АНА ЧУПЕСКА
На масата се сервира папазјанија од мешани и дијаболични отрови, а десертот што е понуден е следниов: Никола Груевски работи на случајот да го симне Христијан Мицкоски, а Зоран Заев да го тргне Димитар Ковачевски. Ха ха ха, вистина примамлив залак, но, сепак да внимаваме
„Шведска маса во магла”- ете вака отприлика би можело да се опише она што и се нуди на јавноста во поглед на информирањето деновиве. Поточно, на масата се сервира папазјанија од мешани и дијаболични отрови, а десертот што е понуден е следниов: Никола Груевски работи на случајот да го симне Христијан Мицкоски, а Зоран Заев да го тргне Димитар Ковачевски. Ха ха ха, вистина примамлив залак, но, сепак да внимаваме. Ако го проголтаме ова парче десерт, со сигурност ќе се токсицираме.
Отруени или не, сега за сега, не е ни важно… гледам дека ваквите тези во моментов имаат значаен пробив во јавноста. Дури и да се точни, тие воопшто не се релавaнтни! Дотолку повеќе, што се прават комбинации со пуштена фантазија на најјако, а со тоа уште повеќе се згуснува маглата која и онака ја запоседна државата, особено Скопје кој не можеме да го симнеме од топ пет на светската листа на загадени градови. Во маглава се занимаваме сo некои си конструкции во замислената далечината… наместо да го видиме она што ни е пред нос: дека со молскавична брзина најбитните за јавноста судски предмети се движат кон застарување. Тоа се предметите кои баш суштински задираат во корупцијата за која декларативно сите сакаме да ја искорениме.
Затоа се чудам како тоа, вакви десертни теми, се сервираат токму во моменти кога можеби треба да се направат и најважните и најтешките чекори кои треба на граѓаните да им изградат еден однос на поголема доверба кон државата, а тоа не може да се направи со паролата “секое чудо за три дена”.
И повторно, во оваа игра, должност е на сите чинители на власта, на опозицијата но и на медиумите (!) и на сите креатори на јавното мислење да покажат свесност и лична одговорност во најавениот процес за конечната пресметка со корупцијата! Е сега разбирливо е дека се плашат многумина, да не им секне чешмата, оти јасно е дека и некои значајни “медиа” фигури се на платни списоци на оние кои корумпираат … Така што, доколку одлучно не се преземат сите потребни чекори, за успешност на оваа пресметка со корупцијата, ќе си гувееме тука осамени, а сепак окупирани од феудо-капиталистичките тајкуни и нивните политички инсталации. Конечно, доколку институциите не избираат моќ да се справат со овие предаторски пориви за поседување на се во државата и општеството, ќе си останеме тажна малечка земја која е во сопственост на “бизнисот”. Но не на “бизнисот како таков” , туку на бизнисот кој оперира вон стандардните регулативи на претприемништвото. Бизнис овозможен од корупција и криминал.
Секако дека, во вакви услови не е воопшто лесно да се управува со институциите (каде клептоманските инсталаци сеуште имаат големо влијание). Но таа потешкотија, не може да го амнестира естаблишментот од оговорност за да постапува соодветно, одговорно и храбро. Или, мандатот на Владата предводена од СДСМ иако воопшто не е лесен, иако изобилува со непопуларни, а храбри и од суштинска важност за опстаникот на државата одлуки (како напр. Преспански договор, Француски предлог и сл.), сепак ќе мора до следните редовни избори да изведе уште неколку клучни операции. Тие се поврзани секако со уставните измени. Но, бидејќи уставните измени, исто така се непопуарни, а важни, и со такви непопуларни одлуки паѓаат рејтинзи – се чини дека сепак една вистинска операција за конечна пресметка со корупцијата би можела (токму една таква!), да го избалансира проблемот со непопуларноста. Сепак најголем е интереот на граѓаните. Совесните политичари мораат тоа да го знаат и не смеат да ги поткопуваат овие процеси.