Наместо економија и мерки, на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ поважно им е да ги партизираат институциите – смета Александар Димитријевиќ, генерален секретар на најголемата опозициона партија во Парламентот
Власта потфрла на најважната тема – економијата и животниот стандард на граѓаните, вели во интервју за 24 инфо генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ оценувајќи ги изминатите шест месеци од владеењето на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
– Во овие шест месеци просечната плата стагнира, не расте како што растеше претходно. Минималната плата не се зголеми и прашање е дали воопшто ќе се зголеми. На вработените во образованието, во здравството платите им се зголемија само половично од она што беше договорено. Цените растат иако нема криза а инфлацијата повторно е во нагорна линија. Наводните мерки и таканаречените кошнички не само што не дадоа ефект, туку дополнително го отежнаа животот на обичниот граѓанин. Власта потфрла на најважната тема – економијата и животниот стандард на граѓаните, вели Димитријевиќ.
Наместо економија и мерки, на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ поважно им е да ги партизираат институциите.
– Гледаме масовна партизација на безбедносните структури, гледаме како без срам и перде се брани незаконското поставување на Бојан Христовски за шеф на АНБ. Понатаму, сведоци сме на најавено бескрупулозно мешање во судството преку разрешување членови на Судски совет, гледаме како Артан Груби иако на потерница, без проблем минува државни граници. Сето ова не се паушални критики на СДСМ или мои лични, тоа за жал е грдата реалност во која денес живее Македонија. По само шест месеци, станува сосем јасно дека Мицкоски сака повторно да воспостави режим во Македонија, државата да ја оддалечи од ЕУ и таа повторно да биде заробена како што беше во периодот до 2016 година, потенцира генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ во интервју за 24 инфо.мк.
Патем како дополнение на ова интервју може да ја погледнеме последната статистика во областа на платите, Разликата во просечните плати во регионот и во Европската унија е значајна. Според најновите податоци од Државниот завод за статистика на Македонија, просечната месечна исплатена нето-плата во октомври 2024 година изнесува 42.134 денари (685 евра), додека во Србија за истиот месец просечната плата е 98.538 динари (842 евра), што е за 157 евра повеќе.
Македонија заостанува и во однос на соседните земји, каде работниците заработуваат значително повеќе. Во Босна и Херцеговина просечната плата изнесува 720 евра, во Црна Гора 944 евра, во Хрватска 1.340 евра, а во Словенија 1.514 евра.
Во однос на претходниот месец, Македонија има зголемување на просечната плата, особено во секторите како што се дејности во врска со недвижен имот (7,5%), образование (5%) и градежништво (3,1%). Ова зголемување е резултат на покачувањето на минималната плата и зголемувањата во јавниот сектор, како и одливот на работна сила во странство.
Просечната плата во Македонија во последните десет години пораснала за 94%, од 21.717 денари во 2014 година на 42.134 денари (685 евра) во октомври 2024. Сепак, и со овој раст, Македонија и понатаму е на дното на европската скала по висина на платите. Европскиот просек изнесува 3.155 евра месечно.