Филозофот Кангрга говори за оние кои често ги менуваат своите политички ставови, некогаш и на дневна основа како за – шверцери на сопствените животи. Кај нас оние како Мицковски лесно ги соблекоа античките апостолки и се уфрлија во партизанските цокули на 16 јуни, рано на сабајле, за потребите на острење и антибугарското расположение во земјава спроти евентуалниот пресврт во закочените односи на релација Софија – Скопје. Го одбраа програмираното а неискрено одбележување на денот на стрелањето на ваташките деца од 1943 година
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Дали се сеќавате на денот кога со непристојно големо присуство на полицијата, едно зимско пладне во 2012 година старите борци, оние вистинските, ги истуркаа од нивните простории, од Домот на воените инвалиди Не, тие сограѓани, главно во деветтата деценија од животот, излегоа на улиците во центарот на градот да протестираат. Немаше голема поддршка за поранешните партизани, проценките беа дека во колоната ги имаше 300 лица. Тука немаше никаква закрила од екипата на Груевски, во која беше и сегашниот лидер на оваа партија Мицковски, која очевидно се намерачи на нивниот објект а морам да признаам видов само како некој функционери од тогашната опозиција трчаат по улица Македонија да ги стигнат оние од колоната, на кои никој ниту од продавачите не им понуди барем некое шише со вода (!) ама не ги стигнаа: настаните како што често бива го претркаа нивниот комодитет. Впрочем, барем кога дојдоа на власт пет години потоа да се сетеа на нивниот одземен имот! Борците, оние кои преживеаа служат само за одбележување на одредени датуми.
На оваа употребливост на личности и настани се потсетија и во штабот во Палачинката, кога веќе буквално ги подигнуваат сите теписи во земјата за да најдат некаков мотив да го привлечат населението за својот саботен протест во Скопје (претпремиерата ќе биде во петок попладне, после 17 – 18 часот, ги чести државата со проба на техникалиите и затворање на сообраќајот!).
Па така, обидувајќи се да парира за настаните кои не може да ги контролира а кои можат да и наштетат на авторитетот и углдот црвено-црните се обидуваат истите да ги елиминираат. Она со признавањето на МПЦ во меѓународни црковни рамки беше таков настан, па после скепсата која се ширеше за исходот, преку средбата во чудни карактери во предворјето на Бигорски од страна на Мицковски, потоа преку избрзаните негативни конотации за прослават на Духовден во Цариград (писание на Николовски) дојде изјавата на шефот на партијата дека се работи за „успех на сите фактори, што дало резултат“, онака грубо срочено, без образ преземање на нешто за што се нема ама никаков придонес. Ама користи ако се застане во редот, со чинијата на заслугите, за да се добие некаков славенички „заслуг“.
Ненадејната најава за можна разврска на спорот меѓу земјава и источните соседи, како дел од процедурата за отпочнување на преговорите за влез во Унијата секако донела потрес во Палачинката. Предлогот на Макрон за подигнување на бугарското вето не е познат – во четвртокот вечер требаше да го отворат пликот во кабинетот на Петков (!). Одлуката е да не се чекаат детали, туку документот да се напаѓа ан блок. Поранешниот главен уредник на Нова Македонија Никола Тасев затоа на Канал 24 говореше за тоа дека не ни треба подигнување на ветото по било која цена, одбивајќи ја толку очевидната ситуација со која патем е на иста линија со бугарските националисти и со интересите кои се шуткаат низ коридорите на Кремљ. Вториот говорник во избраните за таа штафета од Мицковски – екс-амбасадорот Никовски, татко на своевремено добро платен советник на Груевски, отиде дотаму што просто рече дека ние треба да ги поништиме сите веќе потпишани договори со Бугарија! Патем, се јавија и текстови за тоа како документот кој го добил Петков е дебакл на надворешната политика на Османи, ама тоа се повлече од дневната понуда за нашите тв куќи, бидејќи ако не го знаеш документот, како можеш да го напаѓаш!
Во налет на тоа ширење на антибугарската атмосфера во претис-лонецот се постави и одбележувањето на стрелањето на ваташките деца од 1943 година. Секако, тој датум вреди да се одбележи, дури и јас пуштив пост по тој повод, ама чуди што доаѓа од таборот на кои антифашизмот не им беше пријатен Нивниот новоговор содржи и израз „комуњари“, нели, како синоним за нешто што треба да се отфрли во старт, ниту да се примириса, што би рекло, да си на дистанца од таквите знакови на опстојување на историските личности и настани…
Филзофот Кангрга има речено за оние како луѓето од штабот во Палачинката, кои потреба, па и дневно коперникански ги менуваат своте ставови и идеологии дека се шверцери со своите животи. Бидејќи и генерално како да омекнува односот на ВМРО ДПМНЕ кон социјализмот, како мамец за привлекување на разочараните во земјава, предласгам функционерките на оваа партија да почнат да носат боросанки. Добро би и стоеле на кметицата Арсовска, бидејќи би ја поддржувале нејзината голема активност?! И… во духот на промените, нека побараат од надлежните обнова на процесот за враќање на Инвалидскиот дом на борците.