратила барање до МВР за податоци само со името Мирослав Милчевски, објаснувајќи дека станува збор за световно име на Јаков Стобиски, односно, дека „граѓанското роденото име му е Мирослав Милчевски“.
И во македонска Википедија има одредница за „Јаков Стобиски“ во која е содржан податок „Јаков Стобиски (световно име Мирослав, познат како Мики) презиме Милчевски, роден во Куманово на 23 ноември 1983)“.
Меѓутоа, името „Мирослав Милчевски“ воопшто не се спомнува во мислењето во кое КСЗД утврди дискриминација. Претставките за сторена дискриминација беа поднесени од здруженијата на граѓани против Јаков Стобиски. КСЗД побарала од Јаков Стобиски да се произнесе по наводи од претставка. КСЗД известува дека до неа пристигнал одговор од страна на Јаков Стобиски. КСЗД утврдува дискриминација од страна на Јаков Стобиски, и му „препорачува на лицето Јаков Стобиски јавно да се извини“. Исто така, КСЗД мислењето го доставува до „Јаков Стобиски, Македонска Православна Црква, Струмичка Епархија, со адреса на… Струмица“.
Останува отворено прашањето зошто КСЗД не обезбедила лични податоци за световното (граѓанското) име на „Јаков Стобиски“ кога првично утврдила ВОЗНЕМИРУВАЊЕ врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во областа на јавно информирање и медиуми? Останува отворено и прашањето како е можно во МВР да нема лични податоци ниту за лице МИРОСЛАВ МИЛЧЕВСКИ, ниту за ЈАКОВ СТОБИСКИ?