Советниците на СДСМ, независните од „Поинаку“ и Левица се здружија за ги разрешат управните и надзорните одбори на јавните претпријатија. ВМРО-ДПМНЕ ја напушти седницата
Битолскиот Совет како „распашана команда“ – со оваа фраза советникот на Левица, Горан Велевски, ја опишува ситуација на политичката сцена во Битола, откако претседателката на Советот, Габриела Илиевска, заедно со советниците од независната листа „Поинаку“ на предлог на СДСМ и со поддршка на Левица изгласаа смена на управните и надзорните одбори на пет од шесте јавни претпријатија во Битола („Водовод“, „Комуналец“, „Пазари“, „Паркинзи“, „Жабени“ и Културно-информативниот центар) кои се под капата на општината.
Ова навестува дека независните од „Поинаку“ се вртат кон СДСМ, па опозицијата ќе го преземе битолскиот Совет. Доколку се случи така, работата на градоначалникот Тони Коњановски може да биде закочена и тој ќе мора да бара модалитети да ги исполни ветувањата што ги даде во изборната кампања..
„Можеби со шареноликоста во Советот како што е денес ќе се преслушаат одговорните лица и ќе го смениме курсот на делување заеднички во интерес на битолчани, во спротивно ќе оставиме белег како распашана команда и како неспособен Совет… До денес одговорност носеше локалната власт, е па сега за да направиме промена одговорноста ќе ја понесеме сите партии и ќе имаме подеднаква одговорност за работата на јавните претпријатија“, рече советникот на Левица Велевски.
Политичкото прегрупирање во битолскиот Совет се наметна по отвореното несогласување меѓу претседателката Илиевска и градоначалникот Коњановски. Илиевска го доби претседателското место по локалните избори во 2021, во неформална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и поддршка на Левица, но двете страни веќе јавно се конфронтираат од февруари годинава, а ситуацијата ескалира на последните две седници на Советот.
На последната седница, 13 советници на СДСМ, тројцата на „Поинаку“ и двајцата советници на Левица делуваа заеднички, наспроти 13 советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои доцна синоќа ја напуштија салата пред да се гласа за одлуката.
Одлуката за смена на УО и НО во јавните претпријатија за СДСМ е политички триумф. Тие обвинуваат дека за една и пол година мандат, ВМРО-ДПМНЕ ги направи јавните претпријатија загубари и велат дека нема да дозволат на Битола да ѝ се случи уште една катастрофа како во времето на Владимир Талески. Кога на советничката говорница излезе координаторот на СДСМ, Методија Илиевски, советниците од ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека се случува беззаконие и политички циркус ја напуштија салата.
„Еее, поседете колега, ако сте доблесни поседете да ги слушните вистинските аргументи, ако сте на страната на граѓаните. Вие треба да го поддржите ова – во Општина Битола да имаме граѓански управни одбори, а не криминални управни одбори. Почитувани сограѓани фијаското кое го доживува ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку седници денес е повеќе од очигледно. Три мандати сум советник и ова за нас е триумф “, довикуваше Илиевски по колегите што заминуваа.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека новото мнозинство го прекршува деловникот на Советот на Битола и Законот за јавни претпријатија. Ѓорги Ѓоргиевски, советник на ВМРО-ДПМНЕ, цитирајќи го законот рече дека основачот на јавните претпријатија може да ги разреши сите членови на УО пред истекот на мандатот доколку не даде согласност на годишната сметка и извештајот за работењето на ЈП.
„Условите за разрешување на членовите на УО и НО на јавните претпријатија не се исполнети. Меѓутоа, некое ново мнозинство во Советот очигледно сака да ги крши законите. Ние сме против ова кршење на законите и доколку ги усвоите градоначалникот како единствено надлежен за законитоста на одлуките нема да ги потпише“, рече советникот Ѓоргиевски.
По новонастаната ситуација на политичката сцена во Битола, градоначалникот Тони Коњановски во изјава за „Независен“, потврдува дека нема да ги потпише незаконски донесените одлуки, со што нема да може да стапат на сила, па во моментот не можат да бидат разрешени членовите на УО и НО.
„Ќе ги употребам сите правни механизми, незаконски донесените одлуки да бидат предмет на инспекциски надзор и конечно да се овозможи нормално функционирање на општината. За мојата работа и работата на општината, само во оваа година во делот на инфраструктурата, во моментот потврдуваат 16 локации на кои се работи, шест за кои се склучени договори и кои се пред отпочнување, додека паралелно работиме во повеќе други области и реализација на други проекти. Очигледно на оние кои не сработиле ништо изминатите четири години и оние кои се научени само да негодуваат, работата не им одговара. Нема да дозволам, високите партиски амбиции на поединци или нечии пазарења и договарања, да ѝ наштетат на Битола“, рече Коњановски.
На прашањето дали советничката група на ВМРО-ДПМНЕ го загуби мнозинството во Советот, или ова е само инцидентен случај поврзан само за една работа, Коњановски вели:
„Не можам да кажам дали се работи за ново мнозинство и коалиција или само желба за организиран напад врз локалната самоуправа. Но едно е јасно, сето ова е на штета на Битола и битолчани“, рече Коњановски.
радоначалникот на Битола Тони Коњановски ќе побара од Државниот инспекторат за локална самоуправа да изврши вонреден инспекциски надзор врз работата на Советот, зашто смета дека вчерашното разрешување на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија беше извршено нестатутарно. На вчерашната седница, советниците на СДСМ, ДУИ, ДОМ, Понаку и Левица создавајќи своевидно ново мнозинство гласаа за разрешување на управните тела во шест претпријатијата кои имаат загуби, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја напуштија седницата. Советниците кои донесоа одлука за разрешување најавија дека ќе назначат граѓански управни одбори за да ги избават претпријатијата од долгови.
Коњановски рече дека се прекршени одредби од Законот за јавни претпријатија и Статутот на Општина Битола.
„Ќе покренам иницијатива до Државниот инспекторат за локална самоуправа за да се изврши вонреден инспекциски надзор врз работата на Советот во вршењето на неговата надлежност по член 22 точка 32 од Стаутот на Општина Битола според која, Советот именува членови во управни и надзорни одбори во јавни претпријатија што ги основа и при именувањето на нови им престанува мандатот на досегашните членови. Тоа значи, Советот не може само да ги резреши без истовремено да именува нови како што беше направено вчера зашто тоа не е статутарно, а воедно на таков начин се доведува во прашање работата на јавните претпоријатија без управни органи за работа, се остава правен вакуум“, рече Коњновски.
Тој смета дека случувањата имаат тенденција да се блокира градоначалникот и нема да ги потпише донесените точки додека постапката пред инспекторатот не заврши правосилно. Рече дека нема да дозволи високи партиски амбиции на одредени поединци и партиски пазарења да ѝ наштета на Битола.