Публиката со 15-то минутен аплауз го поздрави епринтот на едночинката на Малески „Ѓоре Магаревски“ јасно согледувајќи дека сега, со дневните афери за манијата по бугарски пасоши кај политичкиот и стопански врв
Во Битола се слават 80 години од формирањето на Народен теата
Со изведба на претставата „Ѓоре Магаревски 80 години потоа“, вечер на големата сцена „Благој Стефановски-Баге“, во Битола ќе биде одбележан јубилејот 80 години од формирањето на битолскиот Народен театар.
Во архивата на театарот е забележано дека на 14 ноември 1944 година во Битола изведена е првата претстава на македонски јазик, едночинката „Ѓоре Магаревски“ или „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески, во режија на Димче Стефановски, а веднаш потоа формирано е првото театарски јадро со Јорго Цаца, Вера Вучкова, Димче Стефановски, Ацо Стефановски, Мери Бошкова, Симо Георгиевски, Славче Матевски, Георги Карев и Јован Бејко.
Првиот македонски театар до 1980 година работи во стариот објект, каде денеска сведочи спомен плоча на која беше положено цвеќе, а со изградбата на НУ Центар за култура, сите генерации актери и останати вработени во театарот, работаат во новиот објект. Таму беше промовирана изложба на театарски плакат, постери и каталози, креирана од Христо Бојаџиев и Владо Ѓорески.
Од НУ Народен театар-Битола изложија и печатарот на кој во минатото се печателе промотивните театарски материјали.
Факт е дека и по осумдесет години, истите идентитетски прашања кои на времето ги измачувале партизаните и воопшто македонскиот народ, се поставуват, за жал и денес. Како потврда за ова се зема и едночинка на Владо Малески „Ѓоре Магаревски“ преку режисерско видување на тројца битолски режисери како роденденска претстава за 80-годишнината на Народниот театар од Битола.
Претставата укажа, според сведителите дека ако некогаш за пари или „мангари“ Ѓоре во минатото го продавал идентитетот, денес тоа е за бугарските пасоши. Така, Магаревски во српско време станувал Џорџе Магаревиќ, во бугарско Георги Магарев, за време на италијанската окупација Џорџо Азанини или на албански Георг Омали, за на крај во слободна Македонија да се нарече Ѓорѓе Магаревски. Не попусто Малески првично го именувал како „Петтоимениот Ѓоре“.
Иако претставата како основа има сериозна тема, таа се разобличува преку комични елементи, до таа мера што се претвора во урнебесна комедија и битолчани ги насмеа до солзи. Изградена е од три едночинки режирани од Благој Мицевски, Софија Ристевска-Петрушева и Јован Ристовски. Движејќи се од една приказна во друга, суровоста на народот да ги казни предавниците станува сè посилна.
Во претствата се појавуваат тројца Магаревци или народни кажано магариња, не случајно е избрано таквото презиме. Улогите ги играат врвните комичари Марјан Ѓоргиевски, Сашо Димовски и Никола Пројчевски. Тројцата на сцената понудија комичен раскош на глума и смешни фрази на српски, бугарски, италијански, македонски и албански јазик до таа мера што салата ечеше од смеа.
Инаку малку се знае дека зградата на Стариот театар била започната со градба во 1897 година, кога валија во Битола бил Абдул Керим–паша кој дошол во Битола во 1895 година. Во негово време биле преземени неколку клучни зафати, меѓу кои било решено да се изгради голема зграда во која требало да биде сместена тутунската режија и ѓумрукот за вино. Приходот кој би се добивал од овој објект би бил наменет за градската болница „Гураба Хаста Хане“ (Болница за сиромашни) изградена две години претходно. На местото каде требало да се изгради објектот се наоѓале турски гробишта, па на изградбата се противело турското население. Со наредба на валијата, во текот на една ноќ турската полиција ги довела сите затвореници со задача до утрото местото да биде рамно како „тепсија”. Во 1905 година завршила изградбата и објектот бил наменет да служи како театар и за други настани и манифестации.
Од 1905 година во театарот се одржувале претстави кои се разликувале од денешниот поим на театарски претстави и биле под силно влијание на театарот кабуки. Биле прикажувани едночинки со малку текст, но повеќе мимика, ритам и движење.
Првиот професионален театарски ансамбл во објектот работел од 1910 до 1912 или 1915 година, кога зградата била уништена во пожар.
Театарот кој работел во Битола имал потреба од наменски објект, па се покренала идеја за негова изградба. Бил формиран Иницијативен одбор на чело со претседателот на градот Драгиќ Пауновиќ кој подоцна бил заменет од Буда Будисављевиќ, и првата седница била одржана на 20 мај 1924 година. Планот го изработил младиот архитект Ванѓел Самарџиќ, подоцнежен претседател на Битолската општина, станал и надзорен орган и го подигнал театарот. Средствата за обнова ги обезбедиле Битолската општина, упрарвата на Битолската самоуправна област, Министерството за просвета, но донирале и обични граѓани. Кралскиот пар ја донирал завесата насликана од Милош Васиќ, сликар декоратер во Народниот театар во Белград.
Така, на местото на стариот изгорен објект во 1926 година била функционална нова театарска зграда во која до 1929 година функционирал театарот како дел на Скопскиот театар, по што целосно згаснал.
За време на Втората светска војна во зградата активно работел бугарскиот театар, прво како полупрофесионален, а од 1943 година како професионален
На 14.11.1944 година во зградата на новоформираниот Народен театар – Битола ја прикажал првата театарска претстава на македонски јазик по ослободувањето. Објектот бил реновиран во 1946 година и била доградена фасадата на објектот. Стариот театар бил срушен во 1980 година, по изградбата на Домот на културата во кој денес се сместени Центарот за култура и Народниот театар – Битола.
Театарот се состоел од приземје и два ката. Теоретичарите често го сместуваат во стилот на академизмот. По својата едноставност и избегнато натрупување, тој е еден од првите модернистички општествени објекти кои биле изградени на територијата на Република Македонија.
Ентериерот на гледалиштето на големата сцена било организирано во партер, ложи и балкони. Естетиката пак била прочистена од тешки декоративни елементи, во изразена белина, црвено кадифе и темна столарија.