„360 степени“ обезбеди стручен превод на македонски јазик на правното резиме на одлуката на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, во кое е содржана суштината на објаснувањето зошто жалбите (апликациите) на осудените и обвинетите во предметите на СЈО се оценети како недопуштени
Жалбите на апликантите се недопуштени, не се исцрпени домашните правни лекови, е заклучокот во одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од Стразбур за апликациите што ги поднесоа обвинети и осудени поранешни државни функционери во предметите на некогашното СЈО.
Суштината на нивните жалби пред Стразбур е дека не може да бидат кривично гонети поради помилувањата што во 2016 г. им ги даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој потоа врз основа на законски измени ги повлече одлуките. Според нив, она што им е прекршено се два члена од Европската конвенција за човекови права: членот 5 (правото на слобода и безбедност) и членот 6 (правото на правична судска постапка).
Во образложението на одлуката во која констатира дека апликациите се недопуштени (недозволени), Стразбур не навлегува во толкување на тоа дали помилувањата на Иванов, како и нивните повлекувања, биле законски или не, и дали притоа има повреди на членовите 5 и 6 од Конвенцијата, туку она што го констатира е дека обвинетите и осудените за ова не ги искористиле сите домашни правни лекови што им стојат на располагање, како што се, на пример, жалбени постапки пред апелцискиот суд или вонредни правни лекови пред Врховниот суд. Затоа, вели Судот, во интерес на жалителите, но и на ефикасноста на системот, е прво домашните власти да постапат и да се произнесат за евентуални повреди на Европската конвенција.
Ова е наведено и во правното резиме од одлуката, за кое „360 степени“ обезбеди стручен превод на македонски јазик и го пренесува интегрално:
Правно резиме
Талески и други против Северна Македонија (dec.) – 77796/17, 80003/17, 81848/17 и др.
Одлука 24.1.2023 [Section II]
Член 35
Член 35-1
Исцрпување на домашните правни лекови
Жалбите во врска со судското гонење и покрај претседателските помилувања, подоцна поништени, се преуранети имајќи ги предвид претстојните кривични постапки во кои тие може да се испитаат: недопуштена
Факти – Жалителите, сите поранешни високи функционери во тужената држава, биле предмет на кривично гонење и на определена мерка притвор за извесен број наводни кривични дела, коишто произлегуваат од содржините на незаконското тајно снимање на телефонски разговори додека тие биле на власт. Ним им биле дадени претседателски помилувања во врска со наводно сторените дела, а потоа помилувањата биле поништени од претседателот. Жалбите на жалителите се однесуваат на определената мерка притвор и гонењето без оглед на помилувањата. Во оваа смисла тие наведуваат дека одлуките за поништување имале ретроактивно дејство и дека го нарушувале принципот на правна сигурност.
Право –
Прелиминиарна забелешка –
Претседателот ги прогласил своите претходни помилувања за ништовни врз основа на Законот за помилување од 2016 година. Како факт во смисла на домашното право, Уставниот суд утврдил дека помилувањата се отстранети од домашниот правен поредок поради одлуката за поништување. И покрај прашањето на уставноста на тој Закон покренато пред Уставниот суд, не е пресудено мериторно и постапката е прекината по процедурална основа. Сепак, и без оглед на фактот дека помилувањата не биле подложени на никаква директна ревизија, Судот набележува дека правната последица на тоа што Уставниот суд го прогласил законот за неуставен, врз секоја конечна индивидуална одлука усвоена врз основа на таков закон, подразбира дека одлуката се прогласува за ништовна. Бидејќи наводите на Владата дека правните лекови не се исцрпени не се однесувала на тој конкретен правен лек, Судот не можеше по сопствено наоѓање да испита дали апликацијата за уставна ревизија на Законот за помилување од 2016 година, доколку се разгледувала од Уставниот суд додека тој Закон бил привремено важечки, би претставувала делотворен правен лек за жалбата на жалителите пред Судот.
Член 6 § 1 (жалби 77796/17, 81848/17, 81862/17, 11583/18 и 30884/18):
Беше неспорно дека домашните постапки што се однесуваат на кривичните пријави/наводи против жалителите биле делотворни во смисла на нивните поплаки според Членот 6. Постапките на кои се потпирале жалителите, имено приговори кон обвинителните акти, биле правен механизам преку кој судскиот орган бил најпрвин повикан да се произнесе за ефектите на претседателските помилувања врз кривичното гонење против жалителите. Во врска со ова, судечкиот суд имал надлежност да го отфрли обвинителниот акт доколку постоеле основи што исклучувале кривична одговорност, како помилувањата во случајот на жалителите.
Во обете постапки во врска со обвинителните акти и со материјата на кривичните пријави/наводи, судечкиот суд утврдил дека помилувањата веќе не биле во сила, но не се занимавал со аргументите на жалителите дека продолжувањето на нивното гонење и судење без оглед на помилувањата претставувало повреда на нивните уставни права – што било можно согласно со домашното право. Освен прашањата на испитување на уставноста и законитоста, кривичните судови би можеле директно да ја применат Конвенцијата и да испитаат дали начинот на кој претседателот ги остварил правата што домашното право му ги дава во однос на помилувањата, ги повредило правата на жалителите според Членот 6. Ваквото испитување би требало да биде сеопфатно и да ги вклучи сите аспекти на таа одредба што се релевантни за определување на наводите во кривичните обвиненија против жалителите.
Сепак, според 402(1)(6) од Законот за кривична постапка, обвинението би можеле да се одбие во случај доколку обвинетиот е ослободен од гонење по пат на помилување. Владата има наведено во својот поднесок дека претстојните кривични постапки против апликантите даваат делотворен механизам за да побараат наод во смисла дека не требало да бидат гонети бидејќи им биле дадени помилувања. Жалителите не изнеле пример на домашна пракса во поддршка на нивните контрааргументи дека горенаведената одредба не важела во нивните случаи. Покрај ова, постоењето на основи што исклучувале кривично гонење било и основа според тој Закон да се искористи вонредниот правен лек, барањето за заштита на законитоста пред Врховниот суд – добро воспоставена процедурална заштитна мерка што можела да се смета како делотворен правен лек за жалбите во врска со Членот 6, кога ваквите желби биле допуштени. Понатаму, фактот што најголем дел од односните жалители истакнале наводи под ова заглавие во своите жалби, сугерира дека и тие сметале дека тој механизам на правна заштита нудел разумни изгледи за успешност. Во интерес на жалителите и на ефикасноста на системот на Конвенцијата било домашните власти, кои се најсоодветни за тоа, да постапиле за да ги исправат евентуалните наведени повреди на Конвенцијата. Соодветно, жалбите на жалителите по оваа основа биле преуранети.
Заклучок: недопуштена (не се исцрпени домашните правни лекови).
Судот, исто така, ја отфрла како недопуштена зашто не се исцрпени домашните правни лекови за поплаките според член 5 § 1 од страна на жалителите во жалбите бр. 77796/17 и 80003/17 во врска со наредбите за мерката притвор.