„Folded“ е насловена третата самостојна изложбата на младиот фотограф Зоран Шекеров што се одржува од 17 февруари до 9 април во скопското PrivatePrint Studio кои се и издавачи на фото-книгата со истиот наслов. Станува збор за истражувачки документарен проект посветен на пеливанската традиција
ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ
Зоран успева да направи детална студија за портрет на пеливанот и да ги посочи порозните аспекти на традицијата. Резултатот кој се добива се фотографии каде што пеливаните наликуваат на пронајдени антички скулптури. Овој поглед го оттурнува летаргичното сфаќање на традиционалното, како нешто непроменливо, и ја прифаќа традицијата како концепт кој единствено може да опстои доколку се пресретне со современите сфаќања. Слично како археолошки пронајдок што во еден период на историјата го загубил своето значење, но неговото повторно пронаоѓање отвора можности за нови интерпретации. Оттука, може да се каже дека Folded е документарен фотографски проект на еден млад милениумски фотограф, кој на интуитивен начин се пресретнува со анахрониот простор на своите врсници, кои, пак, одлучиле да ја продолжат долгата пеливанска традиција.
Ова, меѓу другото, во својот аналитичен текст објавен на страниците на фото книгата „Folded“ на младиот фотограф Зоран Шекеров ќе го напише Илија Прокопиев, уредник во PrivatePrint Studio кои некаде на самиот крај на минатата 2020 година го објавија ова дело, едно од ретките во домашната фото публицистичка продукција.
Од таму, третата самостојна изложба на Шекеров, што патем ќе се одвива од 17 февруари до 9 април во изложбениот простор на PrivatePrint Studio, всушност се надоврзува на неговиот истражувачки документарен проект работен во изминатите две години и крунисан со едно вакво несекојдневно и навистина вредно издание.
И, кога сме веќе тука да кажеме дека тој за тоа време од близу фотографирал повеќе пеливански натпревари. Притоа воспоставил и блиска комуникација со неколкумина од борачите, така градејќи доверба со нив и, потоа, вградувајќи ја таа доверба директно во фотографиите. Затоа приредувачите не случајно ќе забележат дека „токму тој негов сензибилитет при пристапувањето на темата со која работи го одликува и го издвојува како фотограф“.
„Импресиониран од оваа традиција си дозволив што е можно повеќе да се доближам до пеливанот. Мојата одлука со фотоапаратот да скокнам од публиката кон пеливаните на ливадата, ја создаде оваа книга во која се содржат трите главни стадиуми на борбата: подготовките, борбениот ритуал и чистењето на телото, преставени низ фотографии со блиски и асиметрични композиции и Bare-Bulb Flash. Целта да пристапам со таков метод на работа беше да го издвојам пеливанот од традиционалната слика и да го сместам во една артифициелна, каде што неговото тело наизглед е неприродно инкорпорирано во просторот. Така, е доловен токму моментот кога пеливанската борба се превиткува во скулптурални форми кои ги создаваат борачите“, вели Зоран Шекеров.
Тој и со објаснување дека во самиот процес на фотографирање имал многу интересни моменти при што најчесто многу блиску им приоѓал и користел теле-објектив и се фокусирал на некои детали како на пример увото.Од таму, како што забележува, на изложбата можат да се видат фотографии со еден крупен детал од увото на пеливанот. Истакнува дека кога се борат двајца пеливани едниот обично е на земја. И на едната страна од увото доаѓа до голем притисок и до засирување на крвта и до негова деформација. Затоа, како што нагласува, скоро сите пеливани, сите борачи, кои се занимаваат со оваа традиција имаат деформитет на увото и обично за тоа им се прави хируршки зафат.
А, говорејќи за инспирацијата да се насочи токму кон оваа тема младиот уметник ќе рече дека ја нашол кај својот татко. Иако и самиот имал фотографирано пеливани, татко му имал некои архиви со снимки на пеливански борби не само во клубови и на ливади, туку и на свадби и сунети.
„Татко ми имаше таква архива, па од таму ја повлеков цела инспирација да направам ете мои авторски фотографии од пеливани кои се во една не стандардна традиционална рамка затоа што грубо ги пресекувам, користам голем блиц, ги до осветлувам бидејќи тие се премачкани со масло и некако блескаат на самите фотографии“, ќе рече младиот фотограф.
Згора на тоа во процесот на документаристичкото истражување Зоран Шекеров бил во Битолскиот архив и таму ги видел фотографиите од браќата Манаки на кои пеливаните биле покрај француската војска, турските заптии … Затоа и на актуелната изложба има посебен дел со архивски фотографии кои „отстапуваат и некако го покажуваат истражувачкиот карактер на проектот наспроти неговите авторски фотографии“.
„Ме импресионира фотографијата како медиум и посебно ми е симпатична кога можам да направам мои авторски фотографии и дополнително да не се задржам само на нивниот фотографски формат бидејќи така доаѓам до момент кајшто имам некаква интеракција со публиката. Времето може да ми покаже некои работи, да дојдам до некои архивски фотографии кои подоцна можат да ме одведат до тоа да можам да направам некои историски сихроницитет со нив. Сакам долгорочни проекти пред се поради документарноста и поради содржината затоа што тоа ми овозможува на некој начин да се впуштам во еден процес каде што можам подобро да се изјаснувам и да правам фотографски есеј или книги… или во било кој формат како во случајот“, смета авторот.
Од друга страна, на забелешката дека со фото книгата „Folded“ тој влегува во редот на ретките ( можеби е најмладиот) македонски фотографи кои зад себе оставиле ваков творечки документ, автори како Боро Рудиќ, Александар Кондев, Роберт Јанкуловски, Иван Блажев…Шекеров со надеж дека во иднина се почесто ќе гледаме фото книги од оние кои сериозно му се посветуваат на медиумот.
„Навистина е предизвик не само да ги направите фотографиите, туку и потоа да ги средите, моментот кога влегувате во печатница, текстот, серијалноста на фотографиите, наративот како ќе го изградите, кураторските работи, соработката со издавачот… Мислам дека ова е одличен предизвик за секого да има едно такво искуство, една таква пракса во творештвото“, заклучува авторот.
Кон ова само уште информацијата дека третата самостојна изложба на Зоран Шекеров „Folded“ доаѓа по деби претставувањето насловено „Глорија и Глорија“ од февруари 2017 во Националната галерија на Македонија, во објектот мала станица во Скопје и по „Титоизам – помеѓу носталгија и желба“, поставката за која беа фотографирани Македонци носталгичари по времето на поранешна Југославија и беше одржана во Арт-галери во Чикаго, во САД, една година подоцна.