Во време кога глобалниот поредок се распаѓа, а светот е на работ на уништувањето, човештвото се наоѓа пред критичен избор: да се соочи со разорните последици на деструкцијата и рамнодушноста или да продолжи да ги игнорира заканите против опстанокот на цивилизацијата. Клучното прашање сега е: Дали светот има сила и волја да се издигне над хаосот и да ја обнови демократијата и правдата или ќе продолжи да пропаѓа
ЏАБИР ДЕРАЛА
Некој ќе рече, изминува тешка година. Да, тоа не може да биде поточно. Всушност, ќе биде најточно ако кажеме дека изминува една исклучително тешка петолетка. Пет години се период кога се спроведуваат стратегии на цели држави и сојузи од држави, се трансформираат општества, се менува ликот на целата планета. А тој период зад нас е навистина мрачен.
Според Worldometer, КОВИД-19 пандемијата однесе седум милиони животи УНХЦР во јуни пресмета дека 122,6 милиони луѓе во светот биле принудени да го напуштат својот дом, а од нив 43,7 милиони се бегалци. Речиси една третина од бегалците доаѓаат од само две земји, 6,7 милиони од Украина, 6,3 милиони од Сирија. Сиромаштијата и гладот, бруталните воени агресии и конфликти, и вртоглавиот подем на мрачните идеологии го разоруваат глобалниот поредок и ги разгоруваат општествените поделби и тензии. Насилството, стравот и омразата станаа секојдневие и во земјите што не се директно погодени од војна или други екстремни состојби.
Светот се соочува со неволји што се чинеа незамисливи до пред само пет години. Беше доволно да се види како глобалната здравствена криза, Ковид-пандемијата, целосно ги соголи тешките грешки и недостатоци во државните и меѓународните системи за заштита на населението. Таа уште повеќе го разобличи трагичната реалност. Јазот меѓу сиромашните и богатите постојано се продлабочува, како меѓу државите, така и во самите земји, не само во контекст на ковид-пандемијата, туку и во сите други сектори како што се економијата, социјалната заштита, здравството и животната средина. Длабоките разлики меѓу државите и внатре во општествата, директно ги засегнува и секторите на безбедноста, образованието и квалитетот на животот, при што најранливите популации го поднесуваат најголемиот товар на овие нееднаквости.
АГРЕСИЈА ШТО ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ: ККАКО ИЗГЛЕДА ДЕНЕШНИОТ СВЕТ? Глобалната поларизација и тензиите дојдоа уште повеќе до израз по руската брутална воена агресија против Украина. Всушност, тоа го промени светот каков што го познаваме. Но колку и да се грозоморни и фатални, воените злосторства и геноцидната стратегија против украинскиот народ остануваат само фрагменти од мозаикот на хаосот и страдањето. Конечно, руската целосна инвазија против Украина, го принуди Западот да се соочи со суровата реалност дека Москва веќе одамна води хибридна војна против слободниот свет.
Мрачната слика за светот ја запечати војната во Газа[7] каде што воените злосторства и етничкото чистење станаа секојдневие за Палестинците. Повеќе од 45.000 загинаа, а 1,9 милиони (90%) беа раселени лица за нешто повеќе од една година во војната што ја поведе израелската армија по терористичкиот напад на Хамас во кој загинаа повеќе од 1.200 Израелци.
Овие конфликти се дел од листата со повеќе од 110 оружени воени конфликти во светот денес, според Женевската Академија. Некои од овие конфликти се речиси невидливи за светската јавност, додека други доминираат во агенциските тикери. Голем број од нив започнаа или беа обновени во изминатите неколку години, додека некои траат повеќе од половина век. Руската воена агресија, како и оние конфликти што уследија, односно се интензивираа на Блискиот Исток, ги потресоа темелите на меѓународното право. Паралелно со војните, светот е под удар на национализмот и авторитаризмот, кои ѝ се закануваат на демократијата во Европа и низ целиот свет.
КРИЗИ ВКОРЕНЕТИ ВО ИСТОРИЈАТА И СИСТЕМСКИТЕ ПРОБЛЕМИ: НЕДОСТИГ НА ПОЛИТИЧКА В9ОЛЈА И ВИСТИНСКО ЛИДЕРСТВО
„Темелите на меѓународното право и мултилатералната соработка се во сериозен ризик од колапс поради кумулативните неуспеси на политичкото лидерство. Се соочуваме со најопасниот момент од Втората светска војна наваму“, се наведува во изјавата од состанокот на Бордот на The Elders во Сао Паоло на 29 мај 2024 година. Ова е повеќе од точно – меѓународното право се распаѓа со секој изминат ден.
Не е доволно да ги согледаме причините и последиците од ужасната криза во која се наоѓа светот. Не е доволно дури ни да кажеме дека решенија постојат. Решенијата се познати – тие биле и се елаборирани и промовирани многу пати досега. Кризите на денешницата имаат длабоки корени во меѓународниот систем, историјата и нерешените прашања меѓу народите. Она што навистина недостасува е политичка волја и вистинско лидерство за да се спроведат тие решенија. На пример, Москва би можела денес да одлучи да ја заврши војната и да ги повлече своите сили на агресијата зад меѓународно признатите граници на Украина.
Истражувачите, експертите, аналитичарите, креаторите на јавното мислење и активистите постојано нудат решенија и модели за надминување на историските и сегашните кризи, како и нови рамки за соработка, отпорност и солидарност. Попусто.
Трагичните кризи за кои овде зборуваме, не само што можеше да се предвидат, туку светот има ресурси и да ги спречи или ублажи. Но тоа не се случи. Моќните и богатите можеа да ги препознаат сигналите на злокобната операција на ФСБ и нејзиниот агент, Владимир Владимирович Путин. Агресивната политика на Кремљ и методите на хибридно војување беа очигледни долго пред да кулминираат во војна и глобални потреси. Предупредувања доаѓаа од сите страни – од Украина и балтичките држави до граѓански организации како ЦИВИЛ во Северна Македонија и други – но мејнстрим политиката, бизнисот и медиумите, па дури и граѓанското општество, не беа спремни да ги отворат очите.
ПОВЕЌЕ ОД РЕТОРИЧКИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА ОД МИНАТОТО Не, ова не е параграф од типот I told you so. Светот доби повеќе од доволно предупредувања за тоа што ќе се случи со светот ако се дозволи подемот и јакнењето на Путиновата диктатура и воено пропагандна машинерија уште на почетокот на првата деценија од новиот милениум. Воените интервенции во Грузија 2008, Украина во 2014, како и низа други во тој период – кои кулминираа со систематското ширење дезинформации и корупција – јасно сигнализираа кои се следните чекори на рускиот диктатор и злосторник. Но, наместо да се спротивстават на овие тактики, голем дел од европските и светските лидери избраа да замижат, а сѐ што диктитираше Кремљ – да го нормализираат (!).
Таквата политика на занемарување на очигледното, создаде плодна почва за ширење на авторитаризмот, национализмот и поларизацијата кои денес ја претвораат светската стабилност во спомен. Едноставно, светот не беше подготвен да учи од своите грешки. Замижувањето пред фактите, заштитата на бизнис интересите и профитите на најмоќните, придружено со дипломатски насмевки и неспособност да се согледаат последиците од хибридните операции и корумпирањето на елитите, придонесе кон слабеење на отпорноста на демократиите во целина. Така, една грешка водеше во друга, уште поголема од претходната, и така во недоглед.
ПОРАНЕШНАТА ЈУГО-ФЕДЕРАЦИЈА КАКО ИСЛУСТРАЦИЈА НА СЛАБОСТИТЕ НА ЕВРОПА И РАНЛИВОСТА НА ПОСТКОМУНИСТИЧКИТЕ ОПШТЕСТВА Приказната за поранешната комунистичка федерација на Балканот претставува јасна илустрација за слабостите на Европа, а уште повеќе за ранливоста на посткомунистичките општества. Регион кој некогаш ветуваше да биде симбол на обновата со меѓународна помош и дипломатски напори, по трагедијата со крвавиот распад на Југославија, наместо тоа, стана жртва на локалните олигархии, политичката неписменост, национализмот и корупцијата. Болестите на неуспешната транзиција и војните оставија длабоки рани, создавајќи хаос во кој демократијата никогаш целосно не пушти корен.
На таква нестабилна почва, крвожедната московска мечка најде погодно тло за влијание. Старите југословенски републики, кои некогаш со презир гледаа кон рускиот модел на тиранија, постепено станаа плен на дезинформации, политички манипулации и економски и военополитички влијанија диригирани од Кремљ. Се разбира, тука се и други големи играчи, како Пекинг, Анкара и блискоисточните центри на моќта. Така, декларираната прозападна, евроатлантска ориентација на ексјугословенските држави (со исклучок на Србија која нема намера да се приклучи кон НАТО), бледнее пред пропагандното цунами од Русија. За сето тоа време, регионот е примател на неспоредливо повисоки суми на пари за обнова и развој од Западот, отколку тоа што доаѓа од Истокот, кој главно нуди сомнителни инвестиции од Русија и кредитно ропство од Кина.
Децениската одбивност кон Москва, заменета со податливост пред нејзината пропаганда и корупција, е трагедија самата по себе. Тоа ја нагласува не само ранливоста на посткомунистичките општества, туку и неспособноста на Европа и Западот да изградат одржлив модел на демократија и стабилност во регионот.
ПЕРСПЕКТИВИ: НЕМИНОВНАТА ЗАКАНА ОД ГЛОБАЛЕН КОНФЛИКТ И ТРОШКИТЕ НА КРЕВКАТА ЧИНИЈА НА НАДЕЖТА Кондолиза Рајс, поранешна државна секретарка на САД, во октомвриското издание на престижното списание Foreign Affairs навести дека ни претстои период кога е можен директен воен конфликт меѓу суперсилите. Таков конфликт ќе има незамисливи последици врз целиот свет.
Геополитичките тензии меѓу суперсилите се засилуваат и заедно со агресивниот експанзионизам на регионалните сили ја означуваат алармантната патека кон катастрофален глобален конфликт, со највисок степен на веројатност за директен конфликт меѓу Русија и НАТО[14]. Со интензивирањето на трката во вооружување и нуклеарната реторика што преминува во застрашувачка реалност – како што сведочи лансирањето на балистички проектили со долг дострел со капацитет за нуклеарно полнење против цивилите во Украина – можностите за погрешна проценка или намерна провокација на глобален конфликт стануваат сè поголеми. Светот се наоѓа на работ, каде што една грешка би можела да предизвика разорување со незамисливи размери.
Во отсуство на ефикасни меѓународни механизми за спречување конфликти, прокси војните, хибридните операции и територијалните спорови можат да ескалираат во директни конфронтации, уништувајќи безброј животи, економии и екосистеми ширум светот, оставајќи неизбришливи траги.
Меѓу трошките што се на кревката чинија на надежта, е неопходноста слободниот свет да спроведе проактивна дипломатија, обединувајќи ги демократските нации за да ги почитуваат и имплементираат меѓународните норми без компромис. Пролонгираните политички дебати околу доделувањето на членството на Украина во НАТО служат како јасно потсетување дека двоумењето и неодлучноста го отвораат патот кон трагедиите.
Неуспешната мисија на Обединетите нации во целина претставува уште еден пример за тоа како меѓународните норми и закони буквално се исмевани, злоупотребувани и манипулирани од авторитарните актери како Русија. Без значителни реформи, ОН ризикуваат да продолжат да ја губат својата релевантност во справувањето со современите глобални кризи.
Само длабоко реформирани Обединети нации, заедно со зајакнат и поагилен НАТО, може да одиграат суштинска улога за обезбедување на поголема ефикасност во спречувањето на претстојната катастрофа. Глобалните институции мора да еволуираат за да се соочат со претстојните закани со решителни акции, оставајќи без простор за двосмисленост.