Во дебатата на ТВ Телма се покажаа документи со кои Кривас Река по хаваријата во рудникот Торница е загадена и тоа од петта класа. Градоначалникот на Крива Паланка земал примероци и ги дал на анализа на две различни овластени компании

Реакциите за хаваријата на цевката на компанијата Булмак 2016-та, односно рудник Тораница, со што опасна материја се излеала во Крива Река, не престануваат. Сега ова добива и политичка конотација.
Имено, ВМРО-ДПМНЕ бара градоначалникот на Крива Паланка, да одговара кривично за ширење паника, бидејќи загаденоста на водата не била на ниво на кое тој тврди.
„Анализите кои ги објави Државниот инспекторат за животна средина го покажуваат спротивното и го демаскираат трулиот обид на Митовски да манипулира. Мизерно е како Митовски не се колебаше да манипулира со најчувстителната тема за граѓаните – безбедноста на водите и почвата, само за да шири паника и ќари некој ситен политички поен пред избори. Го повикуваме Јавното обвинителство да ја согледа реалната состојба и да поднесе кривична пријава против Сашко Митовски, за ширење паника“, вели Емил Спасовски.
„Инспекторите имале обврска веднаш да земат примероци според законот за инспекциски надзор во животна средина. Зошто не земале тоа ќе утврдат истражните органи“ вели Каја Шукова, поранешната министерка за животна средина.
Инцидентот за хаваријата од рудникот Тораница бил пријавен на време, сепак инспекцискиот надзор за животна средина не постапил по закон и земал примероци многу подоцна од предвиденото.
Рудникот „Тораница“ контра тврдењата на општината. Неколку дена по обвинувањата на градоначалникот на Крива Паланка за излеани тешки метали во Крива Река, фирмата „Булмак“ демантира. Нивните лабораториски анализи не го утврдиле истото што и анализите на кои се повикува општината.
Јавноста сега е во прашалници на чии резулатати да верува.. Градоначалникот и денеска ги повтори тврдењата дека Крива Река е загадена со олово и цинк, а фирмата останува на тврдењата дека во инцидентот се излеала техничка вода која не е опасна.
По инцидентот во Крива Река, и еко-активистите со низа забелешки и прашања на адреса на државниот инспекторат за животна средина. Нотираат пропусти во инспекцискиот надзор.
„Зошто не се земени примероци за анализа при инспекцискиот надзор кога е тоа законска обврска на инспекторите? Зошто ДИЖС нема ни објавено оглас за јавна набавка на лабораториски услуги за испитување на вода, воздух, отпад и друго за 2025 година? Зошто не е искористена Централната лабораторија на МЖСПП кога според јавно достапни информации веќе има 11 акредитирани методи за испитување квалитет на вода?“, прашуваат од „Зелен Хуман Град“.
Јавното обвинителство презема дејствија во предистражана постапка со цел да се испита дали има евентуална кривична одговорност при загадувањето на Крива Река од рудникот „Тораница“ чиј концесионер е фирмата „Булмак 2016“ ДООЕЛ Пробиштип. Директорот вели не бил повикан на разговор и смета дека градоначалникот е тој кој што треба да биде повикан.

„Потполно е нејасно, како тврдењата на Булмак 2016-та, дека загадувањето не е од истекувањето и причината од хаваријата токму од цевката настаната во рудникот Тораница. Согласно А-еколошката дозвола, која што ја поседува Булмак 2016-та и рудникот Тораница во нивниот процес користат токму кадиум, цинк, олово, цијанид и останати соединенија кои што се наоѓаат во Крива Река веднаш по хаваријата“, вели Сашо Митовски.
Реакција имаше и од Државниот инспекторат за животна средина, односно од директорката Ивана Гиноваска (патем претходно директорка на јавни паркинзи во Куманово!), која вели дека не се точни информациите дека водата во реката била толку загадена што имало помор на риби.
Како што е познато, овој инспекторат изрече казна за компанијата Булмак 2016-та за еколошкиот инцидент во висина од 200.000 евра.
Меѓутоа и О2 иницијативата објави анализи од Центарот за јавно здравје. Според едниот примерок земен од риболовниот клуб Мрена од Крива Река кај село Жидилово-рибник Дабо на дента на инцидентот, концентрацијата на суспендирани материи била за 263 пати повисока од максимално дозволеното. Матноста за 17 пати повисока од максимално дозволената, што ја става водата во ПЕТТА КЛАСА, според старата класификација на води, што значи дека водата е многу загадена и НЕ МОЖЕ да се употребува за НИЕДНА намена, а концентрацијата на штетни супстанции ги надминува акутните нивоа на токсичност за водениот живот.
Основното јавно обвинителство Куманово информираше дека веќе е оформен предмет за Крива Река и наводите на општината дека е загадена по хаваријата во рудникот Тораница. Сепак, од обвинителството информираат дека кај нив пријава сè уште не е пристигната од општината.
