ДЗР со неповолно мислење за работењето на Агенцијата за филм во 2021 година
Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за работата на Агенцијата за филм на сметката на основен буџет 2021 година во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2021 година. Исто така, државните ревизори издадоа неповолно мислење и за ревизијата направена во однос на сметката на Агенцијата за филм за средства од самофинансирачки активности.
Во извештаите на ДЗР, меѓу другото се констатира дека не биле донесени пишани процедури за текот на движење на документацијата за процесот на плаќање и процесот на финансирање на проекти, со утврдени должности и одговорности на лицата вклучени во процесот како и дека не бил доставен предлог од страна на Агенцијата до Владата за носење на Стратегија за развој на филмската дејност, заедно со акциски план и дефинирани активности, носители, мерки, индикатори за евалуација, рокови и извори на средства.
Државните ревизори исто така забележуваат дека не се донесени деловници за работа и слабости во делот на активностите на филмските советници, рецензенти и на финансискиот советник, што може да влијание на субјективно постапување при изборот на филмски проекти во претходно спроведените и идните конкурси.
Исто така, дека при објавувањето на конкурси за филмски проекти и други филмски проекти Агенцијата не се придржува на задолжителните услови и критериуми од ЗФД, ниту пак има донесено интерен акт-процедура со утврдени активности и чекори кои се преземаат при спроведување на постапката по конкурсот.
Не биле воспоставени контроли во исполнувањето на условите од страна на продуцентските куќи пред склучување на договорите и во сите фази од реализацијата на договорите, како и дека евиденцијата на доделените проектите во сите фази на реализација била неажурна, и не биле преземени мерки за раскинување на доделените договори кај проекти кај кои е утврдено непочитување на одредбите од договорите.
Во склучените договори со продуцентските куќи ревизорите утврдиле дека одредени слабости при следење на важноста на банкарските гаранции, не придржувањето до динамиката на реализација на филмскиот проект, доделување на дополнителни средства за финансирање на проект, ненавремено склучување анекси на договори, необезбедување на доказ за обезбедени средства при промена на копродукциски куќи, а биле утврдени и разлики помеѓу финансискиот план и приложената документација. Исто така имало погрешно проценување на билансните позиции и прикажување на краткорочни финансиски обврски за финансирање на филмски проекти во поголем износ од 405.780 илјади денари.
Имало и недоследности во ангажирањето на вработени лица со договор на дело во услови кога Агенцијата од вкупниот број на систематизирани работни места има пополнетост од 31,43 отсто.
„Во делот за Останати прашања известуваме за прашања кои се однесуваат на доуредување на Законот за филмската дејност поради недоречености во делот на регулирање на поимот истакнати поединци од областа на филмот и културата, за кои недостасува критериуми за звања и квалификации за да бидат именувани како членови на филмскиот совет“, се вели во извештајот на ДЗР.
Зошто беше битен овој извештај? Па затоа што околу финансиите на филмовите кај нас веќе се подигна сериозна афера. Имено, Антикорупциската веќе постапуваше по некои сомнителни случаи. На еден од пресовите во Антикорупциска беше речено дека се чека извештај од Државниот завод за ревизија за да одлучи дали има основ за продолжување на постапката за утврдување на можни злоупотреби на средствата од Агенцијата за филм од страна на режисерот Милчо Манчевски и други режисери. Ова беше прашање на новинарка од „Цивил Медиа“ .
– Се работи на извештајот и очекуваме наскоро тој да ни биде доставен. Бидејќи има нови пријави за наводни нерегуларности, ќе почекаме да видиме дали тие се вклучени во ревизијата, а потоа, ако има потреба повторно ќе го отвориме случајот – објасни претседателката на Комисијата Билјана Ивановска, не прецизирајќи кога точно би бил готов извештајот, бидејќи, немале ингеренции да вршат притисок врз ДЗР.
На прашањето „Дали во рамки на истрагата се следат и финансиските трансакции за филмот „Мајки“, каде има нерасчистени финансиски извештаи и тој предмет не е затворен, од комисијата побараа од ЦИВИЛ Медиа да достави документи според кои ќе продолжат со истрагата, иако тие документи може да се најдат и во Агенцијата за филм.
По објавената сторија на ЦИВИЛ Медиа со наслов: „Банана продукција, Милкман Продакшн и Милчо Манчевски – гаранција за успех на филм или тезга за големи пари?“ имаше многу реакции и во јавноста кои посочуваат за одредени финансиски злоупотреби.
Инаку, ЦивилМедиа тогаш потсети дека пред повеќе од две години, Агенцијата за филм, преку соопштение „Како Милчо Манчевски извлекува милионски суми за проекти“ ги повикала институциите да ги истражат постапките и да се позанимаваат „со хонорарите на режисерот“, ставајќи ја на располагање на институциите целокупната документација.
Од ДКСК тврдат дека уште пред неколку години го отворила предметот и утврдила дека за потрошените пари за снимање на некои филмови не биле доставени финансиски извештаи по што побарала кривично гонење за тогашниот директор, а на Заводот за ревизија му наложила да го преиспита работењето на Агенцијата.
Според документите кои ги поседува ЦИВИЛ Медиа, оваа компанија е основана на 20.12.1996 година, а согласно договорот кој е склучен со „Банана филм“ ДООЕЛ, треба да го менаџира проектот за филмот „Врба“.
За овој филм конкретно, од Буџетот на проектот за режисерот (Милчо Манчевски) се издвоени 10.080.174 денари / 163.905 евра, а неговиот личен асистент и консултантот по историја чинат вкупно 516.850 денари / 8.404 евра.
За развој на сценариото Манчевски е платен 3.843.750 / околу 62.000 евра, а вкупниот развој на филмот чини 13.501.434 денари / 219.535 евра.
Сепак и покрај овие суми планирани во буџетот за филмот „Врба“, преку компанијата „Банана филм“ ДООЕЛ, на два пати се исплатени суми од 48,272,30 и 41,308 долари, или вкупно 85.000 евра, што според заедничкиот договор се префрлени за развој на филмот кој својата премиера ја доживеа во октомври 2019 година, а сумите се исплаќани на 24.09.2018 година и 17.05.2019 година, од каде не се гледа што точно развивал Манчевски.
И од „Банана продукција“ не биле добиен одговор во оваа фаза што точно режисерот развивал во Њујорк. И зошто не е затворен случајот со филмот „Мајки“ – прашува Цивил?
Филмскиот проект со работен наслов „Како бебе“ или „Мајки“ на режисерот Милчо Манчевски, а во продукција на „Банана филм“ од Скопје , според документацијата која ја поседува ЦИВИЛ Медиа, не е финансиски затворен кон Агенцијата за филм.
Филмски фонд кој во неколку наврати со дописи до Манчевски бара да ги исполни своите обврски согласно Договорот, за што подоцна е склучен и Договор со ревизорска куќа за ревизија на проектот. Ревизијата не е спроведена.
Тогашната Влада на Никола Груевски „изразила поддршка за филмскиот проект“ со дополнителни средства, пред воопшто и да се донесе официјална одлука за финансирање на филмскиот проект од страна на Филмскиот фонд.
Владата на 88 седница одржана на 28.07.2009 година донесува заклучок со кој се задолжува Министерството за култура средствата во износ од 24.800.000 денари / 403.252 евра да ги предвиди во буџетскиот циркулар за 2010 година, а Одлуката за финансирање по Конкурс е донесена на 11.08.2009 година, додека, пак, Договорот за финансирање е склучен на 31.07.2009 година со Филмскиот фонд, што значи пред донесување на Одлуката на УО на Филмскиот фонд.
„Мајки“ од Филмскиот фонд добива 55.800.000 денари/ 907.317 евра.
Исто така, пишува Цивил и средствата се исплатени пред донесување на Одлуката (не е запазена соодветно законската процедура, а произлегува од притисоците кои вообичаено ги врши продуцентот).
Цивил објави и други детали ама сега треба да се протолкува дали извештајот на ДЗР ќе ги измести работитѕе од привременото затишје.