Ердоган не беше казнет ниту поради катастрофалната економска ситуација, ниту поради високата инфлација и уште поголема невработеност, ниту поради одливот на мозоци. Зошто беше постигнат овој резултат во Турција?
ЕРКАН АРИКАН
По повеќе од 20 години владеење на Реџеп Таип Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП), промената на власта на опозицијата изгледаше поверојатна од кога било во Турција. Но, настаните не секогаш се одвиваат онака како што сме замислиле. Така, дури по вториот круг ќе дознаеме кој ќе биде новиот претседател на Република Турција.
Ердоган ја практикува својата моќ на сè подиктаторски начин, а неговиот имиџ сепак се распукна. Причината за тоа е лошата економска состојба, која предизвикува разбирливо незадоволство кај луѓето. Сепак, опозицијата во првиот круг не успеа да го освои претседателското место. И така за една недела доаѓа решавачкиот судир меѓу Реџеп Ердоган и неговиот ривал Кемал Кулчдароглу.
НЕ ВЕРУВАЈТЕ ИМ НА АНКЕТИТЕ Кога по полноќ навивачите на Ердоган се собраа пред седиштето на партијата АКП, тој самиот првично не сакаше да се покаже. Се’ уште немаше конечни изборни резултати, се’ уште не се знаеше дали веќе ќе има избран претседател ниту во понеделник. Како и да е, песната „Реџеп Тајип Ердоган, Реџеп Тајип Ердоган – нашиот претседател“ ечеше од монструозно огромни звучници цела ноќ.
Ако им се верува на анкетните агенции, во изборната недела требаше да победи кандидатот на опозицијата Кемал Кулчдароглу. „Не верувајте на ниту една анкета. Никој во овие агенции не ја кажува вистината. Во вториот круг Ердоган дефинитивно ќе победи. Кулчдароглу ги губи изборите“ – вака нашиот возач Седат, кој во 1 часот по полноќ, не однесе од седиштето на АКП до хотелот, при што ги коментираше резултатите. На неговото лице беше испишано разочарување.
КАКО ДОЈДЕ ОВОЈ РЕЗУЛТАТ? Нормално, сега сите се прашуваат: зошто дојде до таков резултат? Малку гласови дојдоа од „Добрата партија“, а тоа не му помогна на каузата на Кулчдароглу. Прокурдската „Народна демократска партија“ (ДПН) не го собра потребниот минимум од 10 отсто, што веројатно се должи на фактот што овојпат не излезе со свој претседателски кандидат. Не сите нејзини потенцијални гласачи се можеа да гласаат. Многу Курди никогаш не можеа да ја проголтаат официјалната поддршка на нивната партија за Кулчдароглу.
Има уште едно: предизборната кампања во голема мера се водеше на сметка на милионите бегалци во Турција, а тоа им донесе гласови на националистите. Сите мислеа дека ќе добијат минимални проценти, ако не и помали од 1%. Но, многу гласачи го поддржаа ставот дека бегалците треба да се вратат во своите земји. Националистот Синан Оган освои повеќе од 5 отсто, а ултранационалистичката „Партија за националистичко движење“, за која анкетите предвидуваа 7 отсто, доби 10 отсто.
Во предизборната борба со опсесивна фреквенција течеше разговор за насилство, агресија и закани – особено од таборот на Ердоган. Ако има нешто во кое Ердоган е мајстор, тоа е токму демонизацијата на политичкиот противник. На пример: како Кулчдароглу бил марионета во рацете на Курдите. Самиот Ердоган, сепак, беше нешто сосема друго: „Ние примаме наредби само од Алах и од народот!“ – извика Ердоган во два по полноќ кога се појави со микрофон на балконот на партиското седиште. А во рамките на својата изборна кампања тој го упати следниот апел до гласачите: „Повеќе верувајте му на богобојазлив човек отколку на пијаница“.
ИЗБОРИТЕ И ЗЕМЈОТРЕСОТ Веднаш по разорниот земјотрес во февруари, во кој загинаа повеќе од 51.000 луѓе само во Турција, сите мислеа дека гласачите во најтешко погодените области (каде што АКП добива најголема поддршка) ќе го казнат Ердоган за неговиот очајнички неуспех да им помогне на луѓето во оваа криза. Но, тоа не се случи баш така.
Во овие области АКП и Ердоган изгубија само околу 2 отсто од гласовите, а процентите не отидоа кај Кулчдароглу, туку кај националистичкиот кандидат Оган. Ердоган не беше казнет поради катастрофалната економска ситуација, високата инфлација и уште поголемата невработеност, или масовниот одлив на мозоци, особено на младите дипломирани студенти. Очигледно, многумина веруваат дека актуелниот претседател повторно ќе може да го води државниот брод во мирни економски води.
Во следните 14 дена сите очи ќе бидат насочени кон националистичкиот кандидат Синан Оган. По став и идеологија е поблиску до предизборниот сојуз што го состави Ердоган. Сега сите адути се токму во рацете на Оган. Со неговите пет проценти добиени на изборите, тој е во крајно удобна позиција да ги чека предлозите што ќе му ги дадат владејачката партија и опозицијата. Затоа што и двајцата знаат дека Огнот го држи клучот за моќта.
Вистина е дека Оган не еднаш го нападнал Ердоган во минатото, но тоа воопшто не значи дека тој нужно ќе го поддржи Кулчдароглу. Бидејќи, како што веќе споменавме: настаните не се развиваат секогаш според нашите очекувања и надежи.
(авторот е турски новинар кој живее и работи во Германија)