Поетот кој одигра значајна ролја во свртувањето на макдонската литература кон модерните трендови не беше особено восхитен ако потреба да го фатат рефлекторите. Нив ги немаше ниту во часот на неговата смрт
Академик Богомил Ѓузел замина тивко од светот на живите. Се чини дека тој така и живееше, обидувајќи се да не подигнува прав со своето присуство, одбирајќи ги дури и оние работни места (или тие го бираа него?) каде можеше да се филтрира реалниот дострел на неговите потенцијали од фактот дека е можеби во животот поважни да си под светлината на рефлекторите.
Нашиот професор по македонски јазик во гимназија, одамна покоен, често го покануваше да чита поезија и едноставно да разговара со него за литературата (втора половина на 60-тите), се додека една баналност не се испречи меѓу поетската реч и потенцијалната публика- неговата брада. Имено професорот инсистирал, како што ни кажа тој самиот Ѓузел да ја избричи својата позната брада (како што се дефинираше тогаш – брада од академски тип) а тој гордо одбил да се повинува на секакви правила кои се измислица на светот кој тој не сакаше да го респектира
Оваа баналност не би била битна ако тој стана со тој чин близок до улчениците кои во времето на зачетокот на рок културата не мораа да се кријат пред строгите очи на професорите заради подолгите коси, па дури и бакенбарди.
Нејсе, деновиве се враќа тоа чувство дека веста за смртта на Ѓусел (82 г.)не доби некаков посебен одглас пред се меѓу неговите колеги, од групата на независните писатели, па и од „конкурентското“ ЗНМ, каде што сепак делуваше едно време Или од Националната библиотека, Драмскиот театар … Има и исклучоци, како на пример проф. Шелева, која е присутна во неколку медиуми со свои омажи, но дали е тоа доволмно? Вистина е дека МАНУ одржа комеморација пет дена после смртта, но никаде немашше вест за тоа! Дури и како он лајн изведба таа можеше да биде просутна во медиумите, кои како и во поголем дел од нетовиот живот го одмолчаа…
„Академик Богомил Ѓузел беше интелектуалец од светски ранг. Природноста и спонтаноста беа негов поетски идеал“, рече академик Влада Урошевиќ на онлајн комеморација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). „Ѓузел беше познавач на странски јазици, информиран, со богата култура и широчина на своите погледи и рано стекната интелектуална зрелост. Тој се бореше за ослободување од конзервативните стеги, посебно во поезијата. Во годините подоцна тој се откриваше, се менуваше, постојано се преиспитуваше. Него го красеше самостојност на мислењето, а неговата голема страст беше оспорувањето на авторитетите. Така им пристапуваше на големите теми во минатото, секогаш сомневајќи се. Ѓузел е интелектуалец кој во поезијата сакаше да се ослободи од својот багаж. Тој беше неповторлив, исклучителен и делото кое останува по него ги носи сите тие одлики. Останува неговиот обемен опус, поезијата, прозата, препевите кои ги чекаат идните негови толкувачи, интерпретатори“, истакна академик Урошевиќ по оцвој повод.
Секако Богомил Ѓузел, поет, раскажувач, драмски писател, есеист, не заслужува скромен одглас. Пред се како значаен припадник на третата повоена генерација македонски писатели, онаа генерација што се појавува во втората половина на педесетите години на дваесеттиот век и која со своето дејствување ќе изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската литература, придонесувајќи за победата на оние сили кои се бореа за проширување на хоризонтите на творечките слободи и за внесување на македонската култура во Европа и во светот.
Во официјалната биографија стои дека академик Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Чачак, Србија. Дипломирал во 1963 година на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје. Во 1963–1964 година работел како ТВ реализатор во РТВ Скопје. Во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург, како стипендист на Британскиот совет.
По враќањето, од 1966 до 1971 година, работел како драматург во Драмскиот театар, Скопје, потоа од 1971 до 1973 година, како програмски директор на Струшките вечери на поезијата. Од 1976 година работи како библиограф во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а од 1985 до 1999 година, како драматург во Драмскиот театар, Скопје. Од 1999 година е в.д. директор на Струшките вечери на поезијата, до пензионирањето во март 2004 година.
Во меѓувреме бил сeкретар на Македонскиот ПЕН центар (1963–64), секретар на Друштвото на писателите за односи со странство (1970–72) и еден од основачите и прв претседавач на Независните писателите на Македонија (1994), на чиј двомесечник за литература и култура „Наше писмо“ е главен и одговорен уредник од неговото основање во 1995 година., до згаснувањето пред четири години.
Учествувал на Интернационалната програма за пишување во Ајова Сити, САД (1972/73) и на меѓународните поетски фестивали во Ротердам (1978 и 1995), Сан Франциско (1980), Херлен (1991), Магар, Израел, (2001), Мастрихт и Валенсија (2002), Берлин (2006), Лодев (2007), Сараево (2008), Загреб (2009), Вилнус (2010), Истанбул (2011).
Творечкиот опус на Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл., 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. За творештвото на акад. Ѓузел се напишани и голем број на критики и осврти, како од домашни, така и од странски автори.
Есеите кои акад. Ѓузел ги објавуваше во периодиката и дел од кои се собрани во книгите „Историјата како маштеа” и „Бовча”, ни го покажуваат овој автор не само како еден извонредно луциден интелектуалец, кој поседува висока доза на информираност и на сестрано образование, туку и како творец кој на прашањата што ги зема во средиштетото на своето внимание знае да им најде оригинален и често неочекуван аспект. Овој вид текстови на акад. Ѓузел се плод на упатеноста на овој автор во суштинските прашања на нашата епоха, како и резултат на неговата страсна желба да им најде одговор кој ќе биде во согласност со неговите етички и естетски сфаќања. Ставот на акад. Богомил Ѓузел е секогаш став на еден вистински ангажиран интелектуалец кој сака да ги изнесе своите погледи јавно и гласно, и тогаш кога тие, според сите предвидувања, не би можеле да очекуваат да бидат пречекани со сеопфатна согласност. Европската ориентација, интелектуалната луцидност и универзалната широчина им обезбедуваат на неговите есеи едно траење кое далеку ги надминува околностите во кои тие се пишувани и поводите кои го предизвикале нивното појавување.
Кога се зборува за овој вид на творечки ангажман на акад. Ѓузел, секако не може да се испушти од предвид манифестот „Епското на гласање” (потпишан и од поетот Радован Павловски), во кој овој автор на еден мошне оригинален и провокативен начин ги изнесува своите ставови кои се однесуваат на сфаќањето на поезијата, на творечкиот чин како и на прашањата поврзани со културната и поетската традиција. Овој манифест одигра значајна улога во формирањето на македонската културна клима во тој миг и го покажа самостојниот однос на неговите потписници кон официјалната идеолошка и политичка матрица која во тој период важеше како општоприфатена. Појавата на овој поетски проглас предизвика еден голем бран на љубопитство за македонската поезија во некогашните ју-простори, и во круговите на книжевната наука сé уште е објект на истражувања и анализи.
Акад. Богомил Ѓузел е несомнено наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. Високопрофесионалиот однос кон комплексните проблеми што се отвораат при преводот на поетските дела од класиката, совесноста и истенчениот вкус го красат овој дел од творечката дејност на овој автор. Благодарение на неговиот преведувачки ентузијазам, на јазичното мајсторство и на еден навистина студиозен пристап, на македонски јазик, во негов превод, се приопштени најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир (вкупно, осумнаесет). Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т.С. Елиот, В.Х. Одн, Волт Витмен, Е. Дикинсон, Езра Паунд, В.Б.Јејтс, Шејмас Хини и др. а и составувач (заедно со Луис Симпсон и Серж Фошро) и преведувач на една сериозна и откривачка Антологија на современа американска поезија.
Акад. Ѓузел е добитник на најзначајната книжевна награда „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга помеѓу две Струги (двапати) и наградата за преведувачки опус „Кирил Пејчиновиќ”. Исто така, добитник е и на главната награда на Меѓународната писателска средба во Загреб 2002 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.
„Лично го запознав Богомил Ѓузел токму годината кога беше основано Здружението на независни писатели, во 1994 година, тоа беше на почетокот на нашата бурна транзициска фаза. Во тоа време издадовме една повелба во која се залагавме за отфрлање на национализмот, за отфрлање на провинцијализмот, на секаква манипулација со естетските вредности на литературата во полза на некакви тесно политички интереси. Ова Здружение делуваше во насока на тоа да се обнови замрената соработка со сродните здруженија од регионот, бидејќи и во Србија и во Хрватска постојат слични книжевни здруженија. Како резултат на тоа почна да излегува списанието „Наше писмо“, а Богомил Ѓузел беше уредник на редакцијата. Инаку, Ѓузел го паметам пред се’ по неговата невидена писателска страст, иако беше болен, до последниот миг бараше нови книги – од новите нобеловци до новите списанија, беше редовно претплатен на американски книжевни списанија, а исто така го интересираа теми од историјата и други теми од културата И кога се работи за Струшките вечери на поезијата, Богомил Ѓузел има дадено навистина голем влог. Тој беше директор на фестивалот од 2000 до 2005 година, претходно беше уметнички директор и член на Советот на СВП, неговиот влог особено се гледа во отворањето на Струшките вечери кон оние литератури и автори кои доаѓаа од запад во периодот на 60-тите и 70-тите години, особено од Америка. А судбината сакаше 13 години по Богомил Ѓузел и јас да се најдам во Управниот одбор на Струшките вечери и можам да кажам дека му се обраќав за драгоцени совети кога имаше потреба, бидејќи тој активно ги слетеше сите текови на современата македонска книжевност“, вели за Утрински брифинг професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Елизабета Шелева.
Таа додаде дека иако Богомил Ѓузел е македонски писател, неговото творештво е со универзален предзнак за човештвото и културата и затоа го читаат и го уважуваат и надвор од нашите граници, а неговото творештво допрва ќе се проучува“.
Почина три и пол години по смртта на неговата животна сиопатничка Лилјана Дирјан; на ѕидот во неговата кујна секако стојат рецептите за некои чудни, главно медитарански оброци. Нивниот син е денес угледен политичко-економски аналитичар. (Љ.К.)