Лидерот на српските либерал-демократи беше во Скопје и на 1 ТВ говорше за актуелните состојби во земјава иво Србија
Договорот меѓу Македонија и Грција влијае и на атмосферата во која се водат разговорите меѓу Белград и Приштина. Сега се поинакви околностите и се менува климата во целиот регион, изјави за МИА претседателот на Либерално-демократската партија на Србија Чедомир Јовановиќ.
– Со договорот меѓу Скопје и Атина се реши еден голем проблем. Во однос на тоа како тоа влијае врз разговорите меѓу Белград и Приштина, не можам да кажам дека ситуацијата е релаксирана, но многу полесно е да се разговара кога покрај себе ги имаш Алексис Ципрас и Зоран Заев, кои се пријатели соработници подготвени да помогнат ако таа помош е потребна, оцени Јовановиќ.
Според него, климата во целиот регион е променета, а тоа особено дојде до израз, како што наведе „по влезот на Црна Гора во НАТО, Договорот меѓу Скопје и Атина, вашиот референдум што е од големо значење за земјата, потоа вашето членство во НАТО и договорот што ќе се постигне меѓу Белград-Приштина“.
– Тоа се историски процеси и одлуки кои имаат историска тежина. Во голема мера се стеснува просторот за оној вид политика по која регионот беше нарекуван „буре барут“, рече Јовановиќ за МИА.
Претседателот на српските либералдемократи денеска во Скопје присуствува на форумот на Либералната мрежа на Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН) по повод десетгодишнината од нејзиното формирање минатата година,Неодамна беше гостин во студиото на 1 ТВ.
„Не смеете да ја пропуштите оваа можност од Македонија да направите држава како што треба да биде. Бевте блокирани 27 години, вие добивте прилика. Ципрас ги отповика руските амбасадори, бидејќи сакаа со со притисок да го срушат Преспанскиот договор. Лавров бараше од Советот за безбедност да ја поништи одлуката. На крајот стигна признание од Москва дека го признава новото име. Нема демократизација додека не го уништиме национализмот“ истакна Чедомир Јовановиќ, претседател на Либерално-демократската партија на Србија во интервјуто за Отвореното Студио на 1тв.
Тој вели дека во Македонија, покрај се, преовладуваше разумот за политика која го зближува народот.
Во врска со она што се случува во Србија, протестите на опозицијата, Јовановиќ вели дека постојат неколку фактори кои влијаат на протестите.
– Целосно се изолирани, без поголема поддршка, особено по последниот настан во Белград, кој не беше ни малку наивен. Луѓето во Србија се незадоволни, но коренот е поразличен од работите кои партиите ги ставаат во фокусот. Го напаѓаат Вучиќ дека ја води Србија во НАТО пактот, го обвинуваат за преговори со ЕУ, преговори со косовските Албанци… Вучиќ треба да им подигне споменик на луѓето кои му го подигнаа рејтингот, рече Јовановиќ, кој истакнува дека не ги поддржува протестите, но го критикува и српскиот претседател.
– Вучиќ по овие протести има 60 отсто поддршка од граѓаните кои се подготвени да гласаат за него. Јас не зборувам во негов прилог, туку за факти. Нивната критика е поинаква од мојата. Кога тој ги коментираше резултатите од вашиот референдум, јас реков дека е подобро да молчи кога не може да помогне. Тој го прави тоа што е потребно за Србите да застанат зад него. Тој е вешт политичар. Кога ќе им каже на луѓето ова што се случува е македонско сценарио, во тој момент за некој просечен Србин тоа не е напад на Вучиќ, туку на Србија, рече Јовановиќ.
Јовановиќ наскоро ќе наполни 48 години и покрај тоа што е политичар и парламентарец, тој воедно е и драматург. Имено, дипломирал драматургија на ФДУ во Белград во 1989 година. Додека студирал работел и како новинар.
Се смета за еден од раководителите на студентските протести против Милошевиќ во 1996/97 година.