Претставата стана популарна уште пред премиерата. Онлајн билетите се распродадени до март и уште отсега се купуваат и за април и мај
Четирипати се вратија на бис 12-темина актери на премиерата на претставата „12“ сношти (20 ноември) во Македонскиот народен театар (МНТ). Претставата е во адаптација и режија на Синиша Евтимов, работена по мотивите на драмата „12 гневни луѓе“ (12 Angry Men) од Реџиналд Роуз. Евтимов ги обедини реномираните актери Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (Судија), кои добија долги аплази и овации од публиката.
Претставата стана популарна уште пред премиерата. Онлајн билетите се распродадени до март и уште отсега се купуваат и за април и мај.
Досега се одржаа претпремиерата и премиерата и уште две претстави ќе има вечерва и утре (21 и 22 ноември), а од декември до мај се закажани 12 изведби.
Приказната следи порота од 12 луѓе додека размислуваат дали да осудат или ослободат 18-годишен обвинет врз основа на разумно сомневање, принудувајќи ги да ги преиспитаат сопствените морални вредности.
„Посветена е на прерано починатиот наш соработник и пред сѐ голем пријател Мирко Попов“, рекоа претходно од МНТ.
Кој е Мирко Попов? Овој уметник (15 октомври 1972, Скопје – 24 март 2024, Скопје) е македонски автор и продуцент на електронска музика.
Неколкуте авангардни музички револуции во 1980-те години, но и неверојатно високиот квалитет на поп-музиката од тоа време помогнале Мирко Попов да развие здрава љубопитност, дивергентен музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што се одразува пресудно во понатамошните одлуки.
Првиот професионален диџеј ангажман го добил во 1992 година и оттогаш не престанал со настапи. Истата година добил простор во култното скопско музичко радио Канал 103, што е еден од клучните моменти во неговиот равој како личност и музичар. Од 2008 до 2010 година бил и главен и одговорен урeдник на Канал 103.
Во 1995 година Мирко Попов и Александар Малевски ја формирале Прогресивната мултимедијална група (ПМГ колектив), која во следните години прераснала во водечка авангардна сила на скопските улици. Журките на ПМГ од 1990-те биле суштината на скопскиот урбан фолклор од тоа време, а Мирко Попов како диџеј, имал можност редовно да настапува низ регионот, но и низ Европа.
Во 1998 година ја формирал дискографската куќа ПМГ рекордингс, која денес е водечка независна дискографска куќа во земјата, со седумдесеттина изданија. Последните години на минатиот век ги донеле и првите (хаус,техно и електро) продукции, а во 2003 година сето тоа прераснало во бендот ПМГ колектив (еклектична комбинација на жив и електорнски пристап во слободен стил) каде Мирко Попов бил автор на музика, текстови и вокалист. Бендот за кратко време прераснал во еден од водечките домашни бендови од првата деценија на новиот век, со повеќе издадени албуми, како и македонски и европски турнеи.
Во 2011 година, со намера да ја отслика духовната атмосфера на ПМГ подиумот за танц, ја покренал етикетата Патерн ПМГ, специјализиран за електронска денс музика.
Попов бил дел и од опскурниот и култен бенд / проект Кантон 6, со кој имал издадено повеќе EP изданија и албумот „Чил Фолк“.
Попов имал остварено повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм. Автор бил и на неколку музички дела за театар и филм. Режирал една радио драма. Попов бил уредник и на неколку емисии на скопското радио Канал 103, како и продуцент на електронска музика во склоп на ПМГ.
Од 2020 година продуцирал, издавал и настапувал и како соло артист под името Мирко Попов Квартет. Остварил повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм. Негови се неколку музики за театар и филм, а режирал и радио драма.
Tој e сценарист и продуцент на документарниот филм „103 – Љубовно писмо до алтернативната култура” и комплетен автор е на музичкиот филм „До небото замок”. Продуцент, сценарист и автор е на повеќе од 50 музички видеа.
Автор е на книгата „20 години те сакам * Монографија за ПМГ колектив”. Автор е на книгата за деца „Розевата планета” издадена за Чудна шума на македонски и албански јазик. Како музички новинар пишувал текстови во Трн, Реборн, Урбан Магазин, Тротоар, Скопско Метро и други. Објавувал своја проза, поезија и стрипови во Маргина, Лифт, Скопско Метро, и др.
Заедно со музичарот Владан Дробицки, идеен творец бил на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“, а бил и иницијатор и уредник на неговиот музички проект, платформата „Силата ЕУ младите“.