Очигледно го фати курсот што отвора стари рани и не само за домашната употреба, сега се отвора и една друга пандорина кутија на внатрешна поларизација
Политикологот Борјан Ѓузелов во интервју за Слободен печат зборуваше за заклетвата на новиот претседател на државата, Гордана Сиљановска Давкова и неупотребата на уставното име на државата.
„Пред да ја даде заклетвата имаше дилеми кој курс ќе го фати Сиљановска Давкова и очигледно го фати курсот што отвора стари рани и не само за домашната употреба, сега се отвора и една друга пандорина кутија на внатрешна поларизација односно кој е за кој е против за користење или некористење на уставното име, кој е патриот а кој предавник и мене ме плаши да не се вратиме на тие поделби“, вели тој.
Ѓузелов рече дека иако пораките на ВМРО-ДПМНЕ и на Давкова во кампањата звучеле сплотувачки, сепак уште на почетокот на мандатот од таа партија излегуваат некакви тоскични елементи,
„Иако пораките и на Христијан Мицкоски и на Давкова пред изборите беа прилично сплотувачки, дека ВМРО-ДПМНЕ ја научило лекцијата од претходно, дека нема да пушта такви токсични елементи во јавноста како што беа случаите во времето на Груевски, сега се става знак прашање и на тоа. Барем Сиљановска да не кажеше никогаш нема да изговорам Северна тоа е екстремен став и зошто тогаш сте кандидат да бидете носител на јавна функција на државата со тоа име“, порача Ѓузелов.
Ѓузелов оцени дека иако Договорот од Преспа не довел до почеток на преговорите со ЕУ, сепак со него е направено историско релаксирање на односите меѓу Македонија и Грција.
Преспанскиот договор донесе историско релаксирање на односите меѓу народите во Македонија и Грција и сега со последните потези ние правиме контрауслуга и на Македонците кои се од таа страна на границата, дали нам навистина ни треба отворање на оваа пандорина кутија“ рече тој.
Со последните потези против овој Договор, смета Ѓузелов ние ризикуваме нови вета од Грција и други членки на ЕУ.
„Дали тоа нас ќе не направи погорди или можеби тврдоглави и таа тврдоглавост на чија штета ќе биде? ЕУ ќе продолжи без нас, Грција ќе продолжи без нас. Сето тоа повторно е на наша штета. И една друга работа, кога се зборува за речиси плебисцитарната поддршка за Сиљановска Давкова од 560.000 гласови, не сите од тие гласови се гласови на ВМРО-ДПМНЕ и не сите тие гласови на ВМРО-ДПМНЕ се радикално против Преспанскиот договор“, посочи Ѓузелов.
Тој порача дека е невозможно ВМРО-ДПМНЕ да го поништи Договорот од Преспа, затоа што тој е клучен за продолжување на евроинтеграциите на државата.
„Основен услов за евроинтеграциите се почитувањето на договорите, вклучително и Преспанскиот, така што не гледам простор и можност за такво екстремно сценарио, ниту пак мислам дека тоа е вистински посакувано, дури и од најрадикалните струи во ВМРО-ДПМНЕ“, порача Ѓузелов.
Според него, евроинтеграциите се уште имаат силна мнозинска поддршка во македонското општество, иако голем дел од граѓаните се разочарани од одлуките на ЕУ во однос на нејзиното проширување.
„Македонија е мултиетничка држава, албанскиот електират е изразено прозападен, исто така и кај Македонците има мнозинска поддршка за евроинтеграциите“, смета Ѓузелов.
(слободен печат)