Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

„ЧEБРЕН“ БЕСКРАЕН ЧЕМЕР

February 10, 2026 Filed Under: Македонија

Дваесет и пет години се водат јалови расправи и се објавуваат и поништуваат тендери за ХЕЦ „Чебрен“. Тоа покажува дека сега државата е неспособна да изгради голем хидроенергетски објект – вели овој „хидраш“ за Независен)

ШТЕТЕН ПРОЕКТ Онака како што постојано се нуди низ проект изградбата на ХЕ „Чебрен“ би била штетна по земјата

ЈОРДАН СТАВРОВ

Кон крајот на 1999 година се заврши физибилити студијата за проектот „Вардарска Долина“. Беше извршена ревизија на физибилити студијата од пет професори – доктори на науки од соодветните подрачја кои ги опфаќа физибилити студијата. Беа изготвени писмени извештаи со препораки до Владата на РМ, да се продолжи со проектот на повисоко ниво.

Со резултатите од физибилити студијата го запознав и претставникот на ФАРЕ програмата кој имаше канцеларија во зградата на ЕСМ на 10 кат. Имавме исцрпни разговори, а јас му предложив дека од областа на хидроенергетиката најургентните се проектите од каскадниот систем на Црна Река: ХЕ „Скочивир“ H=60 м, ХЕ „Чебрен“ H=120 м и ХЕ „Галиште“ H=105 м. Тие беа изработени до фаза на физибилити студија, преку многу обемно истражување на димензиите на објектите и котите на акумулациите. Тие беа дефинирани преку оптимизационен модел кој опфаќаше преку 60 брани (20 постојни и 40 новопроектирани) во сливното подрачје на Вардар.

Тој ми вети дека ќе ги предложи овие проекти во канцеларијата во Брисел, за добивање на соодветни финансиски средства за изработка на три идејни проекти со тендерска документација. Набрзо стигна писмено известување од Брисел, дека ФАРЕ-програмата доделува 1,5 милиони евра за изработка на оваа документација. Проектната задача беше многу јасно напишана за кои објекти се работи и преведена на англиски и македонски јазик. Писмото со проектната задача беше доставена до Министерството за стопанство на Владата на РМ. Јас и денес ја чувам и поседувам таа документација. Значи ФАРЕ-програмата ја заврши својата работа и беа обезбедени финансиски средства.

Во овој период проектирањето на каскадниот систем на Црна Река го добива грчката човек-фирма „Ексергија“. Покрај толку познати проектантски европски фирми (од Франција, Италија, Шпанија, Норвешка и др.), добива грчката човек-фирма „Eксергија“ непозната и без никаква традиција и искуство. Никогаш не ми стана јасно како дошло до оваа одлука. Во оваа валкана и нечесна игра за избор на проектант морале да учествуваат: ЕСМ – Сектор за развој и инвестиции (за кога се работи документацијата); Министерство за стопанство (кај кого стојат парите кои треба да бидат поделени за изработка на проектот; грчката фирма „Ексергија“ (проектант на техничката документација).

При тоа, ЕСМ ги подготвува подлогите и ја снабдува „Ексергија“ со податоци. Министерството ги плаќа финансиските ситуации спрема степенот на изработка на проектите. Грчката фирма со помош на наши домашни проектанти и професори од Градежен, Електро и Машински факултет ја изработуваат документацијата.

Тоа така функционира до крајот на 2002 година, кога во просториите на МЕПСО се одржува стручна презентација на извршената работа од страна на „Ексергија“. Уште на самиот почеток се чувствуваше некоја нервоза. Излагањето се претвори во вистински шок. ЕСМ и Министерството заедно со „Ексергија“ практично ја промениле проектната задача зададена од ФАРЕ-програмата, предложена и платена од канцеларијата во Брисел и наместо да изработат три проекти за целиот каскаден систем со тендерска документација, работат само еден проект за ХЕ „Голем Чебрен“ од H=192 м.

Во целата оваа манипулација тие практично го користат стариот проект на „Енергопроект“ од Белград од 1983 година кој го дава ЕСМ, кој во тој период на бивша Југославија беше оценет како предимензиониран и неважечки и тотално финансиски промашен заради неусогласност на висината на браната и волуменот на акумулацијата од 1,0 милијарда m3 вода. Тој не одговараше на новите прописи за користење на водите од реките, кои според новиот закон за води на ЕУ, истата на прво место се користи за пиење, наводнување, прехрамбена индустрија, екологија и на петто, последно место за енергетика.

Единствена промена на „позајмениот“ проект од „Енергопроект“ Белград беше поставување на пумпно-акумулациона постројка во турбинскиот дел на хидроелектраната и промена во името место ХЕЦ „Чебрен“ се преименува во ПАХЕ „Чебрен“ и нормално со зголемено производство на електрична енергија.

Сета оваа документација убаво спакувана и преведена на англиски јазик беше предадена на ЕСМ. „Ексергија“не само што не одговорила на задачата, туку направила основна цврста рамка за тендерите кои се базираат на неа, без да се направи темелна равизија според новите климатски промени, економски и технички услови, согласно новиот Закон за води кој во меѓувреме го прифати и Македонија. Тоа значи инвеститорите не можеле да го редизајнираат објектот (на пример да ја намалат висината на браната или капацитетот на акумулацијата за поекономична варијанта). Неколку сериозни компании (француски, турски, германски, италијански) аплицирале, но по добивање на техничките услови се повлекуваат од тендерот. Главни причини: нереална големина на браната во однос на средниот годишен проток на профилот, недостаток на гаранции за поврат на капиталот, финансиски ризици и промена на владините политики.

Зошто 20 години нема реализација на браната?

Техничко економска несразмерност, премногу голема брана за скромен среден проток. Финансиски модел без стабилни гаранции, инвеститорите не влегуваат во ризичен поврат на вложените средства. Проблематична екологија и социјални последици, големи отпори на теренот од невладини организации заради висок степен на биодиверзитет на водата. Можни проблеми со Грците при поделба на меѓународните води, Вардар е меѓународен водоток, а системот на Црна Река во овој случај не одговара на оптимизираниот модел на водотекот, реализација на нереално голема акумулација од 1,0 милијарда m3 вода – се дел од причините.

Со еден збор кажано ХЕ „Голем Чебрен“ е една повеќе политичка приказна, отколку чисто инженерско-хидроенергетски проект. Не можам да си објаснам како техничкиот кадар во ЕСМ, оваа измама и класичен технички криминал успева 20 години да ја прикажува како вистина, која ќе надвладее во сите пори на техничките институции, градежниот, електро и машинскиот факултет, во МАНУ и сите македонски влади. Резултатот на сето тоа е што ние денес немаме подготвен хидроенергетски објект за реализација, за градба.

Последен бисер беше кога новата министерка за енергетика лани направи комисија од 12 доктори на науки и професори од електро-машинскиот факултет, да одлучат која е вистинската димензија на ХЕЦ „Чебрен“ и кога 95 отсто од нив гласаат за брана висока 192 метри. Таа на овој начин се покрива и заштитува, комисиски ги решава техничките проблеми, а нашиве професори и доктори на науки тоа го прифаќаат.

Еден од овие 12 професори енергетичари тогаш изјави: „Реверзибилната хидроцентрала ‘Чебрен’ може да складира вишок енергија од ветер и сонце и да ја враќа во екосистемот кога е најпотребна. Таа е батерија на национално ниво. Со брана од 192 метри ‘Чебрен’ може да обезбеди 330 мегавати и да стане еден од енергетските столбови на Македонија“. И додава една парола: „Чебрен не е само брана, тоа е симбол на суверена енергетска политика“. Значи на овој енергетичар не му е важно што над нас се надвиснале климатските промени, зголемување на просечната годишна температура, намалување на количините на врнежите, уништување на каскадниот систем на Црна Река, уништување на веќе изграденото Тиквешко Езеро и секојдневното негово загадување и зголемување на биодиверзитетот на водата, тој не се запрашал зошто 20 години во РМ не се изградила нити една значајна хидроцентрала. Значи, не го интересира секојдневното намалување на количината на питка вода, него го интересира произвоството на електрична енергија од ветер и сонце чија цена од ден во ден ќе се намалува.

За територијата на Македонија, според истражувањата на Институтот за климатски промени во Нова Горица – Словенија во 2050 година врнежите ќе се намалат за 35%, а потребите од вода ќе се зголемат за 50%. Студијата е нарачка од норвешката фирма „Старткрафт“, за потребите на тендерот за ХЕ „Чебрен“, која после овие истражувачки резултати се откажа од понатамошно учество.

Ние и понатаму упорно ја пееме истата песна „Ој Вардаре македонски“, несвесни дека едноставно го експлоатираат Грците. Ние немаме стопан на реката, немаме изградено пет акумулации за да ја задржиме водата и контолирано да ја испуштаме, а ја користиме едвај 25 отсто. Другата неискористена патува на југ.

Постои една физибилити студија во ЕСМ за интегрално користење на Вардарскиот слив, согласно сите прописи за користење на водите според ЕУ прописите. Проектот „Вардарска Долина“ е еден од најамбициозните инфраструктурни планови во врска со водите во XXI век. Toj e изработен од ФДФ и ЦНР-Франција. Замислен е како современ мултифункционален систем за управување со Вардар и нејзините најголеми притоки. Главната идеја беше да се стави реката Вардар под целосна контола преку изградба на брана и акумулации. Но во ЕСМ не постои визија и стратегија. Нема кој да прочита што работеле постарите генерации, а исто така ни во Владата.

Ако веднаш не се превземат припреми за реализација на хидроенергетски објекти, односно вештачки акумулации, веќе во 2050 година ќе настапи првата тотална криза и суша без вода, а делови од земјата од полупустински подрачја ќе станат пустински. Ќе настапи жед за вода и општа глад. Изградените автопатишта и железници нема да ни значат ништо, затоа што нама да има коли и луѓе кои ќе се движат по нив, а за пожарите и да не дискутираме.

(Јордан Ставров е дипломиран хидроинженер. Тој беше проект менаџер во периодот на реализацијата на физибилити студијата „Вардарска долина“. Текстот е објавен во Независен а овој автор инаку има дадено значајни интервјуа како „хидраш“ за многу медиуми па и магазинот „Глобус“ на оваа тема)

Filed Under: Македонија

ЈАН БЖЕЖИНСКИ: АКО РУСИЈА ЈА ПОБЕДИ УКРАИНА, НЕКА СЕ ПОДГОТВИ ЗАПАДЕН БАЛКАН
РИСТОСКА: ОЧЕКУВАМ ДА БИДАМ ИЗБРАНА ЗА ДРЖАВЕН ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ
EЛИС ДАГНИС: ТРАМП ИМА ПОДДРШКА НА 32 ОТСТО ОД ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО А ТОА НЕ Е МНОЗИНСТВО
БАЛАБАНОВ ЈА ОТВОРИ НАШАТА КУЛТУРНА РИЗНИЦА КОН СВЕТОТ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (165): РУСКИ ГЕНЕРАЛИ ГИНАТ НА ФРОНТОТ АМА МНОГУ ПОВЕЌЕ ПРЕД ДОМАШНИТЕ ПОРТИ

Најново

  • ЈАН БЖЕЖИНСКИ: АКО РУСИЈА ЈА ПОБЕДИ УКРАИНА, НЕКА СЕ ПОДГОТВИ ЗАПАДЕН БАЛКАН
  • РИСТОСКА: ОЧЕКУВАМ ДА БИДАМ ИЗБРАНА ЗА ДРЖАВЕН ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ
  • EЛИС ДАГНИС: ТРАМП ИМА ПОДДРШКА НА 32 ОТСТО ОД ГЛАСАЧКОТО ТЕЛО А ТОА НЕ Е МНОЗИНСТВО

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet