Целата клучка кај Момин Поток требаше да биде готова ноември годинава, го знам тој проект а не е ни 30 проценти готов. Има еден мост кој се уште не се пушта во употреба. Универзална сала, сега со преземањето дури ќе се доврши – набројува поранешниот градоначалник
Граѓаните на Скопје веќе по две години ја видоа разликата од тогашната и сегашната администрација, за жал на полошо. Скопје го пропушти чекорот за стратешки развој што беше започнат, рече членот на Извршниот одбор на СДСМ и поранешен градоначалник на Скопје, Петре Шилегов во Само интервју на Канал 5 телевизија.
-Жал ми е што не можам да најдам добри зборови за работењето на актуелната градска администрација. После две години граѓаните на Скопје видоа огромна разлика, за жал на полошо. Каде е бесплатниот превоз? Не само што го нема, прв пат на Скопје од независноста ни се случи да имаме штрајк во јавниот превоз, преку 6 месеци не работеа ниту приватните превозници. Скопје го загуби чекорот за неговиот стратешки развој. Тоа што беше започнато како стратегија за развој на град Скопје со имплементација на мостови, со имплементација на булевари, на нов систем на јавен превоз, современ, визионерско формирано јавно претпријатие за греење на граѓаните, едноставно застана. Целата клучка кај Момин Поток требаше да биде готова ноември годинава, го знам тој проект а не е ни 30 проценти готов. Има еден мост кој се уште не се пушта во употреба. Универзална сала, сега со преземањето дури ќе се доврши. Криво ми е она што беше зацртано како стратешки развој на градот, дури велам и ради тие стратегии како апликациите за Зелен град, град Скопје да влезе меѓу 8те градови во Европа, нешто што не било ниту пак се повторило. Шанси кои градот ги постави како основ за развој се загубени. Како жител на Скопје тоа ме боли, рече Шилегов.
Во меѓувреме новото раководство, по стек на околностите, се соочува со сериозни задачи во наредните две години! За прв пат градот Скопје добива една престижна награда за културата, европски град на културата за 2028 година, јасно, не поради проектот Скопје 2014. Туку поради посветеноста на стратешки добрите цели, потенцираше Шилегов.
Немојте да заборавите дека Арсовска беше кандидат избрана од страна на ВМРО-ДПМНЕ, подржана од нив и активистите на таа политичка партија ја носеа во домот на скопјани да молат за гласовите, додаде Шилегов.
Дали они потоа имале личен конфликт или каков и да било конфликт со претседателот на ДПМНЕ мене како граѓанин сега зборувам не ме интересира, но очигледно избрале заеднички да е оваа состојба која што ја имаме, рече Шилегов во Само интервју на Канал 5 Телевизија.
Град Скопје, да потсетиме, е избран за престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година. Скопје се претстави пред ЕУ со богатата програма под слоганот „Култура над поделбите“. Одлуката беше соопштена минатата недела на свечен настан во „Куќата на европската историја“ во Брисел, по претставување на програмите на двата финалисти Скопје и Будва, Црна Гора.
„Тимот посветено работеше на културна промоција, претставувајќи ја програмата во различни области, иновативните идеи и концепти со кои Скопје ќе се најде на мапата како Европска престолнина на културата за 2028. Овој избор е престижно признание за сите нас, Скопје е дел од Европа, а Европа во годините кои следат до 2028 година ќе се обедини со Скопје низ призмата на културата и уметноста . Нашата визија која победи денес ги вклучува младите и креативните индустрии, поврзани со еко-практики како иновација во сите процеси и културни настани кои ќе се одвиваат 365 дена во Скопје. Програмата почнува да се имплементира уште во јануари 2024 година и во текот на следните години обединети националните и европските уметници ќе учествуваат на стотици културни настани кои ќе кулминираат во 2028“, истакна градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, по соопштувањето на одлуката.
Процесот за кандидатурата на Скопје за оваа престижна титула се одвиваше неколку години. Скопје ја поднесе кандидатурата за Европска престолнина на културата во 2018 година. Во процесот беа вклучени градските и државните културни институции, многу активни чинители од областа на културата и експерти.
Скопје ја доби кандидатирата во категорија на градови од EEA/EFTA земји, земји кандидати за ЕУ и потенцијални кандидати за ЕУ.