НУРИЕЛ РУБИНИ
Пазарите моментално се позиционираат врз основа на оптимистички очекувања и надевајќи се на најбезболните сценарија. Но, често се знае дека пазарите прават сериозни грешки во проценката на последиците од големите геополитички шокови. Не треба да се чудиме ако тоа се повтори
Варварскиот масакр на Хамас на најмалку 1.400 Израелци на 7 октомври и последователната израелска воена кампања во Газа, започната со цел да се избрише организацијата од лицето на земјата, ја отвори можноста за четири геополитички сценарија за светската економија и пазарните услови.
Како што е често случај со шокови како овој, оптимизмот може да се покаже како неоснован. Според првото сценарио, војната би останала главно ограничена на Газа, без регионална ескалација, исклучувајќи ги судирите со иранските експоненти во земјите што ја делат границата со Израел; повеќето актери сега претпочитаат да избегнат регионална ескалација. Кампањата на израелските одбранбени сили (ИДФ) во Газа значително го ослабува Хамас и остава зад себе голем број цивилни жртви, додека нестабилното геополитичко статус кво некако опстојува. Откако ја изгуби сета поддршка, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја напушта функцијата, но израелското јавно мислење сè уште категорично го отфрла решението за две држави. Според тоа, палестинското прашање продолжува да врие; нормализацијата на дипломатските односи меѓу Израел и Саудиска Арабија е во мирување; Иран останува дестабилизирачки фактор во регионот; а САД продолжуваат да се грижат каде и кога ќе следи нова ерупција.
Економските и пазарните последици од ова сценарио се благи. Тековниот скромен раст на цената на нафтата полека забавува, бидејќи производството и извозот на енергетски производи од Заливот не претрпе шок. Иако САД би можеле да се обидат да го блокираат извозот на иранска нафта за да го казнат Техеран за дестабилизација на регионот, малку е веројатно дека Вашингтон ќе прибегне кон таква мерка што ќе доведе до дополнителна ескалација. Иранската економија ќе продолжи да стагнира под товарот на санкциите, истовремено зголемувајќи ја својата зависност од блиските врски со Кина и Русија.
Во меѓувреме, Израел ќе се соочи со тешка рецесија, но податлива; додека Европа би почувствувала некои негативни ефекти, како што е малото зголемување на цената на нафтата и влијанието што би го имала неизвесноста предизвикана од војната врз намалувањето на довербата и кај деловниот свет и кај општата популација. Бидејќи тоа подразбира намалување на производството, потрошувачката и стапката на вработеност, ова сценарио би ги турнало тековно стагнантните европски економии кон блага рецесија.
Според второто сценарио, војната во Газа би била проследена со мир и нормализирање на состојбите во регионот. Израелската кампања против Хамас завршува успешно без премногу жртви, а поумерените политички сили – како што се Палестинските власти или некоја арапска мултинационална коалиција – ја преземаат управата на оваа палестинска енклава. Нетанјаху поднесуве оставка затоа што ја загуби практично целата поддршка што ја имаше, а новата умерена влада на десниот или левиот центар се фокусира на решавање на палестинското прашање и продолжува да работи на нормализирање на односите со Саудиска Арабија.
За разлика од Нетанјаху, новата израелска влада нема да биде отворено посветена на промена на режимот во Иран. Тоа би можело да ја обезбеди премолчената поддршка на Исламската Република за нормализација на израелско-саудиските односи во замена за почеток на нови преговори за нуклеарен договор, кој би вклучувал олеснување на режимот на санкции. Јасно е дека ваквото сценарио би имало многу позитивни економски импликации, како на регионално така и на глобално ниво.
Според третото сценарио, ситуацијата ескалира и се претвора во регионален конфликт во кој е вклучен Хезболах во Либан, а можеби и Иран. Ова може да се случи на неколку начини. Иран, плашејќи се од последиците од елиминацијата на Хамас, му наредува на Хезболах да го нападне Израел за да го оттргне своето внимание од операцијата во Газа. Или Израел одлучи да го избегне тој ризик со започнување сеопфатен превентивен напад против Хезболах. А има и други ирански експоненти во Сирија, Ирак и Јемен. Секој од нив копнее да ги испровоцира Израел и американските сили во регионот, во согласност со нивните сопствени планови за дестабилизација.
Доколку Израел и Хезболах сериозно војуваат, Израел веројатно би извршил напади и врз иранските нуклеарни и други капацитети, можеби со американска логистичка поддршка. Иран, кој издвојува големи средства за вооружување на Хамас и Хезболах, веројатно би го искористил општиот пресврт во регионот за да го направи последниот чекор кон стекнување нуклеарно оружје.
Ако Израел – можеби заедно со САД – го бомбардира Иран, производството и извозот на енергетски производи од Заливот ќе биде тешко одржлив можеби со месеци. Ова би предизвикало нафтен шок сличен на оној од 1970-тите, проследен со глобална стагфлација (период на пораст на инфлацијата и понизок раст), драматичен пад на берзите, големи промени во приносите на обврзниците и лудило за безбедни средства како што се злато. Негативните економски ефекти би биле посериозни во Кина и Европа отколку во САД, кои сега се нето извозник на енергија и би можеле да ги користат средствата собрани од еднократното оданочување на домашните производители – поради големиот профит што би го оствариле во такви услови – да се ограничи негативното влијание што таквите други потрошувачи: домаќинства и компании надвор од енергетскиот сектор.
Конечно, во ова сценарио, иранскиот режим останува на власт, бидејќи соочени со израелски/американски напад врз нивната земја, многу Иранци, дури и противници на сегашниот режим, стојат покрај него поради патриотизам. Сите регионални актери дополнително се радикализираат и стануваат посклони кон конфронтација, а мирот или нормализацијата на ситуацијата постигната со дипломатски средства остануваат празни соништа. Ова сценарио може дури и да ги осуди шансите на Џо Бајден да добие втор претседателски мандат.
Според четвртото сценарио, конфликтот прераснува и во регионален, но подразбира и промена на режимот во Иран. Ако Израел и САД навистина тргнат по Иран, тие ќе ги таргетираат не само неговите нуклеарни капацитети, туку и неговата воена инфраструктура, како и цивилната инфраструктура што може да се користи за воени цели, а цел ќе бидат и водечките фигури на режимот. Наместо да го поддржат режимот, обичните Иранци – по повеќе од една година протести против насилството на полицијата за моралот во земјата – би можеле да се соберат зад поумерените лидери како поранешниот претседател Хасан Рохани.
Падот на Исламската Република ќе му овозможи на Иран повторно да се интегрира во меѓународната заедница. На глобално ниво би продолжила стагфлаторната рецесија, но би се создале услови за поголема стабилност и посилен раст на Блискиот Исток.
Колку е веројатно секое од овие сценарија? Веројатноста би ја распределил на следниов начин: 50 проценти шанса да се зачува статус квото; 15 проценти за да може војната да биде проследена со период на мир, стабилност и напредок; 30 проценти дека може да дојде до регионален конфликт; и само пет проценти дека може да се постигне позитивен исход дури и во услови на регионален конфликт.
Добрата вест, значи, е дека има релативно високи шанси од 65 отсто дека сегашниот конфликт нема да се претвори во регионален, што имплицира дека неговите негативни економски последици би биле благи или под контрола. Лошата вест, сепак, е што пазарите во моментов проценуваат дека веројатноста за регионален конфликт што би предизвикал сериозни стагфлациски ефекти низ светот е најмногу пет проценти, кога многу пореална проценка е дека веројатноста е 35 проценти.
Оваа преголема самодоверба е опасна, особено ако се земе предвид дека комбинираната веројатност за кое било од сценаријата да доведе до глобално нарушување (сценарио еден, три и четири) сè уште е на 85 проценти. Најверојатното сценарио може да вклучува само благи краткорочни последици за пазарите и состојбата на глобалната економија, но тоа имплицира дека нестабилната статус кво може да трае долго време, што на крајот ќе доведе до нови конфликти.
Пазарите моментално се позиционираат врз основа на оптимистички очекувања и надевајќи се на најбезболните сценарија. Но, често се знае дека пазарите прават сериозни грешки во проценката на последиците од големите геополитички шокови. Не треба да се чудиме ако тоа се повтори.
(Авторот е почесен професор на Бизнис школата Стерн на Универзитетот во Њујорк)