БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Да се вратиме во каменото доба на Груевски, тоа е старото добро време кога се толчеа глави затоа што каменот од блиску доаѓаше
Со нескриена радост ја дочекавме изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски- ако победат, а ќе победат со вакви космополитски ставови секако- дека ќе го поништат Преспанскиот договор и ќе ја вратат историјата повторно на истото место од каде што со нив сопрела.
Велите каде е тука радоста за која говорам? Охохо, има многу причини за славење доколку дојде до таа триумфална победа на следбениците на Груевски.
Не само што тогаш нема да ни бидат потребни ЕУ и НАТО, ние можеме многу повеќе, многу подалеку и подлабоко да се нурнеме и потонеме во сопствената глупост, оо, па да, нема да ни биде првпат. И ова не е последен пат, не се сомнева никој во нашите безгранични способности на самоуништување.
Ех, што сè ние не можеме, само вие посакајте да покажеме на какви сè дела сме подготвени.
Затоа што, ако навистина посакаме, можеме дури и сами да се отцепиме, да отпловиме и одлебдиме од целава Земја. Таа не гуши одамна и онака- со други култури, јазици, народи, нации, обичаи, правила и вредности. Македонија со изолацијата во времето на Груевски беше совршено место за живеење, зошто не би се свртел часовникот токму во тоа негово време?
Сами на себе секогаш можеме да бидеме доволни и самозадоволни- да ја негуваме и понатаму сопствената култура и традиција на самодоволност, егзалтација што се познаваме и сакаме само себе и никој друг не ни е потребен.
Да се вратиме во каменото доба на Груевски, тоа е старото добро време кога се толчеа глави затоа што каменот од блиску доаѓаше.
Тоа се убавите, носталгични времиња кога се шепотеа имињата на оние кои ги удираа главите по разни основи, само за една цел. Само за да се шепоти, за да се дојде со тек на времето до ситуација да не се отвора устата, да се затвораат ушите, да се поклопат очите, да не се знае ништо, да се заборава доколку се дознало, да се замрачи умот, да се стане ништо, да се биде никој.
Во целава приказна на радоста на враќањето на историјата во праисториско време за кое Мицковски апелира, одлично се вклопува и племенското дивеење на навивачката група “Шверцери” во МНР, за што се казни парично директорката, Симона Угриновска. Колку што сфативме, таа добила наредба од повисоки функционери да ги отвори вратите на театарот за да се слави Денот на албанската азбука, затоа, како што е општ познат факт, спортските навивачки групи не можат да замислат прослава без висока култура, која само така ги скротува нивните препалени страсти. Нивното уво и очи се од фин материјал направени, деликатни и софистицирани, крајно истенчени- стануваат и легнуваат со стиховите на Шекспир, се успиваат со Моцарт и Бах, за поинаков живот тие не сакааат ни да чујат. Но последиците, види богати, токму таа требала да ги сноси, откако, какво изненадување отпосле за ДУИ, се покажало дека нивната љубов кон театарот се состои исклучиво во применета уметност- на негово уништување и сотрување.
Шверцерите одлично се вклопуваат во иднината која ни ја нуди со жар Мицковски- да распарчат сè сосема некои други, а притоа да бидеме казнети само ние- или пак, знаеме и подобро конечно да му покажеме на светот? Среќна Нова 2020 во нашиот избор.