Советничката на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков – Чернева. Како гостинка на порталот „360 степени“ говореше за оние работи кои од интерс за одмносите меѓу двата соседи
Прашање за Македонците е да решат што сакаат да бидат, одговара Весела Чернева прашана да ги коментира наводите дека целта на официјална Софија е да ги бугаризира Македонија и Македонците. Потпретседателката на меѓународната тинк-тенк организација Европски совет за надворешни работи и советничка на Кирил Петков, додека тој беше премиер на Бугарија, гостуваше во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“.
„Тоа е прашање за Македонците да решат што сакаат да бидат. Јас не сметам дека некој однадвор може да ви каже што да бидете, како да се чувствувате или каков јазик да зборувате. Тоа е внатрешно прашање за македонските граѓани. Создавањето надворешни непријатели и надворешни стравувања можеби врши работа во политиката, но тоа дополнително ги разнишува самоувереноста и достоинството, според мене, на македонските граѓани“, рече Чернева.
За аргументите на противниците на уставните измени дека внесување на Бугарите во Преамбулата ќе биде вовед во нови барања и условувања од бугарска страна, Чернева вели дека темата Северна Македонија во Бугарија се појавува во јавноста само кога има некаква провокација, некој непријатен повод. Таа не фигурираше во ниту една од предизборните кампањи во последните две години како главна тема, додава таа.
„Тоа го велам бидејќи премногу им се придава значење на одредени изјави на маргинални бугарски политичари кои се безначајни за големата слика. И второ, нашите односи може да се одвиваат добро само ако постои доверба. Јасно е дека само со доверба може да ги надминеме сите отворени прашања во иднина. Јас не велам дека такви нема да има. Сигурно ќе имаме и некакви проблеми, помали или поголеми. Но, тие може да се решат само со разговор и со доверба. Пак ќе речам, ако во моментов која било политичка сила ги искористува билатералните односи како аргумент во својата политичка програма, во своето работење, наместо да вложи напор да зборува со спротивната страна, тоа сигурно нема да доведе од подобри односи“, рече екссоветничката на Кирил Петков.
Јас мислам дека единствениот начин за ние да можеме да почнеме да се разбираме е да работиме заедно. Кога седиме на различните страни од оградата и зборуваме еден за друг, шансата да си кажеме непријатни работи е многу поголема отколку ако ја тргнеме оградата и почнеме да соработуваме – вели потпретседателка на Европскиот совет за надворешни работи и советничка за надворешна политика на Кирил Петков во периодот кога тој беше бугарски премиер
Влада составена со мандат на Продолжуваме со промените (на Кирил Петков) и Демократска Бугарија (на Христо Иванов) со сигурност на дневниот ред ќе го има подобрувањето на односите со сите соседи, вклучително и со Северна Македонија – вели Весела Чернева, потпретседателка на Европскиот совет за надворешни работи и советничка за надворешна политика на Кирил Петков во периодот кога тој беше бугарски премиер.
„Таа агенда е позната уште од времето на претходната влада на Петков, но, според мене, во овој момент, уверена сум дека сите проевропски сили во бугарскиот парламент гледаат колку е важно Бугарија да има добри односи со своите соседи, особено ако се има предвид војната во Украина. Во исто време од бугарската дипломатија се очекува да вложи поголеми напори за да има повеќе дијалог и подобри резултати во билатералните односи. Конечно, единствениот начин за односите да бидат подобри не е тие да се развиваат само на највисокото ниво, меѓу владите, туку тие треба да бидат поконцентрирани. Значи, треба да има културна размена, научна размена, трговска размена, која гледаме дека расте, што е многу добра новина“,
вели Чернева.
По последните парламентарни избори во Бугарија, претседателот Румен Радев ѝ го даде мандатот за формирање влада на кандидатката за премиерка предложена од ГЕРБ-СДС, Марија Габриел. Ако нејзиниот обид не успее, Радев треба да му го додели мандатот за влада на кандидат од второпласираната групација на изборите – Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија.
Гостувајќи во емисијата „360 степени“ на ТВ „Алсат“, Весела Чернева рече дека, за жал, работните групи меѓу Бугарија и Северна Македонија, кои се формирани во периодот на владата на Петков, исчезнаа.
„Треба време за тие работни групи од административно да се префрлат во практично дејствување. Да можат невладините организации да соработуваат, да можат културните организации… Јас мислам дека единствениот начин за ние да можеме да почнеме да се разбираме е да работиме заедно. Кога седиме на различните страни од оградата и зборуваме еден за друг, шансата да си кажеме непријатни работи е многу поголема отколку ако ја тргнеме оградата и почнеме да соработуваме“, рече таа.
Пораките од Чернева доаѓаат во период на нова серија изјави од двете страни во кои прво бугарската потпретседателка Илијана Јотова од Јеркјавик обвини за „систематското газење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“, на што македонскиот премиер Димитар Ковачевски врати со изјава: „Дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“.
(360 степени)