БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Бегството на Груевски е медиум преку кој и елитата и народот бараат смени со кои ќе се гарантира статус квото. Општеството е уништено до таа мерка што не е во состојба да пружа позначајни отпори на евентуалните промени, затоа и беше дозволено да биде уништено, но е обезличено и деморализирано до мерка која го прави неупотребливо како енергија на неопходните промени
Да ги оставиме за момент оние кои во празнината што остана по бегството на Груевски гледаат колективна гробна дупка од која тие ќе излезат на врвот на власта така што од мртвите тела на Македонците ќе прават горановски скали не само за спас туку и за триумф. Нивната идеја е луда, но е некаква идеја, тие знаат кон што се стремат, како што јас знам дека никогаш нема да стигнат на посакуваното место. Овие другите гледаат дебатни емисии и се надеваат дека некој ќе ја претвори Македонија во Шведска, а нив ќе ги остави со мрзата, неталентираноста, злобата, сеирот, демек некој кој би требало да го направи најневозможното нешто на планетава: Шведска од Македонци.
Тие очекувања беа во основата на долгогодишната неограничена власт на вмро-дпмне и тие се во основата на сегашната разочараност од власта на сдсм и дуи. Бегството на Груевски е медиум преку кој и елитата и народот бараат смени со кои ќе се гарантира статус квото.
Општеството е уништено до таа мерка што не е во состојба да пружа позначајни отпори на евентуалните промени, затоа и беше дозволено да биде уништено, но е обезличено и деморализирано до мерка која го прави неупотребливо како енергија на неопходните промени. Власта и општеството се раздвоени и не се гледа начин на кој заедно можат да застанат зад проектите за спас и унапредување на Македонија. Тоа е главен проблем.
Тие односи продуцираат политичка конфигурација и општествена клима кои се прекомплицирани за продуктивни политики. Власта на Заев е слаба и во кадровска и во идејна смисла и во смисла на политичките релации во собранието, и нејзините практики се многу проблематични, но во оценките кои претендираат са бидат реални мора да се земе предвид контекстот на една инцестуозна и деформирана средина, темелно изобличена во текот на режимот на вмро. Тоа се разбира не смее да биде алиби за ничија неспособност.
Но погледнете ги резултатите од последните парламентарни избори или ситуацијата со референдумот и поделеноста околу преспанскиот договор и ќе видите дека општеството самото ги блокира или се труди да ги блокира сите промени. Точно е дека аждајата на груевизмот е жива, но општеството одбива да конституира влст која ќе му го зарие копјето на тој аждер во главата. Не ја препознава потребата, не го сака ризикот, нема кој тоа да му го објасни затоа што медиумите се центри за заглупавување.
Во таа смисла резултатите на Заев и неговата екипа се импресивни. Јас му препорачувам да ја спушти чувствителноста кон критиките на јавноста, помалку да ја рецка, да го истера мандатот до крај, да направи одредени кадровски промени, во сиге потези на внатрешен план да биде уште похрабар. Тоа е, вториот фикс е да стори се да го врати малото шаткасто чудовиште оти тоа е можеби последната голема шанса за реконсолидација на Македонија и на македонското општество.
Трето, да ја доврши истрагата во врска со можните внатрешни одговорности за бегот на Груевски и да преземе политички и кривично-правни дејствија ако за тоа има основи.
И четвртиот фикс е да најде начин за креативна интерпретација на криминалното правно наследство на груевистичкиот режим која ќе му овозможи да остане легалист, а да ги деблокира промените и кадровски и реформски.