Посакувам силите на разумот во ГЕРБ да размислуваат за доброто на земјата и да имаат влада, вели Гудрун Штајнакер, поранешен заменик-амбасадор на Германија во Софија
АЛЕКСАНДАР АНДРЕЕВ
Госпоѓо Штајнакер, зошто мислите дека Бугарија е во оваа постојана криза на демократијата?
– Причината е самата криза на демократијата! Луѓето очигледно не веруваат дека партиите и властодршците можат да ги решат проблемите што ги има државата. Очигледно, најсилната партија во последните години, која победи и на овие избори, ГЕРБ, има големи тешкотии да коалицира.
Опишувате маѓепсан круг: луѓето се разочарани, одѕивот на гласачите е мал, се појавуваат фрагментирани парламенти, а политичарите не можат да формираат стабилна влада токму поради тоа
– Дефинитивно можете да го кажете тоа. Но, доколку двете партии со најмногу гласови коалицираат, ќе можат со малку поголема помош од помалите партии да формираат коалициска влада. Но, како што гледаме во Германија, ваквите коалиции се исклучително тешка задача. А недовербата меѓу првите две партии е превисока, особено од страна на демократската прозападна унија, која дојде на второ место – недовербата кон ГЕРБ, која владееше толку долго.
Ако успеат да се договорат – на која основа мислите дека можат да издржат?
– Со прозападниот курс и јасната позиција во однос на конфликтот во Украина. Се разбира, важна улога игра и економијата. Всушност, на економски план, Бугарија воопшто не изгледа толку лошо. Во последните години земјата продолжи да се развива – можеби е бавна, но економски оди напред.
Ова нè доведува до тема на која имавте длабински согледувања уште од времето кога бевте заменик амбасадор во Софија: корупција, криминал, организиран криминал, криминални мрежи на влијание. Изборната ноќ, голем број набљудувачи го кажаа тоа: судските реформи, потребата од реформи во ССС и Канцеларијата на Јавното обвинителство се камен-темелник за идната коалиција во Софија. Дали го делите ова мислење? Зошто правдата е толку важна?
– Бидејќи правдата во Бугарија беше заробена и сè уште е делумно заробена, таа е заложник на оние сили кои владеат со Бугарија од зад сцената. Тоа се олигарси, тајкуни кои во транзициските години акумулираа многу пари и соодветно на тоа моќ. Често тие се надоврзуваат на нивните акумулации од времето на комунистичките тајни служби, на нивните врски со Русија, на нивните понови врски со руските олигарси. Значи дефинитивно можеме да зборуваме за „длабоката држава“. Колку што се сеќавам, во април Кирил Петков во интервју го кажа токму тоа: дека власта всушност не ја држи власта.
Оваа „длабока држава“ веројатно држи под закрила голем број неласкави факти, можеби дури и злосторства, спречува вистините да излезат на виделина – ова често ќе го слушнете во Бугарија. За какви вистини, за какви факти зборуваме, според вас?
– Ќе ги споменам бројните скандали за кои пишуваат малку веродостојни новинари и медиуми. Можам да посочам, на пример, BIRD.bg, организација која соработува со „Транспаренси Интернешнл“ и со меѓународни проекти за борба против корупцијата. Станува збор за истраги кои докажуваат, на пример, дека во Бугарија се трошеле огромни суми европски пари – преку корупција, па дури и преку криминални мрежи. Секој од овие случаи во принцип треба да доведе до истраги и евентуално осудувања, но такво нешто не се случува. Да, понекогаш се водат истраги, понекогаш дури и обвинувања, но потоа се чини дека сè тоне во песок. Никогаш не се доаѓа до вистината, бидејќи зад сторителите, кои понекогаш се споменуваат и по име, се кријат други луѓе. Но, ова не е чисто бугарска појава, истото се случува и во другите поранешни комунистички земји. Во Словачка откриен и осуден убиецот на новинарот и неговата девојка, но оној кој дтои зад тој чин до ден денес останува непознат.
Рековте дека зад овие отпадоци и злосторства во Бугарија стојат други лица. Кои се овие „други личности“?
– Кои се овие други лица? Па, тоа се овие богати, многу богати луѓе кои делумно ги чуваат своите пари не во Бугарија, туку на разни офшор сметки, но дефинитивно работат во Бугарија и не сакаат да се придржуваат до законот и законите. Во Бугарија профитот се’ уште се приватизира, а трошоците остануваат на сметка на општеството.
Мислите на луѓе како Васил Божков или активни политичари за кои во Бугарија велат дека се дел од олигархискиот модел?
– Да, вклучително и политичари кои сега се повторно активни. Името на Пеевски постојано се споменува во таков контекст, но и името на неговиот таканаречен поранешен „газда“ Доган. Познато е дека за Пеевски често се зборува во контекст на корупција, па дури и криминални дела.
Бевте и амбасадор во денешна Северна Македонија и внимателно ги следите односите меѓу Софија и Скопје, кои повторно се во криза. Дали мислите дека изборните резултати во Бугарија некако можат да помогнат за излез од оваа криза?
– Наместо тоа не. Се разбира, никогаш не треба да кажеме никогаш. Но, во Скопје партијата која ги доведе односите со Бугарија во ваква криза повторно е на власт. Така беше и со Грција, инаку, но засега таа криза изгледа делумно надмината. Оваа партија води политика свртена кон минатото и тврди дека има сериозни делови од бугарската историја. Се разбира, секогаш може да се расправа што е бугарска, а што македонска историја, но сепак оваа ултранационалистичка партија, која исто така беше многу корумпирана и криминална (а сега треба да докаже дека повеќе не е) денес се враќа на власт. Не гледам никаква промена во нејзиниот национализам, така што ќе биде многу тешко да се излезе од овој ќорсокак до кој со заеднички напори дојдоа двете земји. Бугарија со своето вето, кое според мене не беше оправдано, особено што во тој момент на власт во Скопје беше партија подготвена за компромис. Тој момент беше пропуштен, сега националистите се вратија на власт во Скопје и прашање е дали тие ќе бидат подготвени, за доброто на своите гласачи, да постигнат компромис со Бугарија. Во овој поглед, ЕУ има многу важна улога.
А бугарските националисти? „Вазраждане“ на овие избори собра сериозна поддршка.
– Загрижувачко е, но да речеме дека со излезност под 40%, резултатите тешко можат да се сметаат за репрезентативни. Фала богу, „Вазраждане“ не стана втора политичка сила, но нивниот резултат сепак предизвикува загриженост. Колку и да се нерепрезентативни резултатите од изборите во Бугарија, успехот на оваа крајно националистичка, но главно проруска партија може да сугерира нешто за ставовите во земјата. Има такви поддржувачи на Русија во Бугарија – и тие гласаат за партијата што ги дели нивните ставови.
Дали оваа закана е реална или западните медиуми малку ја зголеуваат?
– Таа е сосема реална! Уште повеќе, го има и во Германија – видете ја г-ѓа Вагенкнехт и „Алтернатива за Германија“. Оваа закана е сосема реална во Бугарија, а згора на тоа, Бугарија е понестабилна како земја во споредба со Германија. А руското влијание во Бугарија има многу подлабоки корени, никогаш не згаснало, секогаш било поддржано од делови од бугарските елити. Само да потсетиме дека комунистичките тајни служби во Бугарија беа нешто како послуга на советските тајни служби. Овие работи не се менуваат преку ноќ.
И конечно: какви се вашите очекувања и прогнози за Бугарија?
– Попрво ќе го кажам она на што се надевам. Би сакала силите на разумот (и тие се таму, иако веројатно не толку многу) во ГЕРБ да се соберат со другите проевропски партии и да кажат: сега треба да формираме влада. Ова бара компромиси, но во секој случај мора да продолжиме по патот на правните реформи, за доброто на државата. Да, тие треба да се фокусираат на идејата за доброто на земјата и нејзините граѓани. И, како што реков, има такви политичари – дури и во неколку партии – и би сакаал да сфатат дека имаат важна историска задача.
(Дојче веле на бугарски)