Oстави простор за сериозни сомнежи во врска со нов бран на авторитаризам имајќи го предвид одговарањето на премиерот кога тој упати закани за апсење, за жестоки казни и слични изјави, вели во изјава за „Цивилмедиа“ професорката од правниот факултет Ана Чупеска
Седницата за пратенички прашања која во текот на вчерашниот ден се одвиваше во Собранието, на која власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ требаше да даде одговори на теми поврзани со изминатите владини одлуки, остави простор за сериозни сомнежи во врска со нов бран на авторитаризам имајќи го предвид одговарањето на премиерот кога тој упати закани за апсење, за жестоки казни и слични изјави, вели во изјава за „Цивилмедиа“ професорката од правниот факултет Ана Чупеска.
Таа додава дека во најмала рака сериозните обвинувања и од говорницата во Собранието, мафтајќи со некакви државни документи, не доликуваат на еден премиер во услови на демократија, од причина што во демократијата поделбата на власта е клучна за нејзино нормално функционирање.
– Од таа перспектива наместо да даде одговори на прашањата кои што му беа упатени, пред се тоа беа прашања врзани за планот, на пример едно од прашањата беше кој му е планот за евроинтеграцискиот пат, за одблокирањето на нашата евроинтеграциска перспектива, за отворањето на поглавјата. Друго прашање беше во врска со нивните ветувања дека ќе го декласифицираат договорот со Бехтел и Енка, ни на тоа не одговори. Не одговори ни на ова другово. Наспроти тоа, некои закани упатуваше, како да заборави, како да ги помеша ресорите. Мислам се стави во некоја улога на обвинител. Потоа почна да зборува за некои дронови што го следеле, додава Чупеска.
Овие тврдења и ваквото однесување иако дел од граѓаните ги прифатиле како сешни, но таа ги сфаќа сериозно бидејќи начелото на поделбата на власта е клучно за демократијата.
-Исто така симболичко насилство во говор или инфламаторни говори или потпалувачки говори може да имаат многу лош ефект врз јавноста и пред целокупното функционирање на демократијата. Од тука впечатокот ми е дека премиерот и министрите во власта како се уште да не разбираат дека се сега власт, тие се носители на највисоките државни функции и од тука треба да бидат најодговорни во врска со своите однесување и особено своите изјави, заклучува Чупеска.