Бабиш се обидува да го убеди Брисел дека нема да ја промени надворешнополитичката ориентација на земјата, но неговите изјави, сојузници и планови велат поинаку

Чешкиот милијардер и поранешен премиер Андреј Бабиш, чија политичка организација АНО (ДА) извојува убедлива победа на парламентарните избори со 34,5 проценти од гласовите, започна преговори за формирање нова влада, со порака дека земјата ќе го задржи „проевропскиот курс“. Сепак, во исто време, Бабиш најавува крај на чешката воена помош за Украина, преиспитување на Европскиот зелен план и построг став кон Брисел, што предизвикува вознемиреност и сомнежи во европските престолнини дека Чешка би можела да застане на страната на „антилибералниот табор“ собран околу Виктор Орбан и Роберт Фицо.
Како што објави „Ле Монд“, Бабиш се сретна со претседателот Петр Павел веднаш по победата и рече дека сака „Европа да функционира добро“ и дека е „неправедно“ што некои аналитичари го класифицираат како еден од „вознемирувачките фактори“ во Унијата. Во јавните настапи, тој повторува дека е „проевропски политичар“, но и дека „Украина не е подготвена за членство во ЕУ“ и дека „прво мора да заврши војната“.
„Секоја година испраќаме 2,5 милијарди евра во Брисел. И секако, Брисел ѝ помага на Украина. Мислам дека тоа е доволно“, рече Бабиш, обидувајќи се да ја смири домашната јавност, која е изморена од војна, но во исто време да го одржи привидот на европско партнерство.
И додека претседателот Павел најавува дека нема да назначи нова влада пред ноември, Бабиш веќе преговара за поддршка со екстремно десничарското движење Слобода и директна демократија (СПД), кое освои 7,8 проценти од гласовите, и со новата десничарска партија „Возачи“, која го помина прагот со 6,8 проценти. Неговиот план е да формира малцинска влада, но со тивка поддршка токму од тие движења, со кои дели евроскептични тонови и противење на зголемените воени трошоци.
Во Европскиот парламент, сите три партии, АНО, СПД и Возачи, се дел од новиот десничарски блок Патриоти за Европа, чии основачи се Бабиш и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Според Политико, таа група веќе се позиционира како „алтернативна мрежа“ на популистички партии кои сакаат да ги ограничат овластувањата на Брисел и умерената поддршка за Киев. Чешка, земја со 10,9 милиони жители, на тој начин би можела да се претвори во нов предизвик за Европската Унија, покрај веќе проблематичните членки Унгарија и Словачка.
Бабиш, кој се опишува себеси како „Трампист“, во кампањата ветуваше пониски цени на енергијата, повисоки пензии и „Чешка на прво место“. За време на претходниот мандат, тој беше познат по остри напади врз медиумите и политичките противници, но и по постојаните конфликти со институциите на ЕУ поради судир на интереси и субвенции за неговата бизнис империја Агроферт. Иако тврди дека сè било „политички инсценирано“, тој чека нова пресуда во случајот со проневера на европски средства, што би можело да влијае на конечната одлука на претседателот Павел да му го довери мандатот за формирање влада.
Чешка, која во последните години се сметаше за сигурен партнер на Западот и една од најактивните членки на ЕУ во поддршката на Украина, сега би можела да се најде на пресвртница. Бабиш се обидува да го убеди Брисел дека нема да ја промени надворешнополитичката ориентација на земјата, но неговите изјави, сојузници и планови велат поинаку.
Во земја каде што излезноста беше највисока во последните 25 години, дури 68 проценти, многу гласачи рекоа дека сакаат стабилност, а добија враќање на популист кој вешто ги комбинираше социјалните пораки, воената замореност и скептицизмот кон Европската Унија. Колку долго ќе може да балансира помеѓу Брисел и Будимпешта ќе покажат преговорите за новата влада, како и првата реакција на европските партнери на враќањето на „чешкиот Трамп“.
Од агентот „Буреш“ до „чешкиот Трамп“
Според чешките и европските медиуми, Андреј Бабиш е највлијателниот, но и најконтроверзниот политичар во современа Чешка Република. Милијардер, поранешен премиер и долгогодишен сопственик на бизнис конгломератот „Агроферт“, кој вклучува повеќе од 200 компании од областа на земјоделството, хемијата, трговијата и медиумите. Неговото богатство, според проценките на списанието „Форбс“, е околу 4,3 милијарди долари, што го прави еден од најбогатите луѓе во Централна Европа. Роден е во Словачка, во семејство кое припаѓало на комунистичката номенклатура.
Неговиот татко бил службеник во надворешната трговија, што му овозможило да студира и да престојува во странство – во Женева, Швајцарија и Франција. Откако студирал економија во Братислава, работел во државната служба за надворешна трговија и извесно време живеел во Мароко, каде што стекнал искуство што подоцна ќе го искористи во приватниот бизнис.
Својата политичка кариера ја започнал како борец против корупцијата и „старата елита“, но набрзо се нашол во центарот на бројни истраги и судски постапки. Најпознатиот случај е „Гнездото на чапјата“, во кој тој е осомничен за злоупотреба на средства од фондовите на Европската Унија со формално издвојување на дел од неговата компанија за да ги исполни условите од конкурсот. Процесот трае со години, а оваа година судот во Прага наложи случајот повторно да се отвори. Според документите од Словачка, неговото име се појавува и во архивите на поранешната тајна служба Státní bezpečnost (StB), под кодното име „Bureš“. Бабиш го негира ова, наведувајќи дека станува збор за „политичка конструкција“.
Бројни европски и чешки медиуми истакнуваат дека неговиот политички подем е обележан со комбинација од популизам, бизнис и лична моќ. Иако формално го предаде управувањето со Агроферт на фондацијата што ја основа, судовите утврдија дека тој сè уште има вистинска контрола врз компанијата. Неговото медиумско влијание беше толку силно што во 2023 година мораше да ја продаде издавачката куќа MAFRA, за да избегне судир на интереси.
(Le Monde/Politico)