Требаше да дојде Пенов во Владата да дознаеме дека пратениците од Шампитата блокирале пари кои Брисел ни ги дава во кризата. Се работи за дури 100 милиони евра кои Брисел не може повеќе да ги држи неискористени! Добиени пари баталува и градоначалничката Арсова.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/11/kovacevski-vo-kavadarci-1024x549.jpg)
„ЕБРД го сопрела кредитот што требаше да го земе Македонија за справување со енергетската криза во вредност од 100 милиони евра, бидејќи законот за негово одобрување предолго е блокиран во Собранието од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, во емисијата „Само интервју“ на телевизијата „Канал 5“.
Пенов рече дека за ова бил информиран на последната седница на Владата.
Според него, ЕБРД не сакала парите да стојат „мртви“ на сметка, наменети за Македонија, па решила да ги пренасочи за други потреби, бидејќи предолго време парламентот не носи одлука за овој заем.
„Во парламентот, како што знаете, е заглавен законот за одобрување на кредитот од ЕБРД од 100 милиони евра со кој треба да се решава ‘дисбалансот’ во енергетиката. Вчера стигна информација на седницата на Владата дека ЕБРД ги повлекла средствата, бидејќи, не може повеќе да ги држи мртви, дека ние не пројавуваме интерес и не ги сакаме, па ги пренаменила за друга држава. И, што правиме сега?“, праша Пенов во интервјуто.
Според него, со оваа одлука на ВМРО-ДПМНЕ, да го блокира законот, практично секој граѓанин е казнет со по 500 евра, токму во момент кога сите се жалат дека не можат да се справат со високите цени за енергијата. За забелешката дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ го условуваше земањето на овој кредит со отчет каде ќе се трошат овие пари Пенов одговори:
„А, проблем ли беше отчетот да се направи после? Ако влезеа 100 милиони евра во македонската економија, без оглед дали ќе беа потрошени за општините или за дисбалансот на цените, сите ние ќе живеевме подобро. Со откажувањето на овие 100 милиони евра секој граѓанин во државава е казнет со 500 евра. Да не го споменувам индиректниот ефект од вртењето на парите во економијата“, рече Пенов.
ЕБРД го одбори кредитот во јуни годинава и оттогаш трае политичката игра околу неговото изгласување во парламентот. ВМРО-ДПМНЕ не дозволи законот да се усвои, обвинувајќи за корупција во ЕСМ, иако трошењето на овие пари требаше да го контролира Европската банка за обнова и развој.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/11/penov.jpg)
Во соопштението што го објави ЕБРД по објавувањето на одлуката стои дека кредитот ќе биде за поддршка на ликвидноста на компаниите во справувањето со енергетската криза што ја погодува Македонија.
„Обезбедените финансиски средства за ликвидност ќе се користат како обртен капитал за финансирање плати, сервисирање на долгот и други административни трошоци на клиентот и не е поврзано со какви било нови еколошки или социјални ризици или влијанија. ЕСМ е постоен клиент на банката со добри резултати и ја докажа својата способност да се усогласи со барањата на банката за време на тековните проекти“, се вели во објавата на меѓународниот кредитор.
Станува збор за кредит со камата под еден процент, исплата на шест години и грејс-период од шест месеци.
„Европската банка за обнова и развој, достави информација дека го сопрела заемот што требаше да го земе Македонија за справување со енергетската криза во вредност од 100 милиони евра. Само затоа што законот за негово одобрување предолго е блокиран во парламентот од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Ете тоа е разликата помеѓу нас и нив, помеѓу мене и Мицкоски“ изјави премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски на граѓанската трибина во Кавадарци.
Тој додаде дека додека владата се труди и обезбеди 80 милиони евра од ЕУ директна помош за енергетската криза и 100 милиони долари од САД за Армијата, Мицкоски блокираше 100 милиони евра во време на криза.
„Да не ги споменувам овде средствата од ММФ од 530 милиони евра, од Ерсте 50 милиони, од Дојче Банк во висина од 250 милиони, пари кои се справување со енергетската криза и за поддршка, за антикризните мерки за ранливите и компаниите“ рече Ковачевски.
Претседателот на СДСМ кажа дека и се што кажа Мицкоски за енергетиката изминатиот период излезе погрешно. Тој со месеци ја плашеше јавноста дека ќе има недостиг од енергенси и струја, дека ќе нема јаглен, а наспроти тоа државата се снабдува со 100 отсто струја од домашни капацитети.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/11/zadolzuvanje.jpg)
„Мицкоски повикуваше да се набави гас за целата грејна сезона, во период кога цените на овој енергенс рушеа рекорди. Според неговите препораки ќе се платеа 100 милиони евра плус сметајќи по сегашната цена на берзите, а која и натаму паѓа. Мицкоски лажеше, и се уште лаже дека ќе сме ја затварале РЕК Битола, дека ќе се случела енергетска анексија. Не само што нема да се затвара РЕК, туку ќе се развива и понатаму. Фотоволтаичните централи и енергетската трансформација е започната. Ама за да го видиш сето ова треба прво да имаш знаење, а второ да имаш визија“ кажа Ковачевски.
Однесувањето на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кое во фокусот го имаат личниот, наместо државниот интерес, ја чинат државата и граѓаните околу 200 милиони евра во време на најголемата економска и енергетска криза во Европа по Втората светска војна. Поради деструктивните политики на опозицијата и блокадата во Собранието земјава ги загуби 100-те милиони евра од ЕБОР за справување со енергетската криза, Град Скопје не ги искористи 70-те милиони евра, исто од ЕБОР, за БРТ градскиот превоз, а Скопје нема да добие ниту пречистителна станица откако внатрепартиските игри во ВМРО-ДПМНЕ и нивната градоначалничка Данела Арсовска го пропаднаа тендерот вреден 136 милиони евра.
Додека сите земји во Европа политички се консолидираат, а власта и опозицијата работат заедно за справување со последиците од енергетската и економската криза, македонската опозиција не пропушта прилика како да наштети на државата, погрешно мислејќи дека така наштетува само на власта и брои поени на своето политичко конто. Неводејќи грижа за ситуацијата и за живтот на граѓаните, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ќарат ситни поени од секоја ситуација, заборавајќи дека со нивната погрешна политика си наштетуваат и на самите себе.
Законот за одобрување на кредитот од ЕБОР од 100 милиони евра за решавање на дисбалансот во енергетскиот сектор заглави во Собранието поради блокадата на опозицијата, а од Европската банка до Владата испратија информација дека тие ги повлекуваат парите. Бидејќи ние не пројавивме интерес и не ги искористиве, овие средства од ЕБОР сега ќе завршат во некоја друга држава.
Ако влезеа 100 милиони евра во македонската економија, без оглед дали ќе беа потрошени за општините или за дисбалансот на цените, сите ние ќе живеевме подобро. Со откажувањето на кредитот, секој граѓанин во државава е казнет со по 500 евра. Да не го споменувам индиректниот ефект од вртењето на парите во економијата, изјави министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во интервјуто за телевизија Канал 5.
Освен пропаднатите 100 милиони евра за борба со енергетската криза, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која на локалните избори беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ го стопираше проектот за Бас рапид транзит од ЕБОР, со кој Европската банка ќе инвестираше 70 милиони евра за модернизација на јавниот транспорт во главниот град. Како што кажа градоначалничката по нејзиното стапување на функција овој проект е стопиран бидејќи бил предлог на нејзиниот претходник, иако истиот беше дизајниран и одобрен во соработка со меѓународни експерти и имаше за цел конечно да се реши јавниот превоз по европски стандарди.
Бидејќи градот не ги користи овие 70 милиони евра, државата плаќа 350 илјади евра годишно на ЕБОР како камата, додека парите наменети за проектот стојат неискористени.
Државата продолжува да губи средства, а со тоа граѓаните ја губат можност за подобро живеење со ваквото неодговорно работење на опозицијата, а уште еден пример за тоа е тендерот за изградба на пречистителна станица во Скопје. Токму овој тендер беше и причината за „разводот“ меѓу Арсовска и Мицкоски, откако и двете страни се обвинија дека другиот сака да го намести тендерот и да заработи на штета на граѓаните.
Проектот за пречистителната станица на Град Скопје и ЈП Водовод и канализација, во 2020 година ја доби втората (сребрена) награда на Sustainability Awards 2020, што ја доделува ЕБОР, во категоријата климатска обнова и одржливост, во конкуренција од 47 номинации. Сега, поради неодговорноста на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ овој проект вреден најмалку 136 милиони евра е загрозен. Па наместо да се изгради пречистителна станица која ќе ги прочистува водите од девет од десетте општини на Скопје, граѓаните повторно ќе останат со ништо.
Ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ во време на најголемата криза во Европа по Втората светска војна, само покажува дека Мицкоски не го интересира ништо друго освен доаѓањето на власт и неговиот личен профит од маката на граѓаните. Грижата за за олеснување на секојдневието воопшто не постои во делувањето на опозицијата, бидејќи наместо своите капацитети да ги насочат за намалување на ефектите од кризите, тие се насочуваат кон намалување на ресурсите на државата.