БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Никој со леснотија и лекомисленост не помислува да ја прифаќа сопствената уметност како анимален порив кому когнитивните способности и перформанси за револуција не му се вродени, изборени, наметнати со околностите, инстинктивни, затоа што знае дека промени мора да има
Ех, да имаше толку храброст музиката, да можеше, да знаеше дека може да биде и заробена, и стуткана, и исплашена, ужасната од сопствената сила и моќ, од влијанието кое го има врз нас.
Каков ќе беше тој свет ако беше музиката само обичен ред на неколку певливи ноти, испревртени и педантни хармонии, слаткасти и сувопарни и убиствени мелодии, повторливи рефрени кои инсистират да се усклади римата, да нема промашувања, да биде предвидлива, да не биде опасна, да не тера во баналност, да се подразбира нејзината обичност, но и големина, да биде сфатена буквално. Дека тоа е само обична музика и ништо повеќе. Каква штета, каква грешка ако тоа навистина го помислиме.
Ех, да беше овој нов, храбар свет без тој товар кој го носи музиката, и со тоа и уметниците, да не знаат тие, македонските уметници, композиторите, пејачите, текстописците- зошто грми нивната музика, зошто е таа важна, зошто без неа не се може, што таа воопшто значи- нам, на светот, ним, на сите нас.
Е, да, низ редовите на книгите кои ги имате, секако дека мора со прстот да застанете на една страница- секако дека знае да биде здодевно, но прочитајте пред да ја затворите: “Музичката иновација е полна со опасности за целата држава и таа треба да биде забранета. Кога модусите на музиката се менуваат, фундаменталните закони на државата секогаш се менуваат со нив “. (Платон)
Ги следам дебатите за прославата низ 15 градови во Македонија за поканата во НАТО и отпочнувањето на преговори со ЕУ- прво, со особено внимание оние полемики кои алармираат за потрошените пари, иако сметката на јавни пари (не се државни, а веројатно најдобра дефиниција е- на даночните обврзници) се уште не е испорачана, власта започнува да изгледа дека безгрижно се однесува, непромислено, растрошно, што не е добро, што не е воопшто добро.
Свесноста за одговорноста на власта е одговор на се, оттука поевтина прослава би сторила доволно (15 градови повлекуваат сепак многу пари), колкава да е радоста, колку голема да изгледа иднината, одговорот секогаш лежи во скромноста на една власт, која има обврска и одговорност да им служи на своите граѓани, понизно, отчетно, скромно, особено заради тоа што располага со нивните пари, а не со нивниот глас, секако не со нивната моќ. Оваа власт мора да биде свесна за финансиските капацитети на земјава и согласно тоа и да се однесува, иако се разбира, никогаш залудно не се потрошени пари за историски кампањи како овие за референдумот, особено кога времето не гази- сепак, вниманието мора да биде насочено и кон квантитетот на потрошените пари, кој треба да соодветствува на квалитетот кој барем досега, со првичната фотографија не изгледа професионално и сериозно обмислен.
Но, има и други дебати за кои на почетокот говорев- особено интригантни и фасцинантни, кои се однесуваат на настапите на македонските пејачи на тие сенародни прослави, а кои се однесуваат на нивната политичка припадност, политичка провиниенција. Дали, со едноставни зборови- им е работа само да пејат и тоа да го прават исклучиво за пари или пак, имаат одредени ставови, мислења, принципи, кои се однесуваат на политиката, на партиите, на општеството и сопственото место во него.
Се разбира, музиката и уметноста воопшто, ќе беше најлесно да беа со едноставна, проста, примитивна природа – да водеа само кон пеење, мелодии, две-три лесни ноти, заборавливи, фатални, безобразно здодевни или опојни, тие се неверојатен товар низ животот.
Којзнае во што ќе се претвореше светот да немаа навистина значење уметниците, да не знаеја дека треба да дадат придонес во човештвото, да не беа свесни дека можат да бидат опасни и ужасно значајни- еднакво опасни, како што можат и да бидат придвижувачка сила, во интелектуална смисла во едно општество. Тоа е нивен избор, нивното место во ова општество тие го одбележуваат и определуваат.
Оставете го Платон и неговите филозофски расправи кои не мора ниту да бидат читани ако не сакате, но тој говори за се она што историјата на човештвото го знае: Битлси, како симбол на општествените промени, Ролинг стонси, протестот на Били Холидеј кој се однесува на расизмот- песната “Чудно, страно овошје”, стиховите на Боб Дилан, Џон Ленон, Секс Пистолс, Џони Штулиќ, бендовите кои алармираа и апелираа во 90.години- “Да му се даде шанса на мирот”, “Време е на Божиќ”… Набуко на Верди, Бетоновата Трета симфонија… многумина од нив се жестоки, борбени активисти, некои секако дека се клиентиелисти, среброљупци, властољупци, без чест, чесност, принципи.
Но, сите овие категории уметници се катализатори на промените- создаваат армија следбеници, химни против војната, нацистички химни, политички химни, анти-естаблишмент химни, химни за кампањи, национални химни, патриотски химни, химни за славење на човековите права пред се. Беа цензурирани, напаѓани, забранувани, затворани, погубувани, затоа што уметниците ја креваат свеста во општеството, иницираат промени, копнеат по признанија, со презир ги одбиваат наградите.
Но никој, буквално никој, ниту еден уметник на светот, не ја сфаќа и прифаќа музиката, уметноста, како работа и ништо повеќе, како безживотен, бестежински занает, површна, безначајна професија.
Никој со леснотија и лекомисленост не помислува да ја прифаќа сопствената уметност како анимален порив кому когнитивните способности и перформанси за револуција не му се вродени, изборени, наметнати со околностите, инстинктивни, затоа што знае дека промени мора да има.
Ниту еден уметник не посакува да го создаде, негува и дарува своето место во општеството како да е никој, непостоечки, како да е ништо, да живее како да е мекотелен егземплар, без’рбетник, паразит, кого ништо не интересира, никому не му пречи, за ништо не го крева гласот.
Токму затоа, никогаш не може да биде протолкувано како ништо, тривијалност, безначајност, една голема нула, кратка епизода во животот на еден уметник: уметноста на Бени Шаќири во Шарената револуција или настапите на Владо Јаневски на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ- и двајцата се свесни и зрели за сопствените одлуки и ставови, за сопственото место во историјата.
Тоа еднакво важи за сите уметности, за сите уметници- затоа што каде ќе бевме сега, во што ќе се претворевме сега, ако молчеа во Шарената, како уметници и активисти- еден Владимир Милчин, една Милица Стојанова, еден Слободан Унковски, една Лидија Димковска, еден Никола Коџабашија, една Сања Арсовска, еден Александар Поповски, еден Васил Христов, го споменав претходно веќе Бени Шаќири, понатаму допишете ги сами имињата, ќе ги допишувам и јас, беа малку, но беа доволно за да го дадат и најмалиот придонес, за да не молчат, за да имаат став пред се- а за возврат да не посакуваат ништо потоа.
Тоа е таа приказна за недостатокот на скромност на оваа власт во мегаломанските славења, ех, каква штета, како и за големината на некои македонски уметници, кои ја напишаа химната на Шарената револуција од која потекнува новата ера на оваа држава.
(tesktot e objaven na portalot na Nova TV)