Македонското знаме поставено во холот на Пентагон. Средба со повеќе официјални лица. Инаку ова е нејзина трета официјална посета на САД
Знамето симболично го открија министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер
Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме кое по членството во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата.
Знамето симболично го открија министерката Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.
„Посочувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, Купер и се заблагодари на министерката Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи“, соопштија од Министерството за одбрана.
На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот, при што и честиташе на Шекеринска на нејзиното, како што рече, лидерство и визионерство во остварувањето на стратешките цели на државата.
“Ви благодарам што верувавте во нас”, рече министерката.
На церемонијата присуствуваше и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон и од американската амбасада во Скопје
„Во 30 години независност, свесни сме колкаво беше влијанието од САД и колку позитивни ефекти имаше кога Вашингтон беше вклучен во случувањата и развојот на Балканот. Пораката денес беше дека нема да случи повлекување на американскиот ангажман и интерес од Балканот, нагласи Шекеринска.
Таа рече дека првиот фокус на средбите во Вашингтон беше Северна Македонија и Балканот. „Стабилноста на Балканот ја врзуваат секогаш за стабилност на Европа“, нагласи министерката.
„Членството во НАТО не ни е подарено туку сме го заслужиле“ – ја пренесе пораката Шекеринска по средбите со виши американски официјални лица.
За неа, прифаќањето на авганистански бегалци е врвен етички момент, уште поважно е што Северна Македонија сега се наметнува, не како корисник, туку придонесувач, рамо во рамо, со сојузниците.
26-те години дипломатски односи помеѓу Северна Македонија и САД се карактеризираат со силни меѓусебни врски и релации, на многу полиња, не само во НАТО, рече Шекеринска и најави нова соработка на АРМ во обуката и модернизацијата на опремата со поддршка од САД.
Во рамки на посетата, Шекеринска во Пентагон ќе се сретне со потсекретарот за одбрана на САД за политички прашања, Колин Кал и со помошничката на секретарот за одбрана, Лора Купер. Министерката ќе има средба и во Стејт Департментот, со помошникот државен секретар и прв човек на Бирото за политичко-воени прашања, Тимоти Алан Бетс.
Во соопштение, се наведува дека во Пентагон, Шекеринска ќе се обрати и на церемонијата за откривање на македонското знаме во холот на НАТО на која ќе присуствуваат претставници на Пентагон, и на американската амбасада во Северна Македонија.
Министерката Шекеринска ќе има средби и со началникот на Бирото на националната гарда, генералот Даниел Хокансон и командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал – мајор Грегори Најт.
Во Вашингтон, делегацијата предводена од министерката Шекеринска ќе разговара и со директорката на Агенцијата за одбранбено-безбедносна соработка, Хајди Грант, а ќе ги посети и Националниот демократски институт и Националниот фонд за демократија, при што ќе има средба со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт и со претседателот на НДИ, Дерек Мичел.
При посетата на сојузната држава Вермонт, со чија Национална гарда, Армијата на Република Северна Македонија има исклучително богата и долга соработка, министерката ќе се сретне со гувернерот на Вермонт, Фил Скот, ќе ја посети базата на Воздухопловната национална гарда каде ќе се сретне со командантот на базата, полковникот Ендрју Шефчик, а ќе го посети и полигонот за планирање и операции.
Шекеринска во Вермонт ќе биде брифирана и во Оперативниот центар за итни случаи, каде ќе се запознае со начинот на кој оваа сојузна држава се справува со природните несреќи и катастрофи, вклучувајќи ги и пожарите.
При престојот во САД во главниот град, Шекеринска ќе оддаде почит и на Националните гробишта Арлингтон во близина на Вашингтон, каде ќе положи венец со свежо цвеќе на гробот на незнајниот војник.
Како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска порача дека посетата ќе ја искористи да ги пренесе пораките кои се важни за Северна Македонија и уште еднаш да се потврди интензивното, стратешко партнерство и сојузништво помеѓу двете земји.
„Ова е прва посета на претставник на нашата Влада, Владата на Република Северна Македонија, на нашиот стратешки партнер, САД, по промената на администрацијата, односно по изборот на новиот американки претседател Бајден и затоа е многу важно што ќе имаме прилика на овие средби кај сите претставници и на Пентагон и на американскиот Стејт Департмент да ги испратиме за нас важните пораки. Првата таква порака е дека како држава, покажавме дека и по нашето членство во НАТО ние сме сојузник на кој и НАТО и Соединетите Американски Држави можат да сметаат“, рече министерката Шекеринска, а пренесува од министерството за одбрана.
Таа истакна дека соработката која до членството на Северна Македонија во Алијансата имаше една клучна цел – членството во НАТО, денеска влегува во нова фаза, каде двете земји како сојузници во Алијансата разговараат за теми кои се важни за земјите, но и за регионот и за светот.
Министерката порача дека од американските претставници во Пентагон и во Стејт Департментот ќе побара новата американска администрација предводена од претседателот Бајден да го задржи фокусот и интересот кон Балканот, како и дека ќе биде побарана и силна поддршка од САД за интензивирање на нашиот европски пат.