ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Многу е подбивно, понижувачки кон народот кога маржата за боичките е лоша, а за храната е добра. Да сме живи и здрави, вистината уште не удрила по народот, а кога народот ќе се удри од тој ѕид
Вистината има една непријатна навика да биде изненадувачка и поневеројатна отколку некоја нејзина модифицирана варијанта. Изгледа како сите да се застрашени да не случајно некогаш бидат неподготвени за неа, иако таа секогаш им се одвива пред нос. Од друга страна, пак, ретко која работа има таков консензус на почит и посакување, затоа што никој не сака да биде излажан. И децата ги учиме да бидат вистинољубиви како што и нас нѐ учеле, меѓутоа децата се највешти во препознавањето на кревањето коса на главата на родителот, уште во првите наносекунди при раскажувањето како нешто се случило.
Деновите на одбрана од свои и туѓи страдања заради вистината почнуваат рано и со тие лаги започнува осознавањето колку нејзината апсолутност не соодветствува на овој неидеален човечки свет. Но, токму најраните лаги покажуваат најголем обзир кон вистината. Секој што лаже, всушност, ја знае вистината и применува само спротивност на вистината со наивна цел – да ја поништи во туѓите очи. Точното станува неточно, а неточното – точно, во бинарна размена. Затоа и лагата доста брзо се открива, просто, нема многу комбинации од веројатности како нешто се случило. Всушност, лажењето е за мали деца бидејќи намерноста да се измени вистината прилично несмасно се треснува од упорноста на причинско – последичното ткаење на самата реалност. Со други зборови, во натпреварот на туркање раце меѓу конкретна вистина и нејзината негација, победува вистината, затоа што останатите околни вистини ја поддржуваат.
Лажењето е за мали деца бидејќи намерноста да се измени вистината прилично несмасно се треснува од упорноста на причинско – последичното ткаење на самата реалност. Со други зборови, во натпреварот на туркање раце меѓу конкретна вистина и нејзината негација, победува вистината, затоа што останатите околни вистини ја поддржуваат.
Но, има „креативци“ по прашањето на деидеализација на вистината, користејќи ја токму нејзината неприлагоденост во неидеалниот свет. Не мислам на релативизирање на вистината, иако конзервативните интелектуалци пуштаат и такви летки, туку на гаснење на нејзиниот апсолутен, идеален ореол којшто го насочува човека да се стреми кон неа. Некој има моќ да создаде перцепција на конзистентност типична за вистината низ ткаење од невистини, на местото на вистините кои би ја поддржале онаа вистина која нему му пречи. Професорот Хари Франкфурт од Принстон универзитетот, познат по придонесот во етиката и филозофијата на умот, става таков концепт во зборот bullshit. Концепт кој не претпоставува лажење, туку однос на немар кон вистината. Неговиот есеј „On Bullshit” од 1986 г. во специјализираниот магазин на Ратгерс универзитетот, го разработува во популарна книга со истиот наслов во 2005 година. На нашки, bullshit е сличен со „мачкање очи“ плус „јадење бурек“, односно манипулација, чија цел е измена на перцепцијата на одредена (поширока) стварност. Иако професорот го користи зборот bullshit заедно со bullshitter, за опишување на концептот за деструктурирање на вистината преку немар за неа, ми се чини дека зборот „манипулација“, а за обработувачот – „манипулант“ се појасно асоцирани со поимите дезинформација, мисинформација, поствистина и сличните поими што означуваат интерактивни измами во перцепцијата на вистината, со оглед дека целта на сите такви измами е измена на реалноста надвор од здраворазумното резонирање, во претпоставка за многу тесна корист (на штета на колективот).
Овој феномен малку тешко се проучува бидејќи оној кој анализира мора од птичја перспектива да се однесува кон вистината. Тоа што манипулантот го прави не е баш директно како што е лажењето. Имено, затоа што манипулантот нема намера да се замара со разбирање на вистината, тоа создава парадокс за оној кој ја мери измамата со помош на реперот – вистина. Затоа, веројатно е покорисно манипулацијата (bullshit- от) да се мери од границата до (и од) која манипулантот јаде буреци. Таа граница ја идентификуваме секој ден – тоа е меѓата на таканаречената „поларизација” во општеството, која суштински – духовно и умствено – ги разделува манипулираните (заедно со манипулантите), од оние кои тоа не се. Таа меѓа е односот кон незаокружените концепти и воедно е и лимитација на моќта на манипулантот. Незаокружените концепти не се целосна вистина, но не секој остава да се протне лага на празните полиња. На пример, рамноземјашите протнуваат лага во своето незнаење, претпоставувајќи прво дека топчестиот облик на Земјата е само постирана вест што не може да ја верификуваме, па земаат за точно нешто што е спротивно, пак без верификација. Меѓутоа, можеме да ја верификуваме вистината, има многу постапки со кои може да се измери закривеноста на тлото на кое се наоѓа набљудувачот и покрај тоа што не ја гледа целината. Тие постапки кореспондираат со методите на внатрешната Риманова геометрија од пред век и пол, од кои некои и од мислителите на античка Грција. Така, со тоа што незаокружените концепти редовно имаат недостаток на точна информација, во тие празнини се наметнуваат многумина со разни количини на бурек за да ни ја „избистрат“ сликата. Мислам дека е очигледно веќе, љубителите на чисти концепти (конзервативни, десни) тоа „избистрување“ не само што го дозволуваат, туку и го бараат, го посакуваат, не можат да живеат без да биде „сигурно“.
Како и банкарските „производи“ и оваа ориентација се обидува да се осигури од непредвидливоста во иднината. Но, како може за нешто во иднината да се зборува за вистина? Со проблемот на идни непредвидливости се занимавале старите Грци (Аристотел, Мегаријанската школа), просветителите (Лајбниц особено) преиспитувајќи од тоа дали воопшто имаме слободен избор, до модалната и темпоралната логика денес. До вистината во иднината потребни се уште информации, до моментот на случување и затоа ова секој настан во иднината го прави незаокружен концепт. Но, во општеството десно ориентираните немаат нерви да се носат со незаокружени концепти и секогаш романтично си ги бараат оние кои ќе им ги заокружат со што било. Макар и со буреци.
Либералните прогресивни имаат толеранција кон незаокружени концепти, но несигурните времиња бараат поголема работа од нив во интерес на светот (или државата, па и помал колектив) и не би смееле да заспијат над незаокруженостите. Вистината се декодира од чекор во чекор тековно како иднината се прелева во сегашност, инаку булшитот на некои кои имаат моќ да го пропагираат критично ќе ја замени вистината, со што реалноста која надоаѓа станува сѐ побесмислена и логички неповрзана. Односно, единствен начин што човекот го знае за да ја предвиди реалноста е да работи со (точните!) информации во сегашноста, за во иднината максимално можно сигурно да се случи тоа за што работел.
Многу ѝ благодарам на извршната власт што ме инспирираше за ова размислување со своите секојдневни рафали од лаги, оној вид како што децата ги прават.
Така, многу е неоправдано што манипулантот предизвикува помалку лутина, отколку лажгото кој ја сфаќа вистината, бидејќи манипулантот има за цел да ја промени иднината во свој интерес, но многу често на штета на другите. За да постигне ткаењето околу некоја вистина да биде занемарена, манипулантот сигурно има некој вид на моќ над луѓето, за да може да ја пропагира таа манипулација. Така, граѓаните во секоја држава се инволвирани во мачкање очи претежно од политички манипуланти – дали поседувајќи ги институционалните алатки за присила, односно извршната власт, дали преку големи организации – партии, кои делумно се вклучени во законодавната власт и/или „симпатиите“ од медиумите. Мачкањето очи од секогаш постоело, но областите на доследност на ткаењето на конкретна измама не можеле многу да пораснат без алатка која има голема моќ на пропагација – телевизија, медиуми, интернет… Манипулацијата станува консензус кој во свој интерес се одвојува со дебел ѕид од консензусот за фактичката вистина. Манипулантите се „лидери“ кои мачкаат очи и јадат бурек, но следбениците му веруваат на „лидерот“, на секој бурек што ќе го изеде без оглед колку голите факти го побиваат. Вистината станува непријател заради непредвидливоста, немирот, маката да се дојде до неа, па „лидерот” станува пријател.
Ниеден војсководец, ниеден режим, ниеден диктатор не можел да се справи со ова лимитирање и секој режим помалку или повеќе насилно паѓа кога ќе го преплави ткаењето на вистината. Некои диктатори се вешти подолго време да интерферираат со вистината манипулирајќи со неа внимателно и умерено, па дури и беневолентните диктатори, кои успеваат да вплетат повисок интерес за народот, може да му наштетат со манипулации на истиот народ, иако мислата навистина му била за доброто на народот. Ѕидот на вистината е тука колку и да не бил видлив претходно и подобро за моќните е да бидат на него, колку и да им се чини неопходно да го држат што подалеку. Всушност, моќните се во збрка од својата слобода која постојано им изгледа лимитирана. Секој диктатор сака да биде господ, но таква омнипотентност е можна само за иделните концепти, како што е вистината, а не за неидеалните суштества. Манипулантот може на многу нишки од ткаењето на вистината да боцне ознаки за „точно“ и „неточно“ без никаква врска со вистината, може многу нишки да искине, но ниедно неидеално (т.е. многу далеку од идеалното) нема капацитет да се избори со идеални концепти. Некој ќе рече – но доволно е да биде само малку повеќе од стандардната капацитираност на човекот – и ќе може, на пример, некоја многу развиена вештачка интелигенција да владее со сите луѓе. Не е идеална, но е повеќе идеална отколку човекот. Но, сметам дека степените на било кој или што до идеалност кои би биле над човекот, пак не можат да се натпреваруваат со вистината, сепак имаат лимитација и тој ѕид некој некогаш ќе го пробие. Тоа е и проблемот на диктаторот – сака да биде Супермен, но без криптонит.
Многу ѝ благодарам на извршната власт што ме инспирираше за ова размислување со своите секојдневни рафали од лаги, оној вид како што децата ги прават. Не можам да ги набројувам, сите ги знаеме, но факт е дека се прости лаги. Не може да се почитува, на пример, таква гола невистина како што беше лагата дека образовните асистенти започнале со децата – тврдење што немаше елементи на идно време, туку просто бесрамно се тврди нешто што не е точно. За оние работи кои претходно во облик на осигурување на непредвидливоста на иднината ги уверуваа граѓаните во земски рај, во исто време имаа увид во сѐ со техничката влада. Ова ги прави сите нивни тврдења за сопствената способност – детска лага. Денес, обидувајќи се да потстават и малку булшит на лагите, ги направија уште попровидни и сета мака изгледа како точка во претстава наменета да биде драма, но добива весел шмек на комедија. Тоа е всушност тажното во оваа земја. Она што сега се случува е далеку од внимателно манипулирање со вистината кога за десетина недели вистината им дошла до гуша. Некои велат режимот се вратил, но тоа е смешно после ваква провидност. Она што шокира е што изгледа дека последниве неколку години се манипулирале сами себе, навистина си верувале во буреците со кои ги хранеа народните маси, инаку немаше да дојдат во позиција да се не-извинуваат со глумење на симптоми на болест, или жалби и поплаки од други, или работи како смешната мерка од вид – после свадба повелете цртани тапани (маржата за боичките). Последново е ненамерно поттикнување за „кој не си ги врши работите на време – тој е во добивка“. Многу е подбивно, понижувачки кон народот кога маржата за боичките е лоша, а за храната е добра. Да сме живи и здрави, вистината уште не удрила по народот, а кога народот ќе се удри од тој ѕид…