НИКИЦА КОРУБИН
Додека се занимаваме со квази политичкиот, научен и религиозен манифест, прекроен во резолуција, иднината не’ одминува. Со истата брзина со која не’ напушти изиграната доверба и надеж. Многу брзо ќе стане видлива апсурдноста на едно општество, кое не успева да се ослободи од своите вистински уништувачи
Ова е текстот на фамозната “резолуција”, која деновиве ги занимава македонските граѓани, под преттекстот на “одбрана на македонскиот идентитет”. Составен од непринципиелна коалиција на научно-религиозна апсурдна симбиоза, оддава впечаток на конфузност и ретроградност, кој се обидува да “дефинира” што е тоа идентитет, како некаква брана или црвена линија која треба да не’ заштити од “надворешните непријатели”. Всушност, бара начин за замрзнување на општеството во статус на непроменливост, таа убиствена строго диктирана и внимателно дефинирана национална историја. Овој текст е чиста илустрација на нашиот страв за соочување со самите себе. Поради нас, а не поради другите. Затоа, употребува „тешки и драматични” зборови и формулации, за да никој не се обиде да ги преиспита, без притоа да биде распнат како предавник и анационален. Ова е всушност наметната дефиниција за тоа што е патриотизам во стилот на добро позната ретроградност и авторитарност.
Но, она што е интересно е патот до Собранието. А, се разбира и времето кога пристигнува. Иако, составен и потпишан на крајот на минатата година, тој никогаш и не е испратен во таква форма од составувачите. Тој доаѓа преку одредена политичка партија, во опасно популистички манир, „да видиме кој ќе смее да не го поддржи”. Тоа брутално наметнување, што е добро, а што е лошо, без можност за отворена, сериозна и демократска дебата; го става Собранието, уште еднаш, во улога на обичен извршител, а не креатор на современа и оддржлива политика. Обична алатка во рацете на власта и клановите. Притоа под власт, се разбира дека се подразбира нашата семоќна партократија.
Така доаѓаме до ситуација, во време кога сме затекнати, во некој процеп, на желбите на граѓаните за нормална и функционална држава, од една страна, и очигледната и веќе нескриена „политичка воља” на партиите за несуштинска промена, односно „глумење” на промени, ама со застарени пракси на разбирање и практикување политика; на целосно заробување на општеството во вечна непроменливост. Во име на идентитетот, се разбира. Едноставно, никој нема визија, што понатаму. А, уште помалку, некој чувствува било каква одговорност за тоа.
И додека тонеме во „купи ден” реалноста, во целосното владение на партократијата, со ретроградни манифести и резолуции, кој треба во занесот на одбрана на идентитетот, кој фактички преку бруталната и примитивна негрижа кон секоја поединечна вредност во општеството, самите го уништуваме; да го замени реалниот живот и перспективата која сите ја очекувавме. Самоуништувањето е познато во нашата историја. И секогаш доаѓа, скриено позади наводната возвишеност, а всушност очајната приземност. И затоа додека се занимаваме со квази политичкиот, научен и религиозен манифест, прекроен во резолуција, иднината не’ одминува. Со истата брзина со која не’ напушти изиграната доверба и надеж. Многу брзо ќе стане видлива апсурдноста на едно општество, кое не успева да се ослободи од своите вистински уништувачи. А, тие се секогаш меѓу нас. Кој свесно, кој несвесно. Тажна судбина на неразбирање на реалната позиција и реалната политика.