Заменик-претседателката на СДСМ истакна дека Северна Македонија со нетрпение ја очекува преговарачката рамка со ЕУ што поскоро и формално започнување на преговорите со ЕУ до крајот на 2020 година што ќе донесе нов циклус на реформи, напредок и развој на нашата држава и нашата економија
Заменик-претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска учествуваше на средбата на лидерите на ПЕС во пресрет на утрешната седница на Европски совет. Главна тема на средбата на лидерите на ПЕС беше предложениот план за социо-економско закрепнување на ЕУ во време на COVID-19 кризата како и седумгодишниот Буџет на ЕУ кои треба да бидат усвоени во наредниот период.
Заменик-претседателката Шекеринска се заблагодари за финансиската помош на ЕУ за Западен Балкан и Северна Македонија во време на кризата и истакна дека тоа е уште еден доказ дека заедничките предизвици најдобро ги надминуваме заедно и дека европската солидарност останува една од најважните вредности кои и конкретно се покажуваат на дело.
Исто така, Шекеринска изрази благодарност за големата и искрена поддршка која политичкото семејство на европските социјалисти ја дава на СДСМ за убедлива победа на изборите на 15 јули и зацврстување на вистинскиот курс на нашата држава кон членство во ЕУ, економски напредок и грижа за сите граѓани подеднакво.
Заменик-претседателката на СДСМ истакна дека Северна Македонија со нетрпение ја очекува преговарачката рамка со ЕУ што поскоро и формално започнување на преговорите со ЕУ до крајот на 2020 година што ќе донесе нов циклус на реформи, напредок и развој на нашата држава и нашата економија.
Сојузниците во НАТО – Алијансата, меѓу кои и нашата земја денеска донесоа нов оперативен план за справување со пандемијата, како и одлука за создавање на заеднички фонд кој ќе ги покрие итните потреби на земјите-членки, и за креирање на залихи од медицинска опрема, информираше министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, по завршувањето на втората сесија на министерскиот состанок на Северноатлантскиот совет.
„Сите 30 сојузници сме соочени со истиот проблем, а тоа е со пандемија која веќе има глобални размери и затоа најдобриот и најефикасниот начин е да имаме единствен став, координиран одговор, да бидеме солидарни во помошта, но и брзи во реакцијата“, рече министерката Шекеринска. Појасни дека заедничкиот фонд ќе се користи за набавка и обезбедување на медицинска опрема, транспорт на опремата, на пациентите и на здравствените работници, додека залихите ќе се креираат преку набавките од овој фонд, но и донации од земјите-членки.
Министерката посочи дека НАТО и досега одигра важна улога во поддршка на земјите-членки, но и земјите-партнери во справување со вирусот, преку транспорт на критична медицинска опрема како и подигнување на речиси 100 полски болници. Овој ангажман, рече министерката, на многу начини беше сличен на ангажманот на нашата Армија и во поглед на поддршка на цивилните институции, но и во поглед на искористување на капацитетите на мобилната болница.
„Ако некој имал дилеми, еве точно што значи да сме дел од Алијансата. Тоа значи да учествуваме во одлуки, но и да ги користиме бенефитите на вака организираната акција и солидарност. Тоа значи дека не сме сами и дека не сме мали, туку дека сме дел од навистина најмоќната воено-политичка алијанса. Дека сме дел од поголемо семејство кое се поддржува и помага секогаш кога таа помош е потребна“, рече министерката Шекеринска.
На последната сесија за овој министерски состанок, освен министрите за одбрана на земијте-членки на НАТО се приклучија и високиот претставник на Европската Унија, Жосеп Борел, но и министрите за одбрана на Шведска, на Финска и на Австралија.
На новинарско прашање во врска со набавката на новите униформи за припадниците на Армијата, министерката посочи дека се решава прашање кое долги години не било решено.
„Навистина ми е задоволство што најпосле и војниците може да се почувствуваат дека се ценети од својата држава, затоа што имаат повисоки плати, затоа што имаат зголемени надоместоци и затоа што кога ќе ја облечат униформата на својата земја ќе се чувствуваат и горди и задоволни и ценети“, рече министерката Шекеринска.
Кога сме кај МО треба да се подвлече овогодинешниот извештај на Индексот на активна транспарентност 2020 на Центарот за граѓански комуникации, кој покажува дека Министерството за одбрана е лидер на листата на сите институции на централно и на локално ниво во активната транспарентност.
Според извештајот, ова е скок за 40 места според активната транспарентност на министерството за одбрана, за само три години.
„За првпат во последните пет години откако се изработува овој индекс, едно министерство се наоѓа на врвот на табелата. Годинава на прво место со најголема активна транспарентност е Министерството за одбрана. Најголем пораст има кај Министерството за одбрана, кое со 97,9 % е најдобро рангирано министерство, но и најдобро рангирана институција од сите 98“ стои во извештајот.
Од министерството велат дека во последните три години биле направени големи чекори напред во однос на достапноста на информациите за работењето на министерството за одбрана.
„Фактот дека последните години сме во врвот, а годинава на првото место покажува дека Министерството за одбрана како одговорна институција не отстапува од зацртаната определба да биде целосно отворено за јавноста и граѓаните за кои и постоиме“, велат од министерството.