ЉУПЧО ДОВИЧИНСКИ
Навистина станува патетично упорното инсистирање на малите партии да протуркаат исклучително неквалитетно решение за промена на изборното законодавство
Во држава во која кипти од наталожени проблеми тие својата смисла на делување и услов за останување во владиното мнозинство ја гледаат во изгласувањето на нивниот предлог закон. Предлог кој е штур, изграден на погрешни, би рекол и манипулативни премиси и кој содржински е многу празен. Притоа од неколкуте клучни барања на кои инсистираат, сите освен едно се веќе постоечки, само што нема кој да им каже. Имено тие бараат една изборна единица, пропорционален модел, без изборен праг и примена на Донтовиот метод. Кај нас постоечкиот модел веќе е пропорционален, без формален изборен праг и резултатите се пресметуваат по Донтовата метода. Е сега, не е една изборна единица туку шест, ама дали имаат аргументи за такво нешто.
Во образложението тие се повикуваат на искуствата и интенциите во околните држави и овде целосно ја промашуваат метата. Нити некој има ваков модел, нити некој се спрема да прави промени во таа насока. Напротив. Најприближен до нивниот предлог е изборниот модел во Србија, но со клучна разлика што кај нив постои изборен праг кој беше 5, за пред отприлика година дена да биде намален на 3 посто. Но помалку од ова никој не се ни осмелува да побара. Уште поважно, во Србија скоро па да постои консензус во политичката јавност дека постоечкиот изборен систем со една изборна единица е проверено лош и дека треба да се менува. Единствено останува да се избере најдобриот. Еден од посериозните предлози е постоење на повеќе изборни единици, слично како кај нас.
Во Хрватска постојат десетина изборни единици и отворени листи. Размислувањата за промени таму се во насока на зацврстување на пропорционалноста со воведување на три наместо еден пропорционален глас, и некои нивни локални специфичности околу вреднувањето на пратениците од малцинските листи. Словенија има специфичен изборен модел, во БиХ проблемите се сосема поинакви од кај нас, а Црна Гора исто така има изборен праг. Се на се, никој ни во околината, ни во ЕУ, кон каде што тежиме, нема таков закон каков што бараат малите партии.
Манипулативноста не завршува овде. Сите тие партии со години наназад тврдеа дека се залагаат за една изборна единица, но со отворени листи како врвен демократски дострел. Епа во предлогот отворени листи нема. Каде се изгубија во меѓувреме од нивното повеќегодишно промовирање до преточување во предлог законски текст, останува нејасно. Очигледно некој во одреден момент се сетил дека отворените листи носат одреден, иако реално не голем, ризик дека некој навистина квалитетен кандидат би можел да се протне и ставена е рампа. А бидејки сложни браќа и во петок мрсат, сите партии потписнички на предлогот ја сфатиле и прифатиле корисноста од оваа ситна, беззначајна промена.
Овде не сеневини ни големите политички партии. Тие наместо да излезат со аргументи и со дефинирани решенија, само пимплаат, пролонгираат и се добива впечаток дека и самите не знаат што точно сакаат. Просто е неверојатно никој од 120 те пратеници да не се занимава сериозно со материјата која е од првостепена важност за функционирањето на политичкиот систем и која директно влијае на начинот на нивниот избор. Ретките нивни излети во јавноста на оваа тема разоткриваат скромни познавања на темата и служи само за упорно бранење на однапред од некого дефинирани ставови.
Сепак, за малите партии е најважно дека спасот го бараат на погрешно место. За тие да бидат мали не е крив или заслужен изборниот модел. Парадоксално, симулациите покажуваат дека сепак подобро поминуваат во овој, за нив омразен, изборен модел отколку што би поминале со моделот кој што упорно го бараат. Нивниот проблем е што немаат јасна социјална и изборна база, од што произлегува неможноста да презентираат атрактивна понуда бидејки и не знаат кому се обраќаат и што треба да понудат. Затоа дел од нив можеби и ќе добијат по некој пратеник и со законот кој го предлагаат, но некои ги спасува само ако влезат во уставот.