Со Матс Густафсон како „резиденцијален артист“, специјални проекти како „NU MUSIC 4“, воодушевувачки настапи како оној на Јакоб Бро или на ансамблот на нашиот Јордан Костов… на македонската културна сцена и се случи 40-то триумфално издание на Скопски џез фестивал. Ќе биде ли последно?!
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
(Фото – Татјана Ранташа)
Во една пригода, некаде пред повеќе од една деценија, напишав дека Скопје како свои привилегии ги има реката Вардар, Водно, Матка, културно историските споменици од минатото… и Скопски џез фестивал. И, тоа посебно како чувар на урбаниот дух на градот. Како бастион пред атаците на балканското практицирање на политиката и пазарењето со културата. Таквиот став беше темелен врз долгата листа на големи имиња и музичари кои ја креирале историјата на џезот и посебно неговата иднина, а кои по својот перформанс во градот во кој освен гостопримство, ентузијазам и посебно јасна визија што се сака, немало ниту сали, ниту инфраструктура, ниту патни врски нормално да се стигне овде… имале само убави зборови за престојот. За публиката. За целата атмосфера. А, на таа листа се безмалку сите великани, освен ајде еден Мајлс Дејвис кој си „замина“ и вечната „прескапа“ желба – Кит Џерет.
Од збор на збор тие ја крепеа силната, насушната потреба најнапред да се изгради потребното интернационално ниво и уште поважно тоа да се сочува во времето полно предизвици. Па така дојдоа убавото реноме на Стариот континент, потем и членствата во европските и светските џез асоцијации, наградите и признанијата за програмата и за одличните визуелни и промотивни решенија… Значи, приказната беше заокружена а Фестивалот успеваше и во зло време, кризи, воени конфликти, притисоци… да се избори со сите премрежиња.
И, така се до моментот кога до толку овде дома се измешаа лончињата во политиката што културата на младата држава стана само „монета за поткусурување“. А, таквата состојба трае…и трае. Не дека „помошта“ од државата демек „ја нема“, но дефинитивно и за жал и натаму фали стратегија за водење на културната политика. И, толку.
Во едни такви услови нам ни се случи и 40-от Скопски џез фестивал. А, јубилејот, како што ќе забележат неговите организатори, не беше „славен“ туку „одбележуван“. Со одлична, навидум шаренолика но секако мудро осмислена програма планирана да исполни безмалку цела една недела. Како што и доликува на округла бројка. Се разбира и со исто толку можности за публиката за да го стори своето бегство од реалноста во која и не само медиумскиот простор меѓу двата круга беше окупиран од политичките продавачи на илузии и лажни изборни ветувања.
Воведот во ваквото издание на манифестацијата беше сторен со исклучително успешната изложба на плакати на Скопски џез фестивал „Complicate Simply!“ одржана во Белата галерија на Младински културен центар ( каде патем беше сторен обид да биде раскажана визуелната приказна на манифестацијата која отсекогаш се издвојувала со одличниот дизајн и каде централна фигура несомнено е Славимир Стојановиќ Футро, еден од најпознатите во регионов и автор на годинешниот плакат), краткиот перформанс на Антоние Весковски и потем прикажувањето на првиот од двата предвидени за прикажување одлични документарци: „Aretha Franklin:Amazing Grace“ и „Blue Note: Beyond the Notes”.
Од друга страна, официјално фестивалот започна во средата на 20 октомври со соло концерт на Матс Густафсон. Овој херој на скандинавската фри-џез сцена, кого во градов патем сме имале можност да го видиме неколкупати со различни постави како THE THING, FIRE, FIRE ORCHESTRA…, во некаде 50-на минути свирејќи на безмалку сите дувачки инструменти што одлично ги владее како и газејќи претпазливо по писките на кои свирел досега расфрлани на сцената како да ја стори својата „пресметка со минатото“. Инвентивно и со нагласен артизам. Моќно и пророчки во пресрет на идните предизвици.
И, по еден таков несекојдневен и творечки силен перформанс, класичниот пристап на квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, за жал, не можеше да се издигне над веќе достигнатите висини. Желбата за инструменталистичко докажување беше евидентна, знаењето неоспорно но… амбициите не секВтората фестивалска вечер ја отвори грчката пијанистка, композиторка и импровизаторка Тања Џанули со своето трио. Нејзиниот нам препознатлив „широк музички јазик кој им пркоси на жанровите“ и тенденцијата да се помират влијанијата од Запад и ритмичноста на регионот каде битисаме создаваа идеална основа за едно поинаква звучна пловидба. Егзотична и емотивна. Не се сомневам дека во некоја пригода Џанули ќе биде со овации пречекана во Скопје.
А, таков прием и уште повеќе воодушевувачки настап на Фестивалот имаше и исклучителниот дански гитарист Јакоб Бро со својот интернационален квартет во кој се и мајстори како Марк Тарнер на саксафон, Хорхе Роси на тапани и Томас Морган на бас. Лебдечка музика со несомнено сложена структура која елегантно ви се пика под кожа и единствено ве тера да сонувате Еден од неколкуте високи дострели на Фестивалот.
А, кога веќе сме тука во тој ред несомнено влегува и концертот на ансамблот на македонскиот хармоникаш, пијанист, композитор , импровизатор, аранжер и продуцент Јордан Костов. Костов, покрај музичарите кои се редовно со него во различни формации како Андреа Мирческа на контрабас, Филип Буркшлиев на гитара…собра и дел од најзначајните македонски инструменталисти како Кирил Кузманов, Петар Христов, Благојче Томевски … згора Германецот Андреас Гинтер на тенор саксафон, флејта и пијано и Јапинг Ванг од Тајван на јанџин, за да го стори своето деби на манифестацијата која поодамна пред себе си постави цел да го промовира овдешното актуелно творештво. Притоа не само што одржа концерт за паметење, туку претстави и исклучително свежа музика, фузија која ја милува класиката и слегува до суштината и корените на нашето поднебје, но едновремено е широка и конкурентна каде и да ја ставиш. На која и се тесни оградите и која има моќ и слобода да развива дијалог со било каквите стремежи во современието. Модерна по сите мерила и возбудлива до коска.
А, концептуално оркестарската програма со својот енергетски набиен перформанс ја заокружи L.U.M.E. ( или поточно Lisbon Undeground Music Ensemble) предводен од композиторот и пијанист Марко Баросо. Португалците на сцената во НОБ со сиот шарм на својот јужен сентимент ја сторија промоцијата на својот штотуку објавен албум Las Californians, круна на нивното делување во изминатава деценија и половина и причината поради која сега засилено атакуваат на глобалната сцена.
Длабоко во ноќта пак, во Дансинг салата на МКЦ, Moor Mother или Каме Ајева, американската поетеса, пејачка, визуелен уметник и активистка од Филаделфија, на крилјата на звуците што во сопственото позитивно инструменталистичко лудило ги креираа Дуду Којате, легендарниот перкусионист на ART ENSEMBLE OD CHICAGO и резиденцијалниот артист Матс Густавсон, футуристички исчекори во слободарската планетарна звуковност. Уникатно.
Во лудилото на саботната ноќ и на четвртата фестивалска вечер најнапред високо енергетски исчекорија австријците SHAKE STEW. Предводени од контрабасистот и цеременијал мајсторот Лукас Кранзелбиндер, со промислена прошетка низ трите досегашни дискографски објави, тие беа неодоливи со својата понуда на жесток џез, елементи на афро-бит, трансоидни пасажи и спиритуални џез ерупции. Освоија на прва топка.
Наспроти, ваквото празнење она што со себе го донесе еден од неколкуте специјални фестивалски проекти насловен како „NU MUSIC 4“ и посветен на мултикултуралноста и музичкото наследство на легендарниот џез трубач и мисионер Дон Чери, беше нешто сосема друго. Музика која ве води неколку димензии погоре. Едноставно, она што го потпишаа некогашните чериеви соборци Швеѓанецот Кристер Ботен на нгони, бас кларинет и пијано и перкусионистот Окај Темиз кој одамна Турција ја заменил со Скандинавија, со силна подршка од потентните Матс Густавсон и Горан Кајфеш, трубачот со хрватско потекло и шведски пасош, не само што фрли поинаква, нова светлина на музиката на американската легенда туку и како автор и деец го телепортира во сегашноста, уште повеќе во иднината на џезот како најслободарска музичка форма.
Конечно точка на ваквото повеќе од успешно издание на 40-от Скопје џез фестивал стави голема такубанска и светска пијанистичка ѕвезда, композитор, пејач и аранжер со 10 албумски објави и номинации за Греми – Роберто Фонсека. Концертот на неговото врвно трио со кое шета по фестивалите и по којнае кој пат ја врти планетата Земја беше како мелем на рана за сите во партерот длабоко свесни од неминовноста што веќе од следниот ден ќе мора повторно да им се вратат на старите проблеми и политичките итроштини. Независно дали и припаѓаат на вториот круг од изборниот процес или од немаштијата во која тонеме во овој пост-пандемиски период.
Како и да е, овде некаде треба да се спомене дека саботната фестивалска вечер беше посветена на солидарноста со бегалците и тригодишното учество на Скопје џез фестивал во акцијата на УНХЦР, а беа сторени и учеството промоциите на најновите албумски објави за истата етикета на Јордан Костов ансамбл и на СВЕТЛОСТ + ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТРА, со снимката од нивниот повеќе од успешен минатогодишен настап на манифестацијата. Ги бележиме и настапот на AJS Quartet од Тирана, еден од најпознатите џез бендови во соседна Албанија, а традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година му припадна на Филип Буркшклиев – Бука, чија сеприсутност е значајна за делувањето на неколку овдешни состави и кој како лидер предводи формација чие време допрва доаѓа.
А, по сево бележано и кога сме веќе кај „времето пред нас“, чуди по малку што Оливер Белопета (кој патем цели 37 години е креатор на оваа убава фестивалска приказна и чиј самопрегор, па ако сакате ентузијазам и инает, се одлучувачки за нејзиниот развој) наместо „Се гледаме догодина!“ овојпат остави да висат неколку прашалници. Имено, тој јавно призна дека неизвесна е иднината на СЏФ и дека „фестивалот веќе ги надминал постојните рамки“ и дека како врвна културна манифестација пошироко без поинаков третман од институциите и надлежното министерство во државата е „осуден на згаснување“. Нималку розова прогноза, независно од тоа што веќе се знае дека една од сличните вакви манифестации во регионот – Сараевскиот џез фестивал поради „политиките“ и локалните пизми годинава е откажан.
Останува времето да покаже дали и колку нам овде ни остана мудрост конечно сами себе да се закопаме. Да го избришеме сопствениот урбан дух, некаквите вредности што како така се обидуваат да се исправат простум и да го крепат идентитетот и неговата исконска потреба за самостојност и место под сонцето. Макар било тоа и на оваа балканска забит каде со децении грми ехото на завивањето волците стрвници и на оние што се греат на идејата и страста за власт.