ЏЕФРИ САКС
Нема сомнение дека Америка е земја со огромна сила – во технолошка, економска и културна смисла – а сепак владата на оваа земја суштински ги изневерува своите граѓани и светот. Лесно е да се разбере која е причината за победата на Трамп. Тоа беше гласање против статус-кво состојбата. Дали Трамп ќе се обиде да ја поправи состојбата која ја измачува Америка, или ќе се обиде да ја поправи таквата состојба, останува да видиме
Отфрлањето на статус кво-то од страна на американскиот електорат се случи со огромно мнозинство. Според националната анкета NBC спроведена во септември 2024 година, 65% од Американците одговориле дека земјата е на погрешен пат, додека само 25% рекле дека е на вистинскиот пат. Во март 2024 година, според анкета на Галуп, само 33% од Американците со одобрение гледале на начинот на кој Џо Бајден се справува со надворешните работи.
Суштината на кризата во Америка е во политичкиот систем кој не ги одразува вистинските интереси на просечниот американски гласач. Политичкиот систем беше хакиран пред неколку децении со употреба на големи пари, особено откако Врховниот суд ја „крена капијата на браната“ и овозможи неограничени донации за кампањите. Конгресот и Белата куќа се поседувани од две групи: супербогати донатори и лобисти во однос на одредено конкретно прашање.
Многумина (иако не сите) од супербогатите донатори бараат посебни услуги од политичкиот систем, а тие услуги сега ќе бидат уредно доставени од Конгресот, Белата куќа и до регулаторните агенции кои кадровски ќе бидат екипирани од новата администрација. Голем број на донатори, исто така, се залагаат за понатамошни даночни намалувања на даноците на добивка и на капиталните добивки, без разлика на тоа како таквото намалување би влијаело на федералниот дефицит, кој сега изнесува речиси 7 отсто од БДП, и без разлика на тоа што добивката пред оданочување на национално ниво значително премина од приходи по основ на труд кон капитална добивка.
Голем број од бизнис донаторите, би додал јас, се искрено на страната на мирот и соработката со Кина, како многумина други разумни лица во однос на бизнисот и човештвото.
Лоби групите кои се залагаат за одредено прашање се втората по големина група која ја има власта. Тука се мисли на воено-индустрискиот комплекс, Волстрит, нафтената индустрија, индустријата за оружје, големата фармација, и ционистичкото лоби. Американската политика е добро организирана за да им излезе во пресрет на овие посебни интереси. Сто милиони долари финансирање во кампањата овозможено од лоби група може да ѝ донесе противвредност во ослободувања во износ од сто милијарди федерални трошоци и/или даночни олеснувања.
Овие лоби групи со посебен интерес не зависат од јавното мислење, ниту, пак, многу „им е гајле“ за истото. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека јавноста сака контрола на оружјето, пониски цени на лековите, крај на спасувачките пакети наменети за Волстрит, обновливи извори на енергија и мир во Украина и на Блискиот Исток. И тука нема разлика. Поради лобистите, Конгресот и Белата куќа постојано овозможуваат лесен пристап до пиштоли и до јуришно оружје, постојано високи цени на лековите, „задушување“ на Волстрит, повеќе активности за извлекување нафта и гас, купување оружје за Украина и војни во име на Израел.
Двете најопасни лобија се воено-индустрискиот комплекс и ционистичкото лоби (како што е наведено во извонредната нова книга од историчарот Илан Папè). Воено-индустрискиот комплекс ја доведе Америка во катастрофални војни, до тајни операции за промена на режими, воведување на нелегални економски санкции и до дестабилизирачки шарени револуции.
Ционистичкото лоби нанесе исто толку штета, а можеби и повеќе. Ционистичкото лоби ги „подбуцна“ американските сериски војни на Блискиот Исток, како што се оние во Ирак, Сирија, Либија и Судан.
Иако американската плутократија испорача војни и намалувања на даноците за богатите, таа не понуди вистински решенија за Американците кои припаѓаат на работничката класа. Во периодот од 1980 година, автоматизацијата силно ги засегна работните места во американската индустрија, при што работничката класа се сведе на оние работни места кои се помалку платени. Во меѓувреме се зголемија и повратите на капитал, поточно вкупната берзанска вредност се зголеми од 55% од БДП во 1985 година на 200% од БДП денес. Дополнително, галопирачките трошоци за здравствена заштита и за школарина на факултет воведоа дополнителен притисок за работничката класа.
Базата гласачи на Трамп потекнува од работничката класа, но неговата база на донатори се оние кои се супербогати и лобистите. Па да видиме, што е она што следно ќе се случува?
Наводниот одговор на Трамп е трговска војна со Кина и депортација на илегални странски работници, во комбинација со поголем број на даночни намалувања за богатите. Сепак, овие политики нема да ги дадат ветените резултати за работниците. Работните места во производството нема, во најголем дел, да се вратат од Кина, бидејќи тие никогаш не ни „отишле“ во голем број во Кина, ниту, пак, депортациите многу ќе придонесат за зголемување на животниот стандард на просечните Американци.
Ова не значи дека недостасуваат вистински решенија. Има вкупно четири клучни политики кои не можеме да ги видиме а ни се пред очи.
Првата е да се соочиме со воено-индустрискиот комплекс. Трамп може да стави крај на војната во Украина со тоа што ќе му каже на претседателот Путин и на светот дека НАТО никогаш нема да се прошири во Украина. Тој може да стави крај на ризикот од војна со Кина со тоа што јасно ќе стави до знаење дека САД нема да го бранат Тајван доколку некогаш се обидат да се отцепат од Кина.
Втората е соочување со ционистичкото лоби, така што ќе му кажеме на Нетанјаху дека САД повеќе нема да се борат во војните на Израел и дека Израел мора да прифати држава Палестина која ќе живее во мир покрај Израел. Ова е единствениот можен пат до мирот.
Третата е затворање на буџетскиот дефицит, и тоа делумно со намалување на расипничкото трошење, особено она кое се троши на војни, на стотици бескорисни воени бази во странство и на високите цени што ги плаќа државата за лекови и за здравствена заштита – и делумно со зголемување на приходите на државата.
Четвртата е иновациска политика (уште наречена индустриска политика) за општо добро. Целта на иновациската политика треба да биде обезбедување на тоа дека новата и растечка вештачка интелигенција и дигиталните технологии им служат на општото добро, како што се сиромашните, работничката класа и опкружувањето околу нас.
Сите четири чекори му се на дофат на Трамп и би го оправдале неговиот изборен триумф. Не би бил многу сигурен во тоа дека Трамп ќе ги прифати овие политики. На крајот на краиштата, американската политика е премногу гнила веќе долг временски период за да имаме вистински оптимизам во тој поглед, но сепак овие четири чекори се остварливи нешта и од нив во голема мера би имале корист не само бизнис лидерите кои ја поддржаа кампањата на Трамп, туку и десетиците милиони незадоволни работници чии гласови го вратија назад во Белата куќа.