Во последниот круг за наградата трчаат имиња кои може да се наречат од стартот – фаворити
Романите „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски („Три“), „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски („Или или“), „Столб што пее“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“) и „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ („Арс Либрис“) влегоа во најтесниот избор за годинашната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Жири-комисијата во состав Симона Јованоска (претседателка), Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) ќе го соопштат името на лауреатот на прес-конференција што ќе се одржи во среда, на 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
„Роман на годината“ годинава се доделува по 24-ти пат, а на годинашниот конкурс пристигнаа 35 романи.
Меѓу четирите романи кои влегоа во најтесен избор е „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски. Централна личност е Јан Лудвиг, кој пред повеќе од 20 години трагаше по папокот на светот (љубов кон жената), сега е во потрага по папокот на Светлината. Заедно со другите ликови, тој се обидува да открие каде се раѓа онаа Светлина која ја просветлува душата и како се случува некој цел живот да ја бара неа, а некој да се задоволи да му биде облека на ѓаволот.
„Папокот на светлината“ е во знакот на Светото Тројство: тројца навидум различни раскажувачи раскажуваат три навидум неповрзани приказни, сите љубовни на свој начин, три наративи кои на крајот се сврзуваат во еден, можен роман. На тој начин овој роман станува и нов клуч за читање на „Папокот на светот“; тројството на светлината го надминува дуализмот на светот. Дуализам кој и ќе го уништи стариот поредок, со сите негови морални вредности, и ќе го претвори во опожарена цивилизација врз чии јагленосани остатоци треба да се крене новиот свет.
Новиот роман на Живко Гроздановски „Писмо за Глорија се врти околу зборот – Да се вдоми.“ Што ако „се вдоми“ е противречен глагол, се прашува јунакот Ружди, чии суптилни синоними се „се самопровинцијализира“, „старее“, „умира“? Домот ризикува да стане комфор, а комфорот секогаш значи смрт. Тоа е бруталната вистина, веројатно: или ќе го пронајдеш својот егзил, или ќе тонеш во дом – во зачмаена провинција. Домот значи припаѓање, смет авторот кого кусо го претставивме во претходниот број.
„Столб што пее“ е четврти роман на истакнатиот писател, добитник на високи домашни награди за своето книжевно творештво, автор на над триесет книги од различни жанрови и книжевник со бројни творби преведувани во странство.
„Столб што пее“ е роман со сложен хронотоп и наратив. Неговото дејство е транс-историско и се одвива паралелно: во антиката, во дваесеттото и во ова столетие. Почнува во првиот век на нашата ера кога еден умирачки антички мелограф и филозофски поет ќе нѝ ја остави најстарата преживеана песна од древните времиња, што се гласи со лирски тон и со оптимистичка порака; преку малоазиската војна 1919-1922 која е еден меѓунационален и меѓуверски масакр изведен во продолжение на Првата светска војна…; сѐ до нашево совремие, до оваа травматична 2022 година и новото опасно завојувано столетие. Романот дава жестока панорамска слика на вековите и посебно на оваа епоха на глобално распалувани војни, се наведува за романот.
Седмиот роман на Влада Урошевиќ е еден од доказите дека книжевното уметничко дело мора најпрвин да е УМЕТНОСТ – висока уметност – која само попатно („технички“) може/мора да се „повикува“ на она кое во драматургијата колоквијално се нарекува „содржина на хартија“, рече вчера пред присутните, Лужина, автор и на поговорот во „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ („Арс Либрис“) . Урошевиќ несомнено е најголемиот фаворит за освојувањето на престижното признание Роман на годината.