Културата во медиумите: Ако има скандал во Министерство или раздор во некој оркестар – тогаш сите ќе објават!
Ако гледаме по број на објави за врвен настан од областа на културата, голем процент е ако за нешто нема доволно пари, па некоја кавга со Министерството за култура, па раздор во оркестар или ансамбл, а за самото дело на уметничкото творење за самиот настан што само тие што не работеле не знаат колку е тешко да се направи, многу малку, незначително. Денеска мислам дека на ова треба да гледаме од еден друг агол – вели Татјана Гогоска, новинар, комуниколог.
ГОГОВСКА Каков е пласманот на културата во медиумите? Што треба да се случи за еден културен настан или уметник да добие насловна страница, ударен термин на вести или, пак, мегаинтервју објавено на видна позиција на некој портал? Ако пред десетина години постоеја цели редакции за култура со по најмалку тројца четворица новинари што следеа различни области, денес тоа е научна фантастика и станува реткост дури еден новинар од култура да ја работи само оваа област, велат новинарите.
Гогоска веќе 35 години работи во медиуми, самата креира содржина или, пак, организира културни настани. Таа е категорична дека културата отсекогаш требало прво да биде „испочитувана“ од некој политички субјект за да се најде на насловна страница, да влезе во првите ударни ТВ или радиовести.
– Потоа дојде „скандалозното време“ кога само ако нешто не се одржеше, не се отвореше некоја манифестација или имаше некоја неубава случка, тогаш стануваше дел од фокусот во медиумите. Така е и сега, а, за жал, така и ќе биде. Културата има своја публика, која секако сите настани од областа ги следи на медиумите. Не треба да се оди кон освојување на оние на кои тоа им е споредна работа, напротив да се пласираат содржини од областа на културата, квалитетни и одржани за таа „културна публика“, која ја има во сè поголем број и треба да се почитува – вели Гогоска.
Културата ја има на порталите како најава за настани, информации или интервјуа, но е многу спореден дел.
– А да не е така, да има рамноправен статус со сето друго „многу важно“ во државава, ќе имавме покултурен општествен систем – посочува таа.
ГЕИОРГИЕВ Продуцентот Атанас Георгиев 20-ина години работи во филмската индустрија. Двете номинации за „Оскар“ за филмот „Медена земја“ се неговиот најголем успех досега.
– Се чувствувам некако разочарано, изгубено и обезвреднето ѝ е местото на културата во земјава, воопшто, не само во медиумите – смета тој.- Вниманието со „Медена земја“ го привлековме кога се вративме од „Санденс“, пред тоа немаше многу информации во јавноста. Ја надминавме гледаноста на кој било филм кај нас. Кога ја добивме наградата на „Санденс“, МТВ ја цензурираше мојата изјава каде што упатив порака за загадениот воздух и на моето обраќање на таа сцена му фалеше најзначајната порака, затоа што се ближеа избори. И покрај големите успеси во филмската индустрија, ние немаме конкретна стратегија за развој, продукција, дистрибуција и популаризација на филм. Воедно, парите за филм се кратат. Не е во ред да не се вложува таму каде што има напредок. За време на „Оскарите“, зeмјата беше понесена од успехот на филмот, најавена ни беше дури и државна пензија, за која набрзо подоцна идејата беше повлечена затоа што законот не дозволувал. Флексибилноста и неистраженоста на законите, како и злоупотребата на популарноста во овие региони се загрижувачки – вели Георгиев.
Со документарецот „Avec l’Amour“, чија премиера беше во 2018 година, тимот на Георгиев направи еден вид експеримент. Објавија лажна вест во медиумите за да видат како ќе изреагира целата социјална средина и колкава може да биде моќта на информацијата, во случајов дезинформацијата.
– Тоа беше дел од проект поврзан со наводно лажните вести што своевремено беа креирани во Велес. Заради пренатрупаноста со информации, публиката денес е лесно подводлива и донекаде нестудиозна. Информациите ретко се проверуваат, а тие треба да бидат што пократки и по можност, поспектакуларни. Тоа беше одличен експеримент, но, за жал, дебатата на која сите се надевавме, воопшто не се случи. Наместо да се јави револт било кај гладачите било кај критиката и медиумите, пласирањето на оваа дезинформација од наша страна само делумно ги посрамоти оние што ја пренесоа, но не поттикна расправа. За жал, а темата е толку голема, загрижувачка и опасна. Тажно е што тие што треба да зборуваат гласно, всушност се засрамија – објаснува продуцентот.
Претходно истиот филм беше избран на фестивалот „Хот докс“, што за документаристиката е на рамниште на Кан. Веста ја објавија само два медиума, посочува тој.
– И токму разочарувањето поради тоа нè натера да смислиме нова стратегија за популаризација, дури и под услов да станува збор за лага. И набрзо потоа, замислете, масовна заинтересираност, популарност на протагонистите, иако во документарниот филм нема место за тоа. На една проекција на „Avec l’amour“ во парк дојде петилјадна публика, гладна да види нешто убаво. Се сеќавам на една многу добра изјава на нашата еминентна филмска истражувачка и критичарка Илинденка Петрушева, која ми рече дека последен пат напишала критика во 2004-2005 година, по која почнале да ѝ се лутат филмаџиите, па така престанала да пишува. Објективноста е осудена на линч – категоричен е Атанас.
(Текстот е дел од поголемо истражување на МИМ)