АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Зло е кога од плоштадот на еден модерен град вие правите „гробишта“, како што рече рускиот писател Виктор Ерофеев. Ама, ни не смее да се заборави: квиетизмот (радикален пацифизам) не стои повисоко од вредноста правда. За жал, изгледа, сепак се заборава! Прагматично?
Уште во неговиот старт, колосалниот проект на некогашниот премиер Никола Грувески („јас стојам зад тој проек!“) наиде на жестока, беспоштедна и континуирана критика во нашата стручна јавност. Видна улога во таа критика имаа архитектите Георги Константинов и Мирослав Грчев, историчарите на уметноста Донка Баџиева и Златко Теодосиевски, професорката Јасна Котеска, како и многу други меѓу кои спаѓа и авторот на овие редови.
Од перспектива на нивната струка сите тие стрпливо докажува до каков пустош довел еден досега невиден (како на Запад така и на Исток) политички волутуаризам, во комбинација со потиснати, диви комплекси, на полуписмен, периферен балкански автократ. Таа критика на стручната јавност беше силен ветер во едрата на тогашнаата опозиција на преродбеникот Груевски. Не еднаш, уште во времето на Б. Црвенковски, таа опозиција го означи како „идентитетски инженеринг“ и “пералница на пари“ истовремено. А тоа не значи друго освен повик (и ветување) да се демонтира, со смената на власта, механизмот на тој „идентитетски инженериг“ како и оној на онаа „пералница на пари.“
Се знае: секоја сериозна критика никогаш не е “критика заради критика.“ Таа е делотворна тогаш кога го прави тоа во името на автенитични вредности игнорирани или погазени. Било од незнаење, било по налог на опак политички волунтаризам. Така, на пример, автентична вредност, израз на американскиот „брутализам“ во архитектурата, беше некогашното седиште на ЦК СКМ (сега влада) на угледниот архитект Муличковски која се одликувала со оригинални функционални решенија. Тие му донесле меѓународни признанија. Тоа ремек-дело на Муличковски (како и други во ист стил на модерната), беа “преоблечени“ во стиропор-барокот на безобѕирниот преродбеник Груевски.
Кога владата на Заев наименува некои од тие долгогодишно критичари за свои советници: било на премиерот (Грчев), било на министерот за култура (Барџиева, Теодосиевски), таа даде јасно до знаење дека има сериозни намери и волја да стори нешто со тој несреќен проект на една „забегана власт“ против кој, барем сега засега, тивко работи само „забот на времето.“ Во меѓувреме, дојде и до некои сигнали од актуелната власт кои на дискретен начин кажуваат дека нејзината волја и намери со тоа архитектонско-уметничко грдило и црнило (кажано со речник на сегашниот прв опозиционер Мицковски) ни оддалеку не се толку сериозни колку што изгледаа во прво време.
Барџиева и Теодосиевски добија отказ од нивните советничи места во тимот на сегашниот министер за култура. Тој проценил или дека тие сработиле сè што требало во врска со проектот „Скопје 2014,“ или пак дека тоа што го работеле и сработеле нема вредност за политиките на сегашната власт. Во една дебата со Јадранка Костова Барџиева и Теодосивски изнесоа многу детали за тоа со каква отмена небрежност (да не речам рамнодушност) се однесувал кон нив актуелниот министер за култура со неговата бирократија. Тие премногу се занимаваа со тој министер, а премалку со премиерот од кого, по сè изгледа, многу зависи што ќе се прави со тој проект „Скопје 2014“ и дали сепак ќе се прави и нешто. Иако, некаде кон крајот на таа едночасовна дебата со Ј. Костова, Д. Барџиева го спомна и неговото име, со дикат и дискреција.
Што се однесува до мене, одамна мислам дека премиерот Заев, во духот на неговиот политички квиетизам е повеќе склон да ги „конзервира“ тие работи отколку да се зафати со радикални решенија на стручната јавност, симболично перонализирана во некои од неговите советници. Впрочем, тој беше многу јасен. Уште кога влезе во сега стиропор ремек-делото на архитектот Муличковски рече дека самото доведување „во првобитна состојба на објектите од Скопје 2014“ (Барџиева) ќе чини 70% од парите кои биле потрошени за нивната барокизација. Или, ако Груевски потрошил околу 650 милиони евра за тој проект, владта на Заев би требало да потроши околу 455 милиони евра за да се доведе центарот на Скопје во неговата “првобитна состојба“.
Таа изјава на премиерот убаво и јасно кажува, на индиректен начин, дека е, од економска гледна точка, солено да се пристапува кон некои радикални зафати со “ремек-делото“ на груевизмот. Има свој пандан во една друга. Таа е од доменот правна држава и таа гласи: „ме прашал ли некој како од 49 дојдов до 80 пратеници?“ – мнозинство за уставните промени во духот на потпишаниот Пресапанскиот договор. И таа порака убаво и јасно кажува, во најмала рака, дека прагматизмот е, барем во нашите сегашни околности, нешно неизбежно. Тој налага да се положи на неговиот олтар и вредноста – правна држава.
Не знам дали тоа што го нареков тука политички квиетизам (помирување, помилување, амнестија на освесочени криминалци во речникот на Заев) е вид духовна вредност во која искрено верува премиерот. Или пак добро оправдание, во онаа смисла во која за тоа зборува филозофијата на Лав Шестов, за тоа што мора да го прави. Знам само дека тој радикален пацифизам е не помалку опасен од агресивниот волунтаризам. Зло е кога од плоштадот на еден модерен град вие правите „гробишта“, како што рече рускиот писател Виктор Ерофеев. Ама, ни не смее да се заборави: квиетизмот (радикален пацифизам) не стои повисоко од вредноста правда. За жал, изгледа, сепак се заборава! Прагматично?