АЛАНА ЕРМИТАЖ
Многу луѓе во регионот се вознемирени од овие трендови. Тие се загрижени за тоа како значително намаленото и повозрасно население ќе влијае врз економијата на нивната земја, врз иднината на нејзините социјални системи и врз виталната инфраструктура во депопулираните области. Тие стравуваат од тоа дека колку што земјата е помала, нејзината моќ и влијание исто така се намалуваат
Во сè поголем број земји низ светот бројот на населението почнува да опаѓа, но ниту еден регион не е засегнат од оваа промена како што е Источна Европа. Најновите проекции за населението објавени од страна на Обединетите нации укажуваат на овој тренд: Девет од десетте земји со најбрзо намалување на бројот на населението во светот се наоѓаат во Источна Европа. На чело се Бугарија и Летонија, при што, се очекува до 2050 година и двете земји да изгубат речиси една четвртина од своето население. Меѓутоа, ниту другите земји не заостануваат. Доколку овие проекции се вистинити, буквално секоја земја во регионот ќе забележи намалување на бројот на нејзиното население во текот на следните децении.
Многу луѓе во регионот се вознемирени од овие трендови. Тие се загрижени за тоа како значително намаленото и повозрасно население ќе влијае врз економијата на нивната земја, врз иднината на нејзините социјални системи и врз виталната инфраструктура во депопулираните области. Тие стравуваат од тоа дека колку што земјата е помала, нејзината моќ и влијание исто така се намалуваат. Некои се загрижени за преживувањето на нивната земја.
Ние, Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, многу сериозно ја сфаќаме и се грижиме за демографската промена што се случува во Источна Европа. Имаме децениско искуство во советување на владите за тоа како да управуваат со демографските транзиции, за да можат земјите да излезат посилни и попросперитетни. Доказите што ги собравме од овој регион и пошироко ни овозможуваат да издвоиме пет клучни лекции за тоа што да правиме во врска со намалувањето и стареењето на населението и притоа, демографската промена што често се смета за криза да ја претвориме во можност:
Ниските стапки на наталитет се само еден дел од равенката. Големо внимание се посветува на зголемувањето на стапките на наталитет, кои во Источна Европа и во голем дел од остатокот на континентот се ниски (вкупната стапка на фертилитет во Европа изнесува 1,6 деца по жена). Меѓутоа, справувањето со емиграцијата е подеднакво важно – а во некои источноевропски земји е веројатно дури и поважно. Доколку луѓето продолжат да заминуваат во странство затоа што не можат да најдат можности дома, секое потенцијално зголемување на стапката на наталитет само ќе доведе до поголема емиграција, наместо до пораст на населението.
Зголемувањето на наталитетот нема да успее без поголема еднаквост меѓу мажите и жените. Во високоразвиените земји, каде жените се добро образовани и сакаат да работат на платени работни места, секој обид за зголемување на фертилитетот веројатно нема да успее доколку мажите не го делат товарот за грижата за децата и домашните задачи и доколку работодавците продолжат со дискриминација врз жените со деца. Податоците укажуваат на тоа дека земјите со силни традиционални родови норми – претежно во Источна и Јужна Европа – исто така се оние со најниски стапки на наталитет.
Финансиските стимулации нема сами по себе да ги натераат луѓето да имаат повеќе деца. Ова се чини како едноставно решение. Сепак, студиите покажуваат дека финансиското стимулирање на луѓето да имаат повеќе деца само води до тоа родителите да се одлучат да имаат деца порано за да можат порано да заработат пари од финансиското стимулирање, но тоа значително не го зголемува бројот на деца што жените го имаат во текот на животот. Финансиската поддршка за семејствата кои имаат потреба може да биде важна алатка, меѓутоа таа треба да биде дел од поширок пакет на политики.
Вообичаено луѓето сакаат во просек две деца, но за да се случи тоа, потребно е соодветно опкружување. Проблемот не е во тоа што луѓето не сакаат повеќе деца, туку во тоа што тие честопати не се во можност да имаат повеќе. На луѓето им е потребна поддршка и доверба во својата иднина за да можат да ја реализираат посакуваната големина на своето семејство. За ова се потребни подобри можности за работа, флексибилни работни аранжмани, дарежлива семејна поддршка и родителско отсуство за двајцата родители, прифатлива квалитетна грижа за деца од раните години и еднаква поделба на товарот меѓу мажите и жените.
Градењето „човечки капитал“ им помага на општествата да се подготват за она што ќе дојде во иднина. Низ цела Европа луѓето живеат подолг и поздрав живот. Научниците се согласни дека стареењето на популацијата е реалност и претставува проблем што ќе остане. Општествата треба да се прилагодат на тоа, при што, не постои подобар начин од инвестирање во здравството и образованието на луѓето, почнувајќи од најрана возраст и продолжувајќи во текот на целиот живот. Ова има смисла од економски аспект, бидејќи здравата и образована работна сила е попродуктивна и иновативна. Меѓутоа, тоа исто така гарантира дека луѓето ќе останат активни и здрави на поодмината возраст, така што ќе можат да продолжат да придонесуваат со своите вештини и искуство.
Додека светските лидери се подготвуваат да се соберат во Најроби во ноември за да го прослават напредокот постигнат од одбележувањето на Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД) во Каиро пред 25 години, ние мора да ги признаеме предизвиците со кои се соочуваат земјите со намалување и стареење на популацијата и да бидеме подготвени да им помогнеме однапред да најдат одговори, да ги направат семејствата посилни и да ги почитуваат правата на секоја личност.
Регионална конференција што оваа недела се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина, со учество на влади, експерти и претставници од граѓанското општество, ги истражува конкретните решенија што земјите од регионот можат да ги применат за максимум да ги искористат демографските промени што ги доживуваат.
Секогаш постои можност во промената. Тешкотиите на Источна Европа во создавањето услови луѓето да имаат онолку деца колку што сакаат, исто така, претставуваат и можност да се отстранат многуте пречки со кои се соочуваат младите луѓе при основање семејство и пошироко, во исполнувањето на нивниот потенцијал. И стареењето на населението е можност фундаментално да се преиспита начинот на кој се ценат постарите луѓе во општеството.
Во денешниот свет бројот на населението не е она што е најважно за стабилна и просперитетна иднина. На крајот на краиштата, она што е важно е здравјето, вештините и талентите на луѓето во општеството.
((Алана Армитаж Е регионална директорка на Фондот за население на Обединетите нации -УНФПА за Источна Европа и Централна Азија)