Посакувам пристапниот процес да се случи многу побрзо, да нема нови пречки. Реформскиот процес тука во земјата да се движи со брзината со која е потребно гледано од ЕУ. Се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзи – реле германскиот претседател при посетата на земјава
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/12/aplauzi-1024x438.jpg)
Романот на векот „Пиреј“ на впечатлив начин ја опишува судбината на Македонците Јон и Велика на почетокот на 20 век. Овој роман ни предочува дека има нешто што е посилно и поважно од националистичките интереси и политичките несогласувања. Нескротливиот копнеж за мирен живот. Тој копнеж верувам дека постои и денес, го има секаде во Европа, тој постои и тука и тоа 100 години по објавувањето на овој роман. Дозволете на овој нескротлив копнеж за мир и слобода да му дадеме заедничка татковина во Европа, рече Штајнмајер
Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер, со цитати од Блаже Конески – „Јазикот е наша татковина“, од собраниската говорница упати молба до пратениците, но и до граѓанките и граѓаните на Северна Македонија да не скршнуваат од патот кон ЕУ зошто сега не е време за националистички призвуци.
Штајнмајер во обраќањето до пратениците побара да се надмине последната пречка, а тоа се уставните измени. Притоа, тој ги спомена Петре М. Андреевски и романот „Пиреј“.
„Во романот на векот ‘Пиреј’, Петре М. Андреевски на впечатлив начин ја опишува судбината на Македонците Јон и Велика на почетокот на 20 век. Овој роман ни предочува, покрај сето страдање, дека има нешто што е посилно и поважно од националистичките интереси и политичките несогласувања. Нескротливиот копнеж за мирен живот. Тој копнеж верувам дека постои и денес, го има секаде во Европа, тој постои и тука. И 100 години по објавувањето на овој роман, дозволете на овој нескротлив копнеж за мир и слобода да му дадеме заедничка татковина во Европа“, рече Штајнмајер.
Тој пред пратениците рече и дека протоколот со Бугарија и потребните уставни измени се теми што ги засегаат луѓето бидејќи станува збор за прашања од националниот идентитет, за македонската историја, јазикот и културата и сигурно дека е правилно овие дебати да се водат со страст.
„На важните општествени дебати им е потребен овој страстен пристап. Сметам дека вие самите можете самоуверено да ги водите овие дебати, луѓето на Северна Македонија, вие ја обликувате и одредувате што ја сочинува вашата земја, вие решавате како треба да изгледа македонскиот идентитет денес и како тој треба да изгледа во иднина. Онака како што тоа го правите од пред 30 години, онака како што го формулираше тоа македонскиот писател Блаже Коневски кога кажа и кога напиша дека ’јазикот е нашата татковина‘. Се надевам многу дека македонската култура наскоро ќе ја збогати културната различност во ЕУ и овие денови сум тука за да научам уште повеќе за тоа“,порача Штајнмајер.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/12/medena-zemja-1024x500.jpg)
Германскиот претседател во говорот се осврна и на филмот „Медена земја“ и на пораката што го обиколи светот.
„Утре ќе разговарам со Атиџе Муратова и со авторите на филмот ‘Медена земја’. Муратова, која е една од последните диви пчеларки во Европа, кога таа собира саќе и мед им вели на своите пчели: ‘Пола за мене, пола за вас’. Оваа порака, на овој успешен македонски филм, кој истовремено е полн со значења, го обиколи светот. И ние ја знаеме во Германија. Во моите очи ‘Медена земја’ истовремено е две нешта: израз на гордата култура на една мала земја, а истовремено пренесува една уште поголема порака чие значење излегува надвор од границите на поединечната земја. Не смееме целосно да ги искористиме даровите од природата, ниту неповратно да ја уништиме нашата животна средина. Ова е задачата пред која е исправено човештвото и ние во Германија сакаме да соработуваме на ова поле“,
додаде Штајнмајер во своето обраќање.
Штајнмајер додаде дека влезот во ЕУ ќе им ја отвори портата на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија кон најголемиот трговски блок во светот.
„Исто така и портата кон 450 милиони Европејци. Портата за работа, за живеење, за патување низ нашиот континент. Ние се радуваме да ве видиме вас тука од Северна Македонија како минувате низ оваа порта“,
додаде германскиот претседател.
На новинарско прашање колку е реален планот на македонската влада дека може земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, германскиот претседател посака брзо зачленување, но за рокови рече дека никој политичар од земјава, Германија или, пак, ЕУ не може да вети такво нешто. Во однос на Бугарија и преговорите, пак, испрати совет акцентот да биде поставен на сегашноста и иднината, а не кон минатото
Вашата земја се наоѓа пред една важна одлука, дали преку претстојната промена на Уставот ќе го отвори патот за отворање на поглавјата во поединечни области, како на пример, економската политика или владеењето на правото, порача германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничка прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски во претседателската резиденција вила „Водно“ во Скопје.
Сега, рече тој, треба да се направи важниот чекор за членство, но истовремено и да се продолжи со внатрешниот реформски процес.
Германскиот претседател во обраќањето на прес-конференцијата посочи дека е свесен оти Северна Македонија била соочена со тешкотии и довербата на луѓето овде кон е била оптоварена, но уверен е дека ставот за засилување на добрососедските односи со Бугарија ќе вреди.
„Јас сум многу свесен дека Северна Македонија на патот кон ЕУ беше конфронтирана со особени тешкотии, дека довербата на луѓето во ЕУ беше оптоварена со Договорот од Преспа, но дадовте импресивен пример за тоа дека е можно да бидат надминати долгогодишни длабоки разлики само доколку постои политичка волја од двете страни. И за вашата прагматична подготвеност на компромис за засилување на добрососедските односи кон Бугарија ви благодарам и јас сум убеден дека овој став на крајот ќе вреди. Уште сега овие чекори за отворање на пристапните преговори со ЕУ и потпишувањето на договорот со Фронтекс доведоа до тоа да се случи на македонски јазик. Станува збор за понатамошна интеграција на Северна Македонија во ЕУ и со тоа и за пристап на сите граѓани и граѓанки кон една унија на заеднички вредности и стандарди“, рече Штајнмајер.
На новинарско прашање колку е реален планот на македонската влада дека може земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, тој посака брзо зачленување, но за рокови рече дека никој не може да вети такво нешто.
„Посакувам пристапниот процес да се случи многу побрзо, да нема нови пречки. Реформскиот процес тука во земјата да се движи со брзината со која е потребно гледано од ЕУ. Се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзи, дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете дека никој во моментот не може тоа да го каже, никој политичар од Северна Македонија ниту од Германија ниту, пак, од ЕУ, никој не може да вети. Но, треба да се стремите кон тоа, стремежот да биде да се постигне оваа цел и таа е присутна тука“,
рече германскиот претседател.
Во однос на заедничката историска комисија, пак, тој испрати совет дека историските прашања не треба да бидат фокусот во преговорите со ЕУ.
„Јас веќе зборував за тоа, за посебните услови, за посебните оптоварувања за пристапниот процес за кој сега зборуваме. Под тие оптоварувања сметам дека овој пристапен процес и во минатото беше поврзан со многу историски прашања и се занимаваше со нив. Кога зборуваме за пристап кон ЕУ всушност зборуваме за прашања од сегашноста и заедничката иднина во Европа, така што би сакал само да советувам акцентот да биде поставен во тој правец, не кон минатото и да се бараат нови пречки“, рече Штајнмајер.
Тој уште еднаш ја истакна германската поддршка за членство на земјава и на целиот Западен Балкан во ЕУ и порача дека Северна Македонија е дел од европското семејство и со својата култура и јазик, вели, ќе ја збогати Унијата и уште повеќе ќе ја зголеми различноста во оваа заедница.
Во однос на нашето членство во НАТО, пак, рече дека земјава се покажала како доверлив партнер кој дава значаен придонес за нашата колективна одбрана и за операциите на Алијансата, а го поздрави и тоа што земјава целосно се усогласила со надворешно-безбедносната политика во однос на војната во Украина и го цени тоа што и покрај економските тешкотии земјава го дала својот придонес за да може да опстане економскиот притисок врз Русија.
Руската агресорска војна ја уништи надежта за еден свет што станува помирен. Затоа е важно државите од Европа да стојат една покрај друга и меѓусебно да си нудат безбедност во една партнерска унија. Агресијата на Путин не ја подели Европа, туку уште повеќе ја зближи, изјави на прес-конференцијата Франк-Валтер Штајнмајер.
Северна Македонија игра многу важна улога, додада Штајнмајер.
-Во ОН, од пред повеќе од 2 години како партнер во НАТО, со својата цврста поддршка на ЕУ исто така и со зголемениот економски притисок врз Русија како и со испораката на оружје и подадената рака кон бегалците.
Според германскиот претседател, интензивните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Германија и понатаму ќе доживеат подем уште денес.
-Северна Македонија претставува ценета економска локација за преку 200 фирми со германски капитал кои се вбројуваат во најголемите работодавци во земјата и кои вработуваат околу 20.000 работници и исто така и тоа е многу важно овие фирми им нудат обука на многу млади луѓе во Северна Македонија, изјави Штајнмајер.
-Утре ќе се уверам во еден важен проект за иднината, во Богданци ќе имам прилика да го посетам првиот ветерен парк на Западен Балкан изграден за само 18 месеци со германска поддршка. Овој ветерен парк е пресвртница за поеколошко снабдување со енергија во вашата земја.
-Исто така и најголемиот инвестициски проект што се планира, тоа е ветерен парк Вирови кој во крајната фаза треба да снабдува 290.000 домаќинства.
-Ветерните паркови ни го покажуваат патот, мора да ги искористиме економските шанси на еколошка трансформација. Ова и за Северна Македонија и за Германија претставува поука од руската агресија, за сите нас тоа е всушност потребно за преживување, потенцира германскиот претседател.