Авторот на текстот оваа скепса кон државните кампањи, како оваа со вакцинирањето, ја поврзува со недовербата во државата која потекнува од времето на социјализмот, а тоа особено важи за маргинализираните групи од населението како Ромите
„Ноје цурхер цајтунг“ на почетокот на анализата на дописникот за југоисточна Европа Волкер Пабст укажува на тоа дека Србија до неодамна важеше за земја со најголема стапка на вакцинирани ротив коронавирусот во Европа (покрај Британија).
Но, во меѓувреме, се наведува, кампањата заглави. Причината е недовербата на граѓаните кон вакцинирањето. Тоа е и една од позадините на отворањето на српската програма за вакцинирање и за соседите. „Фактот што Србија во март својата програма за вакцинирање ја отвори и за странците, освен со маркетинг ефектот, беше поврзан и со вишокот вакцини. Во тој момент, имено, само една четвртина од возрасните граѓани на Србија беше пријавена за вакцинирање“, наведува швајцарскиот весник во својот денешен број, а пренесува Дојче веле.
Се укажува и на тоа дека кампањата до таа мера заглавила во тешкотии што претседателот на Србија Александар Вучиќ сега сите оние кои ќе решат да се вакцинираат ги наградува со по 3.000 динари (околу 25 евра), што е „околу десетина од минималецот“. Се истакнува дека ни во соседството не е подобро и дека во Република Српска во БиХ властите лично им телефонираат на оние кои не се вакцинирале.
Слично е и на Косово и во Македонија. Весникот се повикува на една репрезентативна анкета на агенцијата Галуп која покажува дека, со исклучок на некои држави настанати со распадот на Советскиот Сојуз, во ниеден дел од светот не владее таква скепса кон вакцинирањето како во источна и југоисточна Европа.
„Во Босна и Херцеговина и Унгарија само тројца од десет анкетирани би примиле вакцина. На Косово 32 отсто, во Бугарија 33 отсто. И во Албанија, Црна Гора Македонија, Србија, Романија и Чешка едвај помалку од 40 отсто од луѓето се спремни да се вакцинираат“. Ноје цурхер цајтунг наведува дека анкетата е спроведена во 2020, кога сè уште малку се знаело за вакцините. „Од тогаш довербата порасна во многу делови од светот, но не и на југоистокот на Европа“, се наведува.
Авторот на текстот оваа скепса кон државните кампањи, како оваа со вакцинирањето, ја поврзува со недовербата во државата која потекнува од времето на социјализмот, а тоа особено важи за маргинализираните групи од населението како Ромите.
Но уште поголема улога во создавањето недоверба се припишува на спремноста на жителите на овој дел на Европа на прифаќање разни теории на заговор кои се поврзуваат со вакцинирањето.
„Повеќе од 60 отсто од анкетираните веруваат дека фармацевтската индустрија придонела на ширењето на вирусот, а речиси половина веруваат во вмешаноста на Бил Гејтс или американската воена индустрија“.
Таа геополитичка поларизација е видлива и во фактот дека повеќето жители на Република Српска предност ѝ даваат на руската вакцина Спутник V. А на Косово „владата од политички причини одбива вакцини од Русија и Кина бидејќи Москва и Пекинг не ја признаваат поранешната српска покраина“.
„Медиуми кои би им се спротивставиле на социјалните мрежи преку кои главно се шират лажните информации речиси и да нема. Во авторитарните држави како Албанија и Србија, но и во членката на ЕУ Бугарија, преовладуваат сензационалистички, провладини, масовни медиуми кои често и самите придонесуваат на ширењето на лажните информации“, се заклучува.